Работење

Елена Клисаровска: Отскочна штица за младите

13 ное 2019

InAccount

Закон за практикантство

Практикантството е работна активност која вклучува компонента на работа преку учење и здобивање практични работни вештини, која се реализира во ограничен временски период

Автор: Елена Клисаровска, управител и овластен сметководител во „Акаунтинг солушнс“, e.klisarovska@solutionsacc.com.mk

Со донесувањето на Законот за практикантство се регулираа практикантството и практикантската работа. Со тоа се овозможува лицата што немаат практично искуство во одредена област и поради тоа имаат тешкотии при вработувањето, да го стекнат, а за работодавците тоа би значело дека во иднина би постоела поголема работна сила со одредено практично искуство.

На што треба работодавците да посветат внимание при ангажирањето практиканти?

Најпрвин на Договорот за практикантска работа - тој треба да има јасно дефинирани цели и задачи на практикантот, односно опис на процесот на здобивање практични знаења и вештини. Задачите на практикантот треба да се точно дефинирани и утврдени уште на почеток (пред склучување на Договорот за практикантство – согласно Законот) и да се структурирани во насока на остварување на дефинираните цели за ангажирање на практикантот. Притоа, согласно законот, работодавецот не смее да му наложи на практикантот да работи задачи кои не се опишани во договорот за практикантска работа.

Задачите на практикантот треба да се точно дефинирани и утврдени уште на почеток и работодавецот не смее да му наложи на практикантот да работи задачи кои не се опишани во договорот за практикантска работа.

Овие цели за ангажирање на практикантот, задачите и процесот на практикантската работа треба да бидат дефинирани и објавени јавно уште во самиот оглас за практикантска работа.

Дефиницијата за практикантството во Законот гласи: Работна активност која вклучува компонента на работа преку учење и здобивање практични работни вештини, која се реализира во ограничен временски период со цел стекнување практично и професионално искуство за да се подобри вработливоста и да се помогне преминот кон редовно вработување.

Согласно Законот, работодавецот не смее да склучи договор за практикантска работа за вршење редовни работни обврски од страна на практикантот. Практикантот не може да врши работи за конкретно постојно работно место за кое може да се склучи договор за вработување.

Исто така, практикантството не треба да се поистоветува со вршење приправнички стаж, волонтерски стаж и пробна работа, ниту пак обука, преквалификација и доквалификација.

Договорот за практикантска работа мора да биде во писмена форма, потпишан од двете страни пред почнувањето на практикантската работа. Практикантската работа може да биде договорена за полно работно време или за период пократок од полното работно време. Сразмерно на часовите на траењето на практикантската работа (полно работно  време или пократко од полното) се одредува и надоместокот кој работодавецот треба да му го исплати на практикантот.

Надоместокот за практикантска работа не претставува плата и неговата висина зависи од времетраењето за кое е склучен договорот. За практикантска работа во траење до три месеци надоместокот треба да изнесува од 42% до 74% од минималната нето-плата утврдена со закон. За практикантска работа во траење од три до шест месеци, надоместокот треба да биде во висина на минималната нето-плата утврдена согласно закон.

Придонесите кои работодавецот е должен да ги плати се: придонес за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа или професионална болест во висина од 4% и дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување за случај на повреда на работа и професионално заболување во висина од 0,5%. Данокот на личен доход е по стапка 10%, односно 11,1111% од нето-износот.

Практикантската работа е ограничен период поминат на пракса на практикант кај работодавец. Периодот на траење на практикантската работа кај еден работодавец може да биде најмногу до шест месеци и притоа еден работодавец може само еднаш да ангажира исто лице за практикантска работа.

Понатаму, важно е да се има предвид дека бројот на практиканти што можат истовремено да вршат практикантска работа кај еден работодавец е ограничен. Имено, Законот за практикантство поставува критериум со кој се ограничува бројот на практиканти кои еден работодавец може истовремено да ги ангажира. Тој критериум се однесува на бројот на постојни вработени на неопределено време кај работодавецот во времето на ангажирање на практикантите и со тој број се врзува дозволениот број на практиканти што би работеле истовремено. Така, на пример, ако има пет вработени на неопределено време, тогаш тој работодавец може да ангажира најмногу еден практикант во одреден период, односно нема да му биде дозволено да има истовремено повеќе од еден практикант. Тој податок треба да се има предвид при пријавувањето на практиканти. Доколку се случи во времетраењето на практикантската работа да се намали бројот на вработени на неопределено време и со тоа бројот на практиканти да не е во согласност со бројот на вработени, работодавецот е должен да го намали бројот на практиканти за да се задоволат барањата на законот.

За едно лице да може да биде практикант, треба да ги исполнува следните услови: да не е во работен однос, да не е постаро од 34 години и да има завршено најмалку основно образование.

Ако има пет вработени на неопределено време, работодавецот може да ангажира најмногу еден практикант во одреден период, односно не му е дозволено да има истовремено повеќе од еден практикант.

Практикантот врши практикантска работа кај работодавецот со цел да се стекне со практични знаења и вештини што ќе му помогнат да ја подобри својата вработливост. Целта на практикантството е стекнување практично и професионално искуство потребно за вработување на лицето практикант.

Работодавецот мора да има утврдено очекувани цели за ангажирање на практикантот, задачи и процес на практикантската работа. Исто така, треба да назначи ментор. Менторот во законот е дефиниран како лице вработено кај работодавецот кое е задолжено за организирање на практикантската работа и следење на напредокот на практикантот и кое се грижи за остварувањето на целите за учење за време на практикантската работа.

Дополнително, работодавецот мора да обезбеди надзор над работата на практикантот и не смее да дозволи негово самостојно работење.

Трошоците за вршење на практикантската работа се на товар на работодавецот и тој не може да бара нивно намирување од страна на практикантот.

По завршувањето на практикантската работа работодавецот е должен на работникот да му издаде потврда за стекнатите знаења, вештини и компетенции.