Актуелно

Неработна недела во Македонија: Синдикатот побара, трговците не се противат

17 дек 2019

Ваквото законско решение би можело и да ги намали трошоците за работна сила, поради потребата од ангажирање на помал број на вработени. Во услови кога овој сектор се соочува со огромен недостаток на работна сила, тоа може да биде и од корист за работодавачите, велат од Здружението на трговијата

Пишува: Сунчица Стојановска-Зоксимовска, sunchica@instore.mk

Јапонскиот огранок на „Мајкрософт“ тестира работење со 4-дневна работна недела, при што 2.300 работници освен саботата и неделата го добија и петокот како слободен ден. Потоа, компанијата соопшти дека добила неочекуван резултат – зголемена продуктивност за 40 отсто.

Работете помалку, добро одморете се и учете повеќе, рече извршниот директор на „Мајкрософт“ за Јапонија и објасни зошто воведоа засега само пробна 4-дневна работна недела:  сакав работниците да размислат и да искусат како можат да постигнат ист резултат иако работат 20 отсто помалку. Излезе дека вработените користат 25 отсто помалку слободно време во текот на работниот ден, заштедени се 23 отсто струја поради три неработни дена, потрошени се 53 отсто помалку хартија за печатење, а дури 92 отсто од работниците изјавија дека им одговара пократка работна недела.

Во приближно време стигна и веста од Црна Гора – оваа држава, по примерот на некои европски земји, од средината на октомври со закон ја прогласи неделата за неработен ден. Таков закон за Македонија сè уште е далеку од донесување.

Успешноста на оваа иницијатива би зависела исклучиво од ажурноста и неселективниот пристап на законодавецот, односно соодветните инспекциски органи.

Синдикатот поднесе предлог во февруари

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) во февруари годинава, во рамките на изготвувањето на новиот закон за работни односи, достави свој предлог до Министерството за труд и социјална политика. Покрај другите предлози за унапредување на работното законодавство (зголемено породилно отсуство од 9 на 12 месеци, договорот за работа да се трансформира во договор на неопределено по истекот на една година наместо по пет години како што е сега...), ССМ предложи денови на неделен одмор по правило да бидат сабота и недела.

Но, оттогаш нема ништо конкретно во преговорите меѓу синдикатот и работодавците.  Очекувањата се дека напредок ќе нема најмалку до предвремените парламентарни избори во април. Што ќе се случува потоа, ќе зависи од насоката на дијалогот меѓу претставниците на компаниите, на работниците и на Министерството за труд и социјална политика.

Ние бараме недела да биде ден за одмор, како што беше и порано и како што прават други земји и од регионот. Тоа е добро за работникот затоа што тој ќе биде одморен, ќе има време да му се посвети на семејството, со сето тоа ќе биде и попродуктивен, изјави Дарко Димевски, претседател на ССМ.

Фото: Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија 

Здружение на трговијата: Може да биде од корист за работодавачите

Според Здружението на трговијата при Стопанската комора, ваквите чекори се инспирирани од практиките кои веќе се воспоставени во одредени европски држави, а со цел воведување реформа во работните односи во насока на  доследно почитување на правото на одмор и на приватниот и семејниот живот на работникот во недела и на државни празници.

Истата би требало да има за цел да предизвика позитивен социјален ефект, бидејќи со оваа мерка, вработените ќе имаат загарантиран ден за одмор кој ќе може да одвојат за себе или своето семејство. Воедно истата би можела да предизвика и позитивен ефект врз зголемување на продуктивноста на трудот, што би можело да се согледа дури по нејзината имплементација и практичните искуства на работодавачите, велат од Здружението.

Според Здружението, за ваква иницијатива во Македонија би можело да се размислува единствено по консултација со приватниот сектор и компаниите кој вршат трговска дејност, за да се  согледаат можните импликации од забраната за работа во недела и празници врз нивното работење.

 Во таа насока, евентуалното неработењето во недела и на државни празници може да се спроведе единствено доколку ова прашање се регулира преку соодветно законско решение и истото се почитува од страна за сите засегнати субјекти. Со други зборови, успешноста на оваа иницијатива би зависела исклучиво од ажурноста и неселективниот пристап на законодавецот, односно соодветните инспекциски органи, сметаат во Здружението.

 Од таму велат дека практиката покажува дека потрошувачката на граѓаните е зголемена во недела и за празници. Од тој аспект, секако дека трговијата ќе претрпи одредени загуби, посебно во почетниот период на имплементацијата на законот. Меѓутоа, доколку забраната се почитува неселективно, од страна на сите субјекти, може да дојде до промена т.е. адаптација на потрошувачките навики кон новонастаната ситуација во насока на зголемен промет во преостанатите денови од неделата. Во исто време, ваквото законско решение би можело и да ги намали трошоците за работна сила, поради потребата од ангажирање на помал број на вработени. Во услови кога овој сектор се соочува со огромен недостаток на работна сила, ваквото решение може да биде и од корист за работодавачите, велат од Здружението за InStore.

Работникот ќе биде одморен, ќе има време да му се посвети на семејството, со сето тоа ќе биде и попродуктивен.

Црногорците веќе одмараат, а Хрватите се на пат да им се приклучат

Црногорските работници во маркетите веќе одмараат во недела. Во Хрватска наскоро е можно вакво сценарио, а Србија е уште далеку од одлука.

Владата на Црна Гора го смени Законот за внатрешна трговија како чекор кон промена на  куповните навики на граѓаните, што многумина во оваа земја го оценија како позитивна мерка, особено за малите продавници.

Во Хрватска, пак, една општина веќе почна со примена на предлогот за неработна недела за продавниците и пекарниците. Пред нецел месец Синдикатот на трговијата на Хрватска и Сојузот на самостојни синдикати на Хрватска ги повикаа надлежните министерства законски да ја регулираат работата во недела во продавниците. Овозможете им на работниците во недела да бидат со семејствата, а профитот нема да падне, повикаа синдикатите и предупредија дека трговијата оди кон колапс бидејќи и сега маркетите во Хрватска немаат доволно работници, а и тие што ги има се незадоволни од условите и од платите. Хрватскиот синдикат им предложи на работодавците ако сакаат да работат во недела, да им дадат на работниците 500 отсто повисока дневница за работата на тој ден.

Во Србија пред една година тамошните Асоцијација на слободни и независни синдикати и Сојузот на самостојни синдикати поднесоа предлог до Министерството за трговија и до Владата во продавниците да се забрани работата во недела и на празници со цел да се унапреди квалитетот на живот на работниците. Од синдикатите велат дека исчекор нема и дека постои силен отпор кон промената. Од Министерството за трговија излегоа со став дека регулацијата треба да му се препушти на пазарот. Во трговијата во Србија има околу 200.000 вработени, од кои 70 отсто се жени.

Што се однесува до работењето во недела, некои анализи покажаа дека ако тоа се забрани, ќе доведе до пад на прометот во одредени малопродажни објекти и до отпуштање на 5-8 отсто од трговските работници, соопштија од Министерството за трговија на Србија.

Трговците во  Босна и Херцеговина, исто како и во Србија, сметаат дека работата во недела треба да ја одреди пазарот.

На некои трговци им се исплати да работат во недела, на некои не. Тој што ќе работи должен е дополнително да ги плати работниците. Секако, инспекцијата треба да контролира. Не треба да се забранува, туку да им се препушти да одлучат оние на кои им е исплатливо. На кој му се исплати, нека работи, на кој не – нека ја отвори продавницата, изјави Аднан Смаилбеговиќ, претседател на Здружението на работодавци на БиХ.  

Што се однесува до практиката во Европа, ЕУ им препушти на своите земји-членки работното време на продавниците да го уредат врз основа на своите традиционални, културни и верски потреби. Продавниците во недела не работат во 9 европски земји, меѓу кои се Франција, Германија, Австрија, Полска, Словенија, Италија.

Фото: Климент Србиноски

Климент Србиноски, „Тамаро“

Кај нас има страв од оваа регулатива

Според првичните анализи што ги имаме спроведено во една од нашите фирми, тоа нема да се одрази многу врз редовната работа на компанијата, но најмногу ќе изгубат купувачите во делот на достапноста на услугата и вработените со намалувањето на работните денови и часови

Црна Гора со закон им забрани на трговците на големо и на мало да работат во недела и на празници. Слични иницијативи се покренати и во Хрватска и во Србија. Какo гледате на ваквите чекори во регионот?

Тоа е одличен потег според мене, пред сè заради персоналот. Ако е имплементирано во закон, кој претходно ги поминал сите „сита“ и е креиран според реалните потреби и можности и важи исто за сите, тоа е одлично. Сепак, ќе мора да се земе предвид редовното снабдување на граѓаните, примањата кај вработените од кои дел ќе имаат по 4-5 работни дена помалку на ниво на месец, дежурни објекти и што тоа ќе значи, како ќе се одбира кој може, а кој не може да работи и многу вакви и поголеми проблеми со кои ќе се соочиме во реалното работење. Според првичните анализи што ги имаме спроведено во една од нашите фирми, тоа нема да се одрази многу врз редовната работа на компанијата, но најмногу ќе изгубат купувачите во делот на достапноста на услугата и вработените со намалувањето на работните денови и часови.

Според Вас, дали во Македонија може да се спроведе забрана за работа на трговските објекти и кога би било најдобро време за тоа?

 Секогаш има купувачи што ќе имаат потреба од купување и во недела и секогаш ќе има вработени кои по свој избор и по претходен договор ќе сакаат да работат во недела. Дали тоа ќе се решава со повисоки дневници, подобри услови за работа, дополнителен слободен ден или слични мерки, се работи за кои можеме да дискутираме и да предлагаме наши насоки. Можеби е подобро да се движат предлозите во оваа насока затоа што другото е ограничување, а секое ограничување со себе носи и многу други проблеми, од кои дел веќе споменав претходно. Апсолутно сме за тоа дека секој вработен мора да се одмара и да биде задоволен затоа што само тогаш ќе биде подобар во работата.

 Дали „Тамаро маркети“ работат во недела? Ако одговорот е да, дали би ја укинале неделата како работен ден? Во таков случај, што би добиле, а што би изгубиле?

 Да, работиме во недела. Доколку се воведе ваква регулатива, ние секако ќе ја почитуваме. Сакаме да имаме задоволни вработени. Ќе мора да се постави поинаку дел од работењето на компанијата, ќе имаме простор за нови стратегии и внатрешната поставеност во фирмата.

 Од контактите со трговците, сметате ли дека кај повеќето постои расположение да ги затворат објектите во недела? Или, пак, имаме обратна ситуација?

 Ние редовно ги следиме состојбите на ова поле во земјата, но и надвор од неа, особено на Балканот. Кога се појавија овие информации, ние остваривме контакти на оваа тема со многу трговци и тие генерално се согласуваат со нашиот став. Морам да напоменам дека во разговорите се чувствува и одреден страв од спроведувањето на оваа регулатива, пред сè заради слабата поддршка од соодветните институции на реалниот сектор и слабата имплементација на нашите предлози за подобрување на бизнисот.

 

 

 

 

 

 

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...