Instory

Биоплант: Сè почнува од една луда идеја...

27 авг 2019

Ванчо Зрнцев по професија е градежен техничар, а по вокација и електроинженер и агроном... Тој е сопственик на „Анима“, компанија што се занимава со ГПС-услуги, истражување и пронаоѓање подземни води и дупчење бунари, како и со увоз и продажба на фотелји за масажа. „Анима“ е формирана во 2001 година и како што вели Ванчо, оттогаш досега, на неколку години додава по некој нов бизнис. Во 2014 година била формирана подружницата „Биоплант“, кога почнал увозот на саден материјал од бобинките гоџи и од брзорастечкото дрво пауловнија. Денес основната функција на „Биоплант“ е производство на премиум органски сокови, чија заедничка состојка е токму гоџито.

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Од семче до премиум органски сок

Во животот сум се занимавал со најразлични дејности. Со сите тие бизниси животот ми е поинтересен, никогаш не ми е здодевно. Имам добра интуиција и многупати ја следам. Од 1994 до 1997 година го издавав списанието PCWorld – Македонија. Го издадов првиот стрип „Мики Маус“ на македонски. Го направив и првиот регистриран електромобил во Македонија... Ако раскажувам, треба цел ден да зборувам... Искуството ме прави тоа што сум. Почнав да работам во 1984 година во погонот на ОХИС, а судбината сакаше повторно да се вратам во оваа околина, во индустриската зона Пинтија, и да го купам објектчево, почна да раскажува Ванчо.

Идејата за почнување агробизнис ја добил летото 2013 година кога на деловен состанок во Бугарија првпат слушнал за гоџи. Веќе следната година ја отворил подружницата „Биоплант“, која нуди саден материјал од гоџи, но и го гарантира откупот. Вработив агрономи, лозароовоштари и шумарски инженери. Почнавме да продаваме садници, а за да имаме поголема продажба, решив да направам еден бизнис-план според кој на луѓето што ќе купат саден материјал за минимум површина од еден декар, ќе им помагам со технологија и со знаење, но ќе им понудам и гарантиран откуп.

Повеќето луѓе се одлучувале за гоџи од причина што тоа е полукративен бизнис отколку одгледувањето пауловнија. Освен тоа, според нутритивните вредности, гоџито е едно од петте најкорисни растенија за човекот. Сфатив дека иднината е во здравата храна. Првите три години сертифицираниот саден материјал бил увезуван од Бугарија, но подоцна „Биоплант“, за да има поголема контрола врз квалитетот, почнал да произведува садници. Платив човек од странство, беше тука неколку месеци и ме учеше како од семче да добијам садница, вели Ванчо.

Во тој период нашиот соговорник ни оддалеку немал идеја за фабрика за сокови: Мојата идеја тогаш беше да произведувам садници, луѓето да произведуваат гоџи, а јас да го откупувам и да го продавам како свежо или како замрзнато. Како суровина. Ванчо  секоја година посетувал саеми низ Европа – „Биофах“, „Фрут логистика“... и барал потенцијални купувачи на гоџи. Сепак, проблем било што во тоа време гоџито било во преоден органски период, а и бараните количества биле огромни.

Во „Биоплант“ се трупале откупените количества гоџи, но поради неможноста да се пласираат, комплетното производство од првата и втората година било фрлено. Редовната исплата и зголемувањето на бројот на кооперантите продолжиле. Дури третата, четвртата година, кога почнаа да доаѓаат поголеми количества, почнав да размислувам да преземам нешто сериозно. Тогаш дојдоа едни Срби што имаа фабрика за сокови и купија гоџи од мене. Си велам, кога тие може да прават сокови со мое гоџи, зошто да не правам јас? Гоџито повеќе нема да го продавам како суровина, туку ќе правам финален производ – органски сокови од гоџи, истакнува Ванчо.

Зимата 2016 година решил да конкурира за средства од програмата ИПАРД 2. Проектот бил минипогон со целосна опрема за производство на сокови – од прием и миење на овошјето до пакување. Конкурирав во јули 2017 година. Точно една година документите останаа неотворени во ИПАРД, па во јуни 2018 година одлучив да ги повлечам. Сфатив дека морам сè да направам со сопствени сили. Купил помала линија машини од хрватска фирма и откако биле направени првите пробни производи (сокови од јаболко) во август 2018 година, производството почнало. Во септември-октомври лани потпишав договор со „Агроплод“ од Ресен и им го купив целото количество органски јаболка. Купувам и од други органски јаболкопроизводители. Очекуваме оваа сезона да преработиме околу 1.000 тони јаболка, плус големи количества гоџи, малини и вишни.

Од повеќе од 30 луѓе, колку што вкупно се вработени во „Анима“, 10 се вклучени во производството на соковите Биоплант.

Портфолиото на „Биоплант“ го сочинуваат три вкуса на сокови: јаболко; гоџи и јаболко; гоџи, малина и јаболко. Органските сокови се без додадени шеќер и вода, без конзерванси, во два вида пакувања – 250 мл и 750 мл. Следниот, најновиот сок ќе биде од вишна, гоџи и јаболка. Ја откупивме вишната, направиме експерименти, тоа ќе биде фантастичен вкус, открива Ванчо.

Тој посветува големо внимание на амбалажата на соковите. Дизајнот не само што е негова идеја, туку во голем процент е и негово дело. Иако ќерка ми, која е магистер по маркетинг, ме убедуваше дека црната боја е за премиум производи, сепак, се одлучив да дизајнирам по мое, со светли и свежи бои. Шишињата се обвиени со термособирачка фолија, која го штити овошјето од светлина, со што ги задржува вкусот, аромата и квалитетот. Притоа, оваа амбалажа го заштитува и капачето и е гаранција дека производот не бил претходно отворен. Со оглед на тоа што шишето целосно е обвиено со фолијата, без етикета, текстот може да биде на два јазика – на предната страна еден и друг на задната, што повторно е идеја на Ванчо.

Големата идеја

Првпат соковите Биоплант биле претставени на саем на минатогодишниот „Мидл ист органик енд натурал експо“ во Дубаи, кој го овозможил и првиот извоз. Во декември лани Ванчо почнал преговори за извоз на соковите, а веќе во април годинава извозот во Саудиска Арабија бил реализиран. На ред е освојување на Пиринејскиот Полуостров: Потпишав договор со еден сериозен човек, кој беше тука. Тој ќе ми биде застапник во Шпанија и Португалија. Требаше да влеземе во повеќе од 1.700 продавници, отворено му кажав дека нашиот капацитет не е дизајниран за големи количества сок, но дека има можност да го зголемиме капацитетот и да вработиме уште луѓе.

Кругот е затворен – од семче гоџи, производство на садници, продажба на сертифициран саден материјал, одгледување и гарантиран откуп на родот, до производство на сок.

Соковите Биоплант не се присутни на полиците на трговците на македонскиот пазар. Сè додека за органски сокови ДДВ-то е исто како и за безалкохолните пијалаци, кои ги викаме сокови иако тоа не го заслужуваат, сè додека се третираат на исто ниво, соковите Биоплант нема да се продаваат таму, дециден е Ванчо. Органските сокови за македонските потрошувачи се достапни на е-продавницата bioplant.mk/prodavnica, а доставата е бесплатна до нивниот дом.

Тој е дециден дека нема компромис околу цената: Да се произведе органски сок со врвен квалитет чини драстично поскапо отколку кога би правеле цеден сок од конвенционално овошје​. Имаме уникатни, неспоредливи вкусови. Зошто? Затоа што нашите сокови содржат нешто што другите го немаат. Тоа е гоџито, кое му дава исклучителна вредност на производот.

Ванчо ќе продолжи да оди по саеми. Ќе одам во Шведска во ноември, повторно ќе одам во Дубаи... Иако имам пласман, сепак, сакам да освојувам нови пазари, да стекнам нови искуства и да го промовирам гоџито. Најновата луда идеја ја претставил на саемот во Мускат, главниот град на Оман. Купив сушница за да го сушам гоџито, но пробавме и се разочарав. Од 4-5 килограми свежо гоџи се добива 1 килограм сушено, чија цена е превисока... Наместо гоџи, сега ја сушам исцедената пулпа од јаболката и од неа правам органска сушена храна за камили и за коњи. Затоа отидов во Оман, да ја претставам таа суперхрана за копитари.

Плановите до крајот на годинава веќе ги споменавме – нови саеми, нов сок од вишна и нови договори за извоз...

За крај, Ванчо нагласува дека во Македонија има одлични услови и необработена земја, а најлукративен агробизнис е одгледувањето гоџи: Гоџито го гледам како еден убав проект, затоа го почнав. Да направам што повеќе луѓе среќни. Навистина ми е мило кога знам дека соработувам со луѓе на кои многу им значат парите што ги земаат од нас. Од само еден декар засаден со 400 дрвца гоџи, во четвртата-петтата година може да се добијат до 6.000 евра годишно бруто-заработувачка. Половината нека е чиста заработувачка, пак е одлично.

Тој е особено среќен што уште една идеја е реализирана и кругот е затворен – од семче гоџи, производство на садници, продажба на сертифициран саден материјал, одгледување и гарантиран откуп на родот, до производство на сок. Останува најважното: пласманот.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...