Македонија

„Алкалоид“ предвидува пораст на повеќе сегменти во 2020 година

08 јан 2020

Компанијата „Алкалоид“ за 2020 година планира нето-добивка од 18.250.000 евра, покажува бизнис-планот за 2020 година објавен на Македонска берза.

Планираниот биланс на успех предвидува пораст од 10% на консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (EBITDA). Консолидираната нето-добивка е предвидена со пораст од најмалку 7% во однос на очекуваната за 2019 година.

Во однос на приходите од продажба, бизнис-планот за 2020 година предвидува консолидирани продажби од над 190 милиони евра, што претставува пораст од 7% во однос на очекуваните за 2019 година. Анализирано по профитни центри, 86% од консолидираните продажби се очекува да ги реализира профитниот центар Фармација, а 14% профитниот центар Хемија, Козметика, Билкарство.

Како што стои во соопштението, „Алкалоид“ во 2019 година почна со инвестиции во нови производни одделенија на површина од 7.000 метри квадратни. Тоа ќе овозможи зголемување на капацитетите за производство за најмалку 50%, односно од сегашниот капацитет од речиси две милијарди таблети и капсули годишно, на повеќе од три милијарди парчиња цврсти фармацевтски форми. Вкупниот износ на инвестицијата е проценет на 11 милиони евра. Со комплетирање на оваа инвестиција, планирано за првата половина од 2020 година, ќе се создадат услови за реализирање на околу 200 нови вработувања во сегментот Фармација.

За 2020 година, предвидена е финализација на проектот за гасификација на локалитетот „Алкалоид“ – Ѓорче Петров со цел подобрување на енергетската ефикасност и намалување на штетни емисии во воздухот. Проектот е вреден над еден милион евра. Исто така, планирана е набавка на нова машина за пакување на филтер чаеви во вредност од 1,3 милиони евра во сегментот Билкарство.

За 2020 година се очекува околу 100 нови вработувања, како и 50-тина вработувања во друштвата во странство.

Компанијата има 1.620 вработени во земјата и 492 во подружниците и претставништвата во странство.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...