Актуелно

Даница Личанин-Блажеска: Нашата сила и моќ се вработените

18 ное 2019

Пишува: Даница Личанин-Блажеска, генерален менаџер на маркетите „Рептил“

Веќе 23 години маркетите „Рептил“ не ја забораваат топлината на маалските продавници. Нашиот приоритет е секој купувач да излезе задоволен по пазарењето, а вработените го прават дополнителниот чекор во услугата.

Покрај истражувањето за квалитетот на услугата кај купувачите, нашата компанија има создадено и методологија на истражување за квалитетот на работата на вработените. Со традиционалното доделување на наградите сакаме да покажеме дека вработените се силата и моќта на нашата компанија. Доделувањето на наградите е настан каде што сите вработени се присутни и е момент на задоволство, дружење и учење. Вработените се наградени бидејќи посветено работеле и се мотив и пример за другите колеги. 

Во моментот актуелен тренд на пазарот е „повисока плата“, а од друга страна е проблемот со недостиг на работна сила, тренд што постојано се зголемува и нè наведува да ги менуваме и надградуваме системите во работењето. Дополнително, треба да внимаваме да не заборавиме да направиме оптимизирање на процесите и да успееме да бидеме и понатаму успешни со одржлив пораст во работењето. Во моментов ова е многу тешка задача која бара нови инвестиции и внимание, а доделувањето на наградите е само еден чекор кон реализација на таа задача.

Брзиот развој на трендовите на светско ниво ни кажува дека мора да бидеме будни и да направиме напор да следиме барем третина од светските трендови, што е многу тешко во нашата бизнис-средина. Една од причините e што домашните ИКТ-компании го насочуваат работењето единствено кон големите и јавните македонски институции или кон извоз, а нас средните и малите нè скокаат и нè можеме да ги добиеме потребните услуги или производи, па мора да ги бараме надвор од државава. Тоа е само уште една причина зошто е многу тешко да се следат трендовите, бидејќи освен инвестицијата секогаш треба да се обезбеди и стручен кадар.  

Треба да се отвориме како компании и постојано да ја зголемуваме меѓусебната соработка за заеднички опстанок и развој. Заеднички да ги решаваме сите препреки и институционални проблеми што го закочуваат развојот на домашната индустрија.


Поради актуелниот тренд на пазарот „повисока плата“ и проблемот со недостиг на работна сила, потребно е да ги менуваме и надградуваме системите во работењето.