Македонија

ССМ: Работодавачите од приватниот сектор да исплатат K-15

08 ное 2019

Задолжителна е исплатата на регресот за годишен одмор воспоставена со Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Работодавачите треба да ја реализираат до крајот на годината, соопштија денеска од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

ССМ заедно со Организацијата на работодавачите, со потпишување на Спогодбата за измени и дополнување на ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството во 2013 година го уредија правото на регрес за годишен одмор за вработените во приватниот сектор.

Согласно член 35 од ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството регресот за годишен одмор се исплатува во висина од најмалку 40 проценти од основицата, под услов работникот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавач. Основицата за пресметување на надоместоците на работниците преставува просечната месечна нето плата по работник, исплатена во последните три месеци, стои во соопштението.

Од ССМ нагласуваат дека службите за бесплатна правна помош на ССМ во Скопје и во регионалните синдикални претставништва  обезбедуваат правна помош и заштита и за ова право од работен однос.

За неодговорните работодавачи кои не исплаќаат регрес за годишен одмор или бараат од работниците да ги вратат исплатените средства по овој основ, Кривичниот закон предвидува затворската казна до 1 година. Оваа законска обврска дополнително ќе придонесе за заштита и остварување на ова уставно и законско право на работниците, велат од Синдикатот.

ССМ очекува како резултат на зајакнатата санкциона политика и измените на Кривичниот закон да се елиминираат и оние појави каде што имаше практика исплатата да се изврши формално, а потоа да се враќаат средствата бидејќи и ова е предвидено во Кривичниот закон за што следува казна согласно член 166 нов став 2, кој гласи: Тој што ќе побара од работник да му врати или ќе прими одреден износ од плата или други надоместоци исплатени од работодавачот, ќе се казни со затвор од три месеци до една година. На работниците на кои нема да им биде исплатен регресот за годишен одмор им укажуваме дека можат да побараат интервенција од Државниот инспекторат за труд , или пак да покренат судска постапка за заштита на своите права“, стои во соопштението од Сојуз на синдикатите на Македонија.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...