Македонија

Раст на продажбата на „Тиквеш“ на домашниот и на странските пазари

03 мај 2019

Трендот на позитивни деловни резултати на Винарската визба „Тиквеш“ остварен во изминатите години, продолжува и во првиот квартал од оваа година.

Во првото тромесечје од 2019 година, продадени се над 2,5 милиони литри вино и ракија што е за 12,1 отсто повеќе во споредба со истиот период минатата година. Покрај раст на продажбата на домашниот пазар, продолжува да расте и извозот. Најзабележителен е порастот на пласманот на пазарот во Бугарија, 313, 7 отсто во првиот квартал, по што следуваат: Хрватска, со раст од 310,8 отсто, Црна Гора, каде растот е 32,9отсто, Косово, со 25, отсто како и пазарот на САД, каде е забележан раст на продадените количини од 76,8 отсто.

Ваквиот пораст во продажбата донесе и раст на приходите за 12,4 отсто, при што тие надминаа вредност од 353,4 милиони денари. Растот на приходите од остварената продажба на домашниот пазар изнесува 10 отсто, а на странските пазари  е 16 отсто.

Најголемо зголемување на продажбата се забележува кај „тероар“ вината и тоа за 109 отсто. Следуваат вината од линијата „класик“ со зголемување на продажбата од 24 отсто, како и вината од премиум сегментот каде е забележан раст на продажбата од 14 отсто.

Коментирајќи ги постигнатите резултати на компанијата во првите три месеци од годината, генералниот директор на „Тиквеш“, Радош Вукиќевиќ изјави: Задоволни сме од оствареното во првиот квартал. Тоа ни овозможува да го одржиме континуитетот на позитивни резултати од минатите години и ни обезбедува солидно ниво на сигурност за реализација на нашите амбициозни деловни планови. Конкретно, ваквите позитивни резултати ќе ни овозможаат да продолжиме со интензивните вложувања во натамошна модернизација на процесите во винарницата, во примарното производство и обновување на сопствените лозови насади, како и во натамошно проширување и освежување на нашето портфолио на врвни вина, со што ќе продолжиме да им го нудиме на консументите она што тие го очекуваат и посакуваат.

Неревидираниот финансиски извештај за првиот квартал од оваа година покажува и раст на бруто добивката од 12,1 отсто, што е резултат пред сé на остварениот пораст на приходите од продажба.