Човечки ресурси

Како да им пристапите на проблемите: Распад на системот

21 фев 2020

Се менуваат добри и лоши денови. Сјајни и очајни денови. Денови кога сè е мед и млеко со денови кога сè е пеколен оган кој голта сè пред себе. Вашиот пристап и кон едните и кон другите денови е тоа што ја прави разликата 

Автор: Ениса Селмановиќ-Салкиќ, основач и главен извршен директор на агенцијата „Консултор“ (www.consultor.ba) 

Има денови кога мислите дека сè се распаѓа. За што и да се фатите, настанува проблем. 

Прометот не оди, трошоците се множат и се појавуваат нови, најнови. 

Луѓето ви излегуваат од контрола. Никој ништо не знае, сите сè грешат и сите работи остануваат на вас. 

Уште да снема струја или да се случи некоја мала поплава – па денот да биде совршен. Ама, впрочем, не е само тој ден, туку се навеза цела седмица. Или две, скраја да е. 

Ако паниката во вас разбуди сила и агресија, па тргнете да правите привидна дисциплина и да обвинувате – е тогаш не е добро. 

И навистина во еден момент сфаќате дека сведочите на тоа од што сте се плашеле. Пред ваши очи се случува – распад на системот!. Од оној страшниот на кој ве предупредувале, а вие сте мислеле дека тоа се митски приказни. Значи, толку лошо, што не може да е полошо. 

И така, сè се распаѓа, а сè работи. Аха, на тоа не ве предупредиле. 

Тој привиден распад е, всушност, добар. Баш е добар. Малку паника секогаш е добредојдена. Помага работите да се погледнат од друг агол, да се роди некоја добра идеја, но и да отфрлите некој товар. 

За волја на вистината, зависи од тоа како реагирате на ситуацијата „распад на системот“. 

Ако паниката во вас разбуди сила и агресија, па тргнете да правите привидна дисциплина и да обвинувате – е тогаш не е добро. 
Да, знам, тргнувате од претпоставката дека не е до вас. Па реално, и како би можело да биде, па вие сте мозок на операцијата. А тие! Оооо, тие! Ништо не знаат, не можат сами и знаев јас дека ова ќе се случи. Знаев, неработници! 

Тогаш навистина сè ќе се распадне. Не сега. Ама ќе дојде, подоцна. Ќе се распаѓа долго, болно и бавно. А нема ни да знаете. Бидејќи неработниците еден по еден ќе си одат и некаде на друго место ќе бидат неработници. Или, пак, вредни работници. 

Ако паниката предизвика да ви проработи адреналинот, тогаш е вистинско време да се соберете и да го канализирате тој адреналин. Прво, погледнете кои се вистинските проблеми. Што се распаѓа и дали навистина се распаѓа. 

Па тогаш размислете што од тоа навистина ќе направи проблем. 

Ако тече вода од саксијата со цвеќе, сменете ја саксијата. Не престанувајте да ставате вода. Ако престанете, цвеќето ќе овене. На крај ќе завршите со неупотреблива саксија и свенато цвеќе, на кое му нема спас. 

Така е и со работата. Ако се појави проблем во некој дел од работата, фокусирајте се на тоа да го решите проблемот. Не спасувајте ја целата работа. Таа не е загрозена. 

Не паничете, не бидете хистерични, не реагирајте паушално и не решавајте ги проблемите радикално и нагло. Не обвинувајте ги другите и не амнестирајте се себеси. 

Застанете и со својот тим утврдете каде е проблемот и што е причината. Заедно смислете како ќе го решите проблемот и заедно решете го. 

Да, баш така, зошто јас го кажувам тоа? Е па, знаете што – навистина е толку едноставно. 

Лесно е да се биде добар и паметен кога сè е добро и работи само од себе. Тешко е да се биде добар и паметен кога ништо не е добро и не работи речиси никако

Застанете, видете во што е проблемот и решете го. И продолжете со својот живот, со својата работа и со своите луѓе. 
Во текот на тоа решавање ќе се преуреди некој процес за да биде поефикасен, ќе се изроди некоја сјајна идеја, па ќе порасне приходот, ќе се ослободите од некој трошок за кој дури сега гледате дека не ви треба... и така до недоглед. 

Пред вас е океан со можности, само треба да знаете да пливате. 

Тоа е реалноста на работењето. И на животот, ама сега зборуваме за работата. Се менуваат добри и лоши денови. Денови кога сè е мед и млеко и такви кога сè е жесток оган кој голта сè пред себе. 

Вашиот пристап кон едните и кон другите денови е тоа што ја прави разликата. 

Лесно е да се биде добар и паметен кога сè е добро и работи само од себе. 

Тешко е да се биде добар и паметен кога ништо не е добро и не работи речиси никако. 

Тешко е, ама не и невозможно. Само малку соберете се. Застанете, вдишете длабоко и речете: Каде е проблемот, па да го решиме? Тоа е минутка работа. 

 

 

 




Слична содржина

@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.