Македонија

Стопанска комора: Потребна е нова стратегија во прехранбената индустрија

11 фев 2020

Изминатите 30 години ја девастиравме преработувачката индустрија, таа допрва ќе треба да го најде својот пат кон извозот и конкурентноста. Креаторите на политиките посветуваа(т) многу малку внимание на овој сегмент, за разлика од другите земји во регионот, а доволно беше само да го следиме словенечкиот пример на преструктуирање на земјоделството. Сé уште сме нето увозник на храна, немаме доволно суровина и квалитет, далеку заостануваме зад европскиот просек, а во пласманот надвор доминираат производи со ниска додадена вредност (свежо овошје и зеленчук), беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора.

Според експертите, немаме фокус, ниту дефинирани приоритети. Недостигаат стручни анализи за побарувачката поради што не ги користиме расположливите потенцијали (упорно извезуваме јаболка и праски, а не ја воочуваме потребата на пазарот од бебешки кашички од јаболка и праски).

Како што истакнаа професорот Дарко Лазаров од Универзитетот „Гоце Делчев“ и претседателот на Здружението за земјоделство во Комората, Ѓорѓи Петрушев, мора да се пренасочиме од производи со понизок, кон производи со повисок степен на финализација, од примарно производство кон преработка. Неопходно е градење нова стратегија во прехранбената индустрија, селектирање на компаниите и производите со најголем развоен потенцијал. Извозот кој засега е сведен на неколку групи производи, може да се прошири на многу повеќе. Притоа, водечки би биле конзервната и пекарската индустрија.

Клучните препораки се: креирање промотори за извоз во прехранбената индустрија, промена во начинот на субвенционирање, односно распределба на субвенциите според постигнат квалитет, воведување нови технологии и насочување на поддршката за рурален развој кон постојните компании кои може да бидат носители на тој развој и кои се подготвени да вложат на рационален, продуктивен и профитабилен начин.

Изминатите 28 години не супеавме да изградиме консензус за преработувачката индустрија. Не се случува случајно оваа деиндустријализација. Сите креатори на економски политики, повеќе или помалку беа фокусирани на побарувачката – како преку брзи мерки да се стигне до краткорочен ефект во економијата, рече Лазаров.

Според него, извозот во преработувачката индустрија, посебно на малите препријатија од конзервната индустрија, како и нивните маркетинг капацитети, не се доволни.

Целта на мерките за поддршка на руралниот развој што се применуваат повеќе од една деценија беа првенствено насочени кон обезбедување доволна количина суровина за преработувачката индустрија и за извоз. Но, и по повеќе од десет години, сè уште сме во фаза каде со исклучок на тутунот, во останатите гранки од земјоделството не сме дојдени ни до доволно количини за преработувачката индустрија, а камоли да зборуваме за квалитет и конкурентност – области во кои за нас постојат големи предизвици и во кои има голема потреба за унапреудвање, рече Петрушев.

Според последното истражување на Здружението за земјоделство изготвено во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“, лани вкупниот извоз во земјоделството бил 210 милиони евра од кои 35 милиони се примарни производи од животинско потекло и 175 милиони од растително потекло (овошје и зеленчук). Вкупониот извоз на прехранбената индустрија изнесувал 410 милиони евра во кои најголемо учество имаат тутунот и производите од тутун, пијалаците (пред сé вино), како и месната, кондиторската, пекарската, конзервната и индустријата за здрава и храна за животни.

Квалитативната анализа покажува дека помалку од 1.500 комании во преработувачката индустрија се извозни. Вупниот извоз во примарното земјоделство го создаваат 110 компании, а во прехранбената 164 компании (50 компании во индустријата за пијалаци) или 323 компании имаат извозна активност.




Слична содржина

@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.