Актуелно

Горан Теменугов: Ајде да кружиме

18 дек 2019

Сериозно треба да се направи ревидирање на главните насоки за развој, да се разгледа исплатливоста на гасот во домаќинствата, но и да се покаже политичка волја за борба против климатските промени.

Пишува: Горан Теменугов, новинар

Циркуларна или кружна економија. Термин кој стана хит и на кој се „палат“ сите што се и оние што гледаат кон ЕУ. Поентата на оваа економија, која би требало да ги намали климатските промени, е сè што ќе се произведе, не само да може да се рециклира, туку и повторно да се употреби, со што би се намалило користењето на суровини од природата. Овој концепт, како што реков, е најжешкото нешто во развиените, западни земји. Срамежливо се зборува за него и кај нас. За да се примени, треба многу, многу, промени, но пред сè во начинот на размислување, што е најголемиот проблем.

Втора модерна работа е дека гасот треба да стигне до домовите. Да се користи за греење, готвење, бањање. Веќе се подготвува теренот за ова. Град Скопје планира овој енергент да се достави до приградските населби, каде што е неизводливо да се изгради инфраструктура за парно греење. Во моментов има недоразбирање на релација локална самоуправа, читај градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, и централна власт, читај министри на ДУИ, околу концептот кој да управува со гасификацијата. Шилегов, кој е од СДСМ, чиј коалиционен партнер на сите нивоа на власт е токму ДУИ, е за тоа општините, поточно градот преку свое претпријатие да раководи со гасификацијата. Владата, пак, е на ставот дека на целата територија на државава, една приватна фирма, преку јавно-приватно партнерство да ги гасифицира општините.

Има и поевтина и поефикасна технологија за затоплување на домот и објектите, но за неа како алтернатива не се зборува. Се форсира гасификацијата иако не е најдоброто решение.

Дали двата концепта се борба за бизнис-интереси, односно кој да го контролира процесот, а со тоа да наметнува услови што треба да се исполнат, времето ќе покаже. Проблемот е во нешто друго. Гасификацијата на домаќинствата, како решение за намалување на загадувањето, ќе беше решение пред две децении. Во моментов, целиот концепт е застарен и неисплатлив. Едноставно, гасот како фосилно гориво по 2050 година нема да смее да се користи во домаќинствата, туку само во индустријата. Значи, реално, само две децении овој систем ќе биде во употреба. Тоа е прекратко и никој, ама баш никој од политичарите не разговара за ова. Да не беше гостувањето на светски познатиот професор Невен Дуиќ од Хрватска на конференцијата „Климатска акција: Да се спречува и да се лекува“, сè уште ќе бевме во заблуда дека гасификацијата е најголем технолошки дострел на денешнината. Сепак, има и поевтини и поефикасни начини како да се затоплат домовите. Постојат топлински пумпи кои се многу ефикасни и кои лете го ладат, а зиме го затоплуваат домот. Ова греење и затоплување на вода е иднината. Оваа технологија е сè подостапна и поевтина. Сепак, за неа како алтернатива не се зборува. Се форсира гасификацијата. Повторно како да се пука во празно бидејќи од аспект на пропаганда, изгледа најподатливо за комуникација со јавноста. Гасификацијата стана мантра и волшебно стапче за проблемот со загадувањето на воздухот.

Сепак, вистинските решенија се понепопуларни, бараат време и пред сè пари. Во Македонија сè уште се мисли дека природата и природните богатства, како водата, немаат вредност. Дека се од Бога дадени.

Затоа, во овие моменти, сериозно треба да се направи ревидирање на главните насоки за развој. Треба да се отвори прашањето за исплатливоста на гасот во домаќинствата, но исто така и да се покаже политичка волја за борба против климатските промени и дека има желба да се напушти линеарната и да се премине кон кружна економија. А тоа може да се направи само ако јасно и гласно се каже дека водата ќе поскапи за да не се изарчи непотребно. Дека секој што произведува отпад треба да плати ако сака да го фрли на отпад, а ако сака да се спаси од овие трошоци, да почне да го рециклира или да го дава како суровина или компонента во некој друг производ. Но, како што напишав, ова е скапо, политички ризично, но единствено исправно на среден и на долг рок. Сепак, прашање е дали политиката е подготвена за вистински чекори.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...