Актуелно

Посетивме: Ануга 2019 - Кога иднината може да се вкуси

19 ное 2019

Оваа година „Ануга“ славеше 100 години од своето постоење. Секако, повторно ги сруши сопствените рекорди, како по број на изложувачи така и по бројот на посетители.

Пишува: Верица Мартиновска, verica@instore.mk

Импозантноста на „Ануга“ е токму во големата побарувачка и понуда кои се соединуваат во тие пет дена колку што трае саемот. Од бизнис-аспект, тоа е секако најважната и основна причина зошто повеќе од 170.000 професионалци од 201 земја од светот дојдоа на „Ануга“ и оваа година. Од личен аспект, предизвик ми е само да помислам колку добра синхронизираност треба да постои за саемот да протече во најдобар ред, како што и беше. Колкава организациска машинерија треба да работи цели две години за да успее да искомуницира и да ги договори сите детали со сите 7.590 компании-изложувачи на саемот. Фасцинантно!

За „Ануга“ ти треба јасен концепт зошто си таму, што сакаш да видиш, кои штандови да ги посетиш, кои предавања да ги ислушаш за да можеш да добиеш максимум од богатата понуда на саемот. Па така, со моите колеги од регионалните канцеларии на InStore во Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и во Словенија однапред се имавме пријавено и на трите конференции што се случуваа во рамките на „Ануга“: NEWTRITION X на тема персонализирана исхрана, E-Grocery Congress за различни модели на е-продавници за свежа храна и iFood - конференција за иновативна храна. Теми за нас на моменти далечни, но сепак интригантни, а интересните примери покажуваа дека иднината веќе пристигнала.

Првиот ден на „Ануга“ ни беше резервиран за посета на нашите компании. Вооружени секој со својот список и распоред во која хала и на која позиција се наоѓаат, тргнавме во обиколка. Ги посетивме сите национални штандови, како и поголемиот дел од индивидуалните штандови на компаниите од нашите земји. Секако, и по многу поминати километри, некои ни остана за наредните денови. Тоа беше навистина убав ден. Се видовме со многу пријатели со кои редовно соработуваме, со некои сме се слушале на телефон, па сега името доби и лице, а со некои и првпат се запознавме. Чувме многу инспиративни приказни. На пример, како една хрватска компанија низ цел свет продава еден единствен производ, и тоа оригинална босанска лепиња. Или, словенечка компанија која продава само месо од дивеч. Или компанија што прави сладолед во форма на ружа.

Многу се радувам што можам да кажам дека од сите убави примери, најубавиот пример беше македонски.smileyКомпанијата „Кадино“ беше единствена во презентирањето на својот носечки производ – бурек. Бурекчијата кој ги развлекуваше корите пред посетителите беше вистинска атракција. Сите снимаа со своите мобилни, беа воодушевени и се интересираа за производите и ги дегустираа. Одличен пример како се привлекува внимание, како се постигнува интеракција со посетителите. Браво „Кадино“!

И уште еден пример како мудро се привлекуваат посетители беше компанијата „Виа пром“ од Охрид. Имено, нивниот најнов производ Rubio cookies направен со руби-чоколадо беше препознаен како иновативен производ и претставен на Anuga Taste Innovation Show, изложбен простор во главниот хол на „Ануга“. Токму таа иновација на „Виа пром“ ѝ донесе многу посетители, контакти и договори. Одлично сработено!

Најголемите купувачи се на „Ануга“. Бидете спремни за „Волмарт“, „Лидл“, „Кауфланд“, „Метро АГ“, „Едека“, „Реве груп“, „Костко“, „Крогер“, „Пени“,„Амазон“, „ЛСГ груп“, „Волгринс“, „Е.Леклер“, „Меркадона“, „Мигрос“ и „СПЦ груп“.

Генерално, кај македонските компании доминираа производителите на ајвар и друга зимница, кондиторски призводи и смрзнато овошје и зеленчук. Штандовите беа шарени, некои поголеми, некои помали, некои убави, некои не баш претставителни. За нас, сето тоа беше прифатливо бидејќи си ги знаеме компаниите, си ги знаеме условите во кои функционираме, си ги поддржуваме. Но, веројатно не е така во очите на преостанатите посетители. Сепак, „Ануга“ ти дава можност за прв впечаток и таа можност треба да се искористи. Ова особено се однесува за двата национални штандови, кои изгледаа многу полошо од националните штандови на другите земји од нашиот регион. Без никаков дизајн, со најобични бели штандови од типот на оние што со години се користеа и на Скопскиот саем, со државното знаме закачено над штандот, со премногу компании на мал простор, со премногу компании со слично портфолио. Штанд на кој не верувам дека некој може нешто да договори, од проста причина што на него има уште неколку компании што ги нудат истите или слични производи. Националниот штанд со смрзната храна беше уште пожален. Фрижидери небрендирани, без изложени производи, дел од штандот празен бидејќи некоја компанија не дошла.

За оние што не биле на „Ануга“, замислете го саемот како музеј на штандови. Има раскошни штандови од по неколку стотици квадратни метри, преубаво уредени, со големи вложувања, штандови со кои компаниите ја покажуваат својата големина, на кои по завршувањето на официјалното работно време на саемот прават забави за своите комитенти. При таа огромна конкуренција и на производи и на штандови не е лесно да се издвоиш. И не треба ни да помислуваме дека можеме да се натпреваруваме со тие мултинационални компании. Но, сепак, треба да најдеме една нишка, еден интересен начин на презентирање за да бидеме забележани, да бидеме различни.

Позитивни примери беа штандовите на „Вивакс“ и Mama’s, кои визуелно се издвојуваа од другите. „Витаминка“ и „Макпрогрес“ имаа убави корпоративни штандови со добра позиционираност. Неколку компании имаа помали, но индивидуални штандови, кои и покрај можеби скромниот изглед, како што кажаа самите, им донеле многу повеќе контакти отколку кога биле на заедничкиот национален штанд.

Компанијата „Макс“, пак, нашла поинаков модел на презентирање на „Ануга“, кој може да е одлично решение и за други наши компании. Поточно, „Макс“ настапуваше заедно со неколку бугарски компании, кои не ѝ се директна конкуренција, со кои инвестирала во убава заедничка поставка што ја користат и за презентација на други саеми. Модел кој многу лесно би можеле да го применат и неколку македонски компании со компатибилно портфолио.

Има две години до следната „Ануга“. Доволно време за да се подготвиме за следниот пат уште поубаво да се претставиме. Бидејќи одамна веќе не важи мотото „Важно е само да се учествува“. Денес е важно да се победи. 

Се гледаме на „Ануга“, од 9 до 13 октомври 2021!

Македонските компании на „Ануга 2019“

На годинашниот саем „Ануга“ присуствуваа 24 компании, од нив 10 на самостојни штандови: „Кадино индустри“, „Лион“, „Макпрогрес“, „Макс фудс“, „Мамас фудс“, „Рудине ММ“, „Виа пром“, „Витаминка“, „Вивакс“, „Води Јорданка“. Другите 14 компании изложуваа на заеднички штанд во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а тоа се: „Аграр ко“, КИМ, „Бакалски промет“, „Бест фуд“, „Кривогаштани промет“, „Бонум“, „Ксенос“, „Дентина“, „Јаболчело“, „Техноалат комерц Атанас“, „Випро“, „Екстра фунги“, „Дип фроузен“ и „Фруктана“. Во продолжение прочитајте повеќе за нивните искуства, за значајните соработки остварени на саемот, кои производи од нивниот асортиман привлекле најголемо внимание и за важноста на добро уредениот и организиран штанд.

Александра Димитриевска, директор на интернационална продажба во „Виа пром“

Годинава првпат се одлучивме да учествуваме на овој саем. Целокупниот концепт - организација и реализација беа врвни и ги исполнија нашите очекувања.

За тоа кој производ привлече најголемо внимание, можам да кажам дека тоа е нашата иновација Rubio cookies, за која добивме признание за иновативност и беше претставена на Anuga Taste Innovation Show. Во конкуренција на повеќе од 7.400 изложувачи од целиот свет и околу 60 избрани иновации од сите индустрии, само нашите Rubio cookies беа претставник на категоријата бисквити и воедно изложени на т.н. Boulevard of Inspiration во текот на саемот. Се работи за уникатен рецепт на бисквити кој го развивме во комбинација со најголемата иновација во чоколадната индустрија во последните 80 години - чоколадо руби. Производот го развивме на почетокот на оваа година во соработка со нашиот партнер „Бери Калебаут“. Истиот производ претходно годинава се стекна со уште едно признание за иновација на саемот PLMA во Амстердам.

Организацијата за учество на саемот трае во континуитет неколку месеци и подразбира многу повеќе активности од уредување на штандот. Ни беа потребни од 3 до 4 месеци за целокупната организација, од кои организацијата околу уредувањето на штандот траеше 1 месец.

Слободан Тупаров, директор на „Макс“

Досега имаме трипати учествувано „Ануга“. Годинава самостојно изложуваме и ја претставуваме нашата фирма и нашите производи. Од досегашното искуство, саемот е многу добро организиран.

Во текот на годините имаме остварено многу контакти со заинтересирани купувачи од странство. Со некои од нив имаме почнато соработка за дел од нашата производна палета. Можеме да истакнеме дека е во пораст интересот на купувачите за нашата производна палета.

Годинава најмногу внимание од потенцијалните купувачи добија нашите брендови Fanky и Fripsy. Веќе со години соработуваме со купувачи од странство, секој производ си има заземено одредена позиција на пазарот. Кога ни се обраќаат првпат, ги советуваме кои наши производи најдобро се продаваат на досегашните пазари. Дел од купувачите ги прифаќаат нашите предлози и се сосема задоволни од изборот.

Подготовките за учество на саемот траат околу 6 месеци. Точно е тоа дека штандот треба да биде видлив и добро уреден за да им го привлече вниманието на посетителите.

Ивана Марковска, директор за извоз во „Рудине ММ“

Оваа година нашата компанија првпат учествуваше со сопствен штанд во одделот за смрзнати производи. Досега настапувавме на националниот штанд, кој беше поддржан од нашата држава, но оценивме дека веќе треба самостојно да настапуваме.

Подготовките ги направивме една година пред почетокот на саемот, за што одвоивме значаен маркетинг-буџет. Саемот нуди добра организација и поддршка, поради што и со право го вбројуваме во најдобрите саеми за прехрана.

Резултатите ги гледаме многу брзо бидејќи секоја „Ануга“ ни носи новосклучени договори и купувачи. На годинешното претставување ставивме акцент на новите производи и помалите пакувања што ги имаме во нашиот асортиман, за кои секако имаше интерес.

Нашата компанија веќе 10 години е производител на брзо смрзнато овошје и зеленчук, при што 100% од производството се за извоз во ЕУ. Успехот не се должи само на квалитетите на овошјето и на зеленчукот, туку и на досегашните инвестиции во висока технологија на преработка, како и високите стандарди  IFS, Global Gap, BSCI И GS1 што ги имаме со години.

Љупчо Велески, директор за извоз во „Витаминка“

„Витаминка“ учествува на „Ануга“ повеќе од 20 години, што значи дека сме имале сигурно десетина претставувања на овој саем. Се работи за најголемиот и најзначајниот саем за прехрана во светот и задоволство е да се учествува, а впечатоците од учествата секогаш се позитивни.

Факт е дека на овој саем доаѓаат професионалци од целиот свет, како дистрибутери така и претставници од малопродажбата. Доаѓаат и нови фирми, но и значајно е да се прошири соработката со фирмите со кои работиме. Бенефитите од учеството на овој саем се позитивни, односно секогаш има новодоговорени работи.

Во поглед на интересот и за брендовите и за приватните трговски марки, најголемо внимание привлекоа нашите производи од програмите: чоколада, чоколадирани снекси и кекси.

Дизајнот на штандот и неговиот изглед се исклучително значајни. Нам последните неколку години штандот ни го дизајнира и изведува специјализирана странска фирма. Во поглед на износот на инвестицијата, најважно е таа да биде оправдана од ефектите од саемот.     

Горан Цуцулески, директор на „Кривогаштани промет“

Вторпат учествувавме на саемот „Ануга“. Впечатокот е одличен, самото тоа што саемот е најголем од овој вид, има голема посетеност од сите страни на светот, значи можност да се оствари соработка. Годинава остваривме повеќе состаноци со фирми од Германија, Австрија, Скандинавија...

Нашите производи се деликатесни и секој си е посебна приказна. Интерес имаше за сите, но ако треба да издвојам неколку тоа се: Ајвар домашен, Малиџано, Лутеница, Пиперчиња со сирење.

И двата пати изложувавме во рамките на македонскиот национален штанд. Нареден пат ќе се претставиме со свој штанд. Има повеќе причини за тоа: заради подобро изложување на нашите производи (на националниот е ограничен просторот, 10 фирми се присутни), немање приватност за разговор (8 од 10 фирми се од иста бранша), избор на подобра позиција и хала за штандот итн.

Глигор Цветанов, извршен директор на „Макпрогрес“

И оваа година, 10. пат по ред „Макпрогрес“ е дел од реномираниот меѓународен саем за храна и технологија „Ануга“. Како настан е од исклучителна важност за нашата компанија. Саемот е можност за остварување нови и за продлабочување на постојните контакти, што севкупно претставува значајно искуство, потенцијал за понатамошен пласман и унапредување на пазарните позиции.

„Макпрогрес“ со присуството на овој тип настани детерминирано се труди да ги зголеми своите интернационални потенцијали, да овозможи конкурентност на своите производи во глобални рамки. Toa отвора огромен простор за значителен пласман и унапредување на позицијата на сите брендови во производственото портфолио. Наши аспирации се продлабочување на извозните пазари во Далечна Азија, Бангладеш, земјите од Блискиот Исток, Гана, како и Мексико, земја со која сме во преговори за соработка.

На својот изложбен простор „Макпрогрес“ ги претстави брендовите: Vincinni, Armonia, Donia, Natura и Fantasia. Оваа година беa претставени и најновите производи Tortina gelée во два вкуса портокал и малина и вафлите Napolitan во ново двојно практично пакување кое ја задржува свежината на производот подолго. Овој производ привлече големо внимание кај посетителите.

Подготовките за „Ануга“ почнуваат повеќе од една година порано и се трудиме да добиеме убава локација и нашиот штанд да биде препознатлив. Изгледот на штандот е тој што повикува и привлекува нови посетители, така што од клучна важност е каков впечаток ќе оставиме и каква видливост ќе имаме. Инвестицијата е вредна за придобивките што ги имаме од посетата.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...