Човечки ресурси

Ениса Селмановиќ-Салкиќ: Почнав тоа и тоа…

12 ное 2018

Главно, сите ја имаме таа манија, да почнеме илјада работи, а да завршиме – ниедна. Или една, ама помалку вредна. Да, се согласувам дека подобро звучи „крал на почетоците“ отколку „крал на краевите“, но и крајот може да биде почеток. Или така нешто.

Автор: Ениса Селмановиќ-Салкиќ, раководител за правни работи и за човечки ресурси, „Мегамикс"

Но, ако вложите труд, можеби ќе успеете да завршите една активност или етапа, само за да почнете друга. А тогаш доаѓа најдоброто чувство на светот – нешто е сработено и сега уживаме во плодовите. Или во резултатите. Не е ни важно, нешто се случило, а ние сме придонеле да се случи.

Велат, денес треба да се биде креативен. Се согласувам, но не треба да се претерува.

Треба да се биде креативен во спроведувањето на идеите во практика. Но, тоа не е едноставно кога нови идеи само навираат, навираат... како ерупција на вулкан! Знам дека не е така, ама можно е.

Има еден мал волшебен збор, од кој инаку ми се креваше косата на глава – фокус. Аха! Фокус! Што е фокус? Е, тоа е она кога од нашата креативна ерупција ги одбираме само оние идеи што имаат смисла, што ќе нè одведат некаде и на крајот ќе ни дадат некаков резултат.

Колку ми беше тешко кога морав да се откажам од некои идеи. Да. Ужас.

Поточно, да бидам искрена, не се ни откажав. Само ги оставив да ги реализирам кога ќе им дојде времето. Да, и тоа го има. Вистинско време. Или тајминг, народски кажано.

Што е фокус? Е, тоа е кога од нашите
креативни ерупции ги одбираме само
оние идеи што имаат
смисла, што ќе нè однесат некаде и на
крај ќе ни дадат некој
резултат.

Фокус. Фокусот е чудо. И борбата со себеси. И катарза. И победа. Бидејќи кога знаеш што точно ти треба и што сакаш, е дури тогаш стануваш креативен и измислуваш начини како да го реализираш тоа.

А, какви чуда тогаш се случуваат! Е, како дури тогаш се фокусирате да го извлечете она најдобро од себе само за да ја видите вашата идеја како живее. Дури и заборавате на оние идеи што сте ги оставиле по пат бидејќи сега сте фокусирани на тоа како тие одбраните да засветат со полн сјај.

Не е само до креативноста, некогаш сè трае предолго и тогаш ја губиме волјата. Паѓа  мотивацијата. Волјата за живот. Настануваат агонија и паника. И тогаш има два пата – или да се признае неуспех или да се правиш мртов додека никој веќе ништо не праша. Знам дека сега мислите оти не е така, но бидете искрени со себе. Погледнете преку рамо и видете ги остатоците од идеи што остануваат зад вас. Сега кога ја решивме кризата на идентитетот, можеме да продолжиме напред. 

Повторно, фокус. Хипотетички, ако имате три сјајни идеи (секоја подобра од претходната), една ќе ви го даде резултатот што ви треба и ќе ја унапреди вашата работа, втората е супер, но нема некоја корист од неа, а третата ќе бара малку повеќе време, но ќе има фантастичен долгорочен ефект. 

Фокусот е чудо. И борбата со себеси. И катарза.
И победа. Бидејќи кога знаеш што точно ти е
потребно и што сакаш, е дури тогаш стануваш
креативен и измислуваш начини како да го
реализираш тоа.

И секако, ако немате фокус, тргнете со реализација на сите три идеи. Бидејќи, вие сте кралот на почетоците. Претпоставувам дека најмногу сте ангажирани околу другите две, бидејќи тоа е супер. Тие што ќе дадат резултат, тие се сепак малку посериозни, мора да си играте возрасни, а тоа знае да биде толку напорно.

И така, работите вие на сите три ваши идеи. Работите, работите и работите. И тогаш, еден убав сончев ден се будите и сфаќате дека мора да донесете тешка одлука. Дали да признаете неуспех или да се правите мртов. Не само за тие две идеи што ви беа помалку драги, туку и за онаа што беше супер. Некако, ни таа веќе не е супер. И така, станувате крал на краевите. Бидејќи на вашите идеи им дојде крај. Неславен.

Како оваа приказна може да има среќен завршеток? Така што нашиот јунак ќе има фокус. И кога сам себе ќе се воодушеви со своите три генијални идеи, ќе изброи до 100, ќе истрча два круга околу зграда, ќе се полие со кофа ладна вода и генерално, ќе се симне од облаци и со ладна глава ќе размисли за своите идеи.

А, кога ќе размислува, ќе си одговори на прашањата: зошто ова ми е потребно, што ќе се случи ако го спроведам во дело, каков ќе биде ефектот, која е смислата, која е користа, дали од ова ќе ми биде подобро...

Оваа идеја што е супер – па, тоа е тоа. Таа е само супер и не вреди претерано да се трудите околу неа. Бидејќи нема завршеток каков што ни е потребен. Реално, нема никаков завршеток.

Остануваат две за кои вреди да се бориме. И тие две ќе бидат во фокусот на нашиот главен јунак. Околу нив ќе се обидува, за нив ќе се бори, со живот ќе ги брани. Поради нив, ќе има дополнителна ерупција на креативност која ќе го доведе до решение и до посакуваниот резултат.

И на крајот, ќе добие резултат и ќе стане крал на среќни краеви. Затоа што имал идеја, се фокусирал на неа, работел предано и го добил она што му било потребно. Резултат. Ја исполнил целта.

Се одрекол од една за да реализира две. Помалку е повеќе. Бидејќи, да останеле сите три – не би имал ни еден резултат. Вака, имаме два одлични резултати и еден среќен крал. Зарем постои посреќен крај? 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...