Продажба

Драги Манев: Предности и осознавање на органското производство

21 апр 2016
Кога станува збор за препознавање на квалитетен производ, тогаш не може да се оспори порастот на продажба на органската храна.
 
Автор: Драги Манев, органски земјоделец
 
Маркетинг на органските производи
 
Кон крајот на 20 век, свеста на купувачите беше просечна, но веќе од почетокот на 21 век, работите почнаа да се кристализираат. Свеста на луѓето е на повисоко ниво, а со тоа се зголемува и побарувачката на органска храна. Ризикот од консумирање неорганска храна ги поттикна луѓето да се посветат на здравјето. Стратегиите на производителите на органска храна ги ставија на пиедестал купувачите, со акцент на едукацијата за здравствените, еколошките и за другите придобивки од органската храна.
 
Купувањето органска храна е начин на живот, но и личен избор. Со текот на времето, луѓето сфаќаат дека не треба да се консумира органска храна само ако се појави некој здравствен проблем. Напротив, консумацијата треба да се почне порано за да се дејствува превентивно.
 
Кај нас, потребно е уште да се работи на свеста. На пример, на полица во продавница има два исти производи, едниот е за 50 денари поскап од другиот, но е органски. Сигурно купувачот ќе го одбере производот што е поевтин. Но, ако тој има свои убедувања, вредности и ставови во однос на органската храна, тогаш ќе го одбере органскиот производ. Луѓето треба да споделуваат искуства, да знаат дека тоа што го внесуваат во своето тело треба да биде природно, дури и да е сезонски и во помали количества.
 
Органската храна е наменета за сите возрасти, а ја употребуваат само тие што сакаат да бидат блиску до природата, до внатрешната хармонија. Оваа храна ги привлекува тие што се насочени кон алтернативниот начин на живот бидејќи има голема вистина во изреката:  Ние сме тоа што го јадеме.
 
Постојат потрошувачи што сакаат да купат органска храна, но поради повисоките цени, не можат да си го дозволат тоа. Секој потенцијален купувач треба да се мотивира и да знае што добива од тој органски производ. Не е исто да купите два килограми од некој производ, кој во себе содржи хормони, антибиотици, конзерванси, вештачки ѓубрива, кој е генетски модифициран, наводнуван со отпадни води и еден килограм органско одгледан производ.
 
Потребно е оваа храна да се доближи до купувачите за тие да сфатат што значи овој начин на живот. Да се организираат предавања за потрошувачите, на кои ќе им се доближи органската храна за да дознаат како таа се произведува, зошто е корисна, зошто се разликува од неорганската храна, што прави во организмот, кои болести може да ги спречи...
 
 
Ако луѓето се едуцираат и ја сфатат причината за повисоката цена на пазарот, тогаш ќе знаат зошто е правилно да купат органски производ. Да купуваат сезонски, во помали количества, но тоа да биде здрава храна. Затоа што важен е квалитетот, а не квантитетот.
 
Нема поубаво чувство од тоа
кога праската навистина мириса како праска,
а згора на сè,
и има вкус на праска.
 
Зошто органската храна е поскапа?
 
Првата и основна причина поради која органската храна е поскапа е тоа што треба да се утврди нејзината веродостојност и автентичност, односно таа да добие органски сертификат. Постојат и други причини:
  • Побарувачката за органската храна е помала и ограничена;
  • Трошоците за производство се повисоки, се вложува поголем труд по единица производ; 
  • Органските производи се добиваат во помали количества, а тоа доведува до повисоки трошоци. Исто така, има повисоки трошоци за транспорт и за обработка;
  • Поради помалите количества, маркетингот и дистрибуцијата на органските производи се со повисоки трошоци.
Свесноста  за органската храна, а со тоа и побарувачката, се зголемуваат, поради што ќе треба да се воведат нови решенија и иновации за намалување на трошоците за производство, преработка, дистрибуција и за маркетинг.
 
Предности од органското производство
 
Промените што настануваат се на долг рок.
Еколошкото земјоделство има долгорочни придобивки,
меѓу кои се воспоставувањето еколошка рамнотежа,
спречување на загадувањето на почвата и штетното влијание врз неа.
Aктивниот пристап
„подобро да се спречи, отколку да се лечи",
игра значајна улога.
 
Почва. Органската практика во себе содржи органски ѓубрива, плодна почва, сечење на две или на повеќе култури што се садат во близина, обработување итн. Грижата за почвата ќе придонесе за зголемена плодност и за добар производ. Ерозијата на земјата со текот на времето ќе се намали, а тоа ќе придонесе за поздрава почва, поквалитетна храна, биолошка разновидност, зголемување на хранливите материи, за повисоко ниво на продуктивност на почвата. Почвата самостојно ја враќа природната вредност, но тој процес е многу долг. Затоа, некогаш е потребно да се додаде калиум, фосфат, калциум, магнезиум во остатоци, со што ќе се врати вредноста на земјата и ќе се заштити од хемикалиите што се употребуваат во индустриското производство на храна. 
 
Вода. Во голем број земји, загадувањето на водата е проблем поради синтетичките ѓубрива и пестицидите. Но, кога станува збор за органското земјоделство, тогаш не смее ни да се помисли на нив. Тие се заменуваат со органски ѓубрива, на пример, со животинско ѓубриво, зелено ѓубриво, компост. Ако земјоделците се мотивирани и произведуваат органска храна, целата планета има полза. Загадената вода ја загадува околината, а органското производство придонесува за почиста околина.
 
Воздухот и климатските промени. Со органското производство, се намалуваат агрохемиските потреби. Тоа придонесува во борбата со глобалното затоплување, преку способноста да се зголеми јаглеродот во почвата. Колку е поголемо количеството на јаглеродот во почвата, толку е поголем потенцијалот за намалување на климатските промени. Во природата сите процеси се поврзани, а со поттикнувањето на органското производство, природата повторно се раѓа.
 
Биолошка разновидност. Органските земјоделци се и чувари и корисници на биолошките разновидности. Од аспект на генетското ниво, приспособувањето на традиционалните семиња и разновидните видови, значи и поголемата отпорност од болести и поголема издржливост од климатските фактори. Природата самостојно се приспособува и создава засолниште за растителниот и за животинскиот свет, кои се во постојана рамнотежа. Најважно од сè е да се намали ерозијата и да се создадат здрави гени. Разновидноста треба да биде на високо ниво, а пестицидите, вештачките ѓубрива и отпадните води да останат во минатото. Само на тој начин органското земјоделството ќе оди во нагорна линија.
 
Генетски модифицирани организми. Употребата на ГМО не е дозволена во ниту една фаза од производството на органската храна. Таа храна е ризична за здравјето и за околината и поради тоа, органските земјоделци не го дозволуваат тој ризик. Во некои земји, сè уште нема закони со кои е задолжително обележувањето на храната ГМО. Поради тоа, купувачите сè уште не се свесни што купуваат и што внесуваат во организмот и не знаат какви гени поседува тоа што го јадат. Мешањето на гените не е корисно, пред сè, од причина што се земаат гени од различни видови што не се сродни. 


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...