Македонија

Германски компании сакаат да инвестираат во Македонија, но работниците отидоа во Германија

20 јан 2020

Германските компании сакаат да инвестираат во Македонија, но нема доволно квалификуван кадар, бидејќи работниците заминаа за Германија. Од март годинава Германија ги отвора вратите за младите квалификувани работници од трети земји поради што се очекува уште поголем одлив на младите квалификувани работници од државата.

За да се запре овој процес на масовна миграција од Стопанската комора предлагаат примена на дуално образование, повисоки плати и подобри услови за работа.

Компаниите во Германија бараат квалификуван кадар, а германските инвеститори тука исто така бараат квалификуван кадар. Постојат конфликтни интереси. Затоа работните места во земјава треба да се направат попривлечни за да успеат да ги задржат работниците тука. Германските инвеститори се обидуваат да се прошират не само во автомобилската индустрија, туку и во другите индустрии и да придонесат до раст на платите, изјави Ото Граф, заменик амбасадор на Германија во земјава. 

Според него, инвеститорите доаѓаат во Македонија поради пониски трошоци и поевтина работна сила, но се засегнати од овој проблем. Германските компании во Македонија нудат подобро здравствено осигурување, превоз и високи плати кои го пратат растот на продуктивноста.

Од Западен Балкан годинава ќе се примаат и лица со пониски квалификации. Миграцијата е процес кој не може да се запре. Генерално во земјава се издаваат 10.000 визи за Германија по различни основи, вели Граф и додава дека не може да се споредуваат македонските и германските плати, бидејќи во Германија трошоците се повисоки.

Елена Милевска-Штрбевска од Стопанската комора вели дека иницијативата за спречување на масовната миграција и изнаоѓање решение за квалификувана работна сила поттикна токму од германските инвеститори. Според неа, за да се реши овој недостиг од квалификуван кадар покрај дуалното образование, доквалификација и преквалификација потребно е да се јакне јавната свест за запишување на младите во средно стручно образование.

И во странство не се сјајни условите. Некои од работниците кои заминале сега се враќаат поради високите трошоци за живот и измами од страна на агенциите за ангажирање на работници во странство, рече Милевска Штрбевска



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...