Локално

Зрилиќ: Коронавирусот најмногу ги погоди дистрибуцијата и транспортот

19 мар 2020

Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk

Антонио Зрилиќ e основач на бутик-консултантската куќа „Логико“, консултант и експерт за оптимизација на оперативните процеси (логистика, набавка и производство). Поседува повеќегодишно искуство за развој на менаџментот. Со него разговаравме за како да се менаџираат дистрибуцијата и залихите и даде навистина корисни совети како да се справуваат дистрибутерите во време на криза.

Во моментот кога сите земји во светот се борат за здравјето на своите граѓани, компаниите/дистрибутерите се борат како навреме да ги достават производите до своите купувачи. Според вас како најдобро да се менаџира дистрибуцијата во овој кризен период?

Кризата со вирусот корона можеби најмногу го погоди секторот транспорт и дистрибуција. Дистрибуцијата во овој момент е целосно дисруптирана и се одвива во вонредни околности. Како и во секоја криза и во оваа постојат неколку фази и за секоја од нив постои различен одговор за тоа како да се доставуваат производите. Најтешко е во првата фаза кога владите и кризните стожери се обидуваат да го спречат ширењето на вирусот и истовремено да обезбедат навремена дистрибуција на стока. Исто така, не е сеедно дали се работи за основните животни намирници или за некои други индустриски производи. Секако, основните намирници ќе имаат предност.

Потребно е да се основа одреден кризен стожер во секоја компанија која е погодена од оваа криза и потоа:

  • Да се следи што се случува преку средствата за јавно информирање;
  • Да се воспостави комуникација со организациите и здруженијата од истата бранша, кои во овие моменти будно ја следат ситуацијата. На пример, Здружението за промет, кое работи во рамките на Хрватското здужение на работодавци секојдневно испраќа свежи известувања за состојбата и дава препораки за своите членки и тоа во текот на работната недела, но и за викендите.
  • Потребно е да се комуницира со своите партнери (купувачите, доставувачите и превозниците) за да не дојде до конфузија за да се координираат акците. На пример, во текот на кризата во Италија некои доставувачи се однесуваа природно и ги пуштаа своите камиони до купувачите притоа некомуницирајќи со нив. На тој начин предизвикаа конфузија и конфликти кај оние кои требаа да ги истоварат.Toa може да се спречи доколку подобро се комуницира и се спроведат планираните мерки за претпазливост.

Поуката што може да се извлече од целата ситуација е дека и во добрите времиња треба паметно да се управува со залихите и да се држат само потребните залихи, а не да се натрупуваат, бидејќи во време на криза најважни ни се готовината и ликвидноста.

Поради големата побарувачка се појавуваат проблеми со залихите. Според Вас која е клучната стратегија што компанијата треба да ја спроведе во време на криза?

Генерално, тука може да зборуваме за два главни и можеби конфликтни проблеми со залихите. Првиот, сега и најважниот е како да се обезбедат доволно залихи на основните намирници за неизвесен период кој луѓето мора да го поминат во изолација. Тука акцентот е на неизвесноста колку долго ќе трае оваа ситуација и карантинот во одредени градови и држави. Никој не може да има неограничени залихи и во тоа треба да се биде реален. Треба да се направи реална проценка колку би можело да трае оваа криза и врз основа на тоа да се донесат одлуки. Меѓутоа, тука повторно се враќаме на тоа што претходно го предочив, дека дистрибуцијата е отежната и набавката на нови залихи е доведена во прашање, поради што треба да обрнеме внимание на локалната набавка и дистрибуција.

Вториот проблем е всушност и поука што може да се извлече од целата ситуација, дека и во добрите времиња треба паметно да се управува со залихите и да се држат само потребните залихи, а не да се натрупуваат, бидејќи во време на криза најважни ни се готовината и ликвидноста. Затоа кажав дека овие два проблема се конфликтни, бидејќи за некои стоки мора да имаме осигурено снабдување и залихи за да може да ги намалиме ризиците кои се појавуваат во вакви времиња. Од друга страна залихите, ако не се во функција бидејќи тие не се животно потребни намирници и ако ни одземаат повеќе од потребната готовина за набавка на тоа што е итно и важно, како на пример исплата на работниците, тогаш тие залихи се терет.

По ваквите глобални пореметувања се менуваат навиките на луѓето, начинот на работа и на живеење, технологијата и методите на работење.

Сметате ли дека по подобрување на ситуацијата до вирусот корона, ќе настапи криза со понудата и побарувачката на производи? Како една држава треба да се справи со овој, наскоро, глобален проблем?

Никој не знае како ќе изгледа ситуацијата со работењето по оваа криза. За разлика од претходната рецесија која имаше еден решавачки момант, но постепено се прелеваше од држава во држава и од сектор во сектор, сега сите сектори и сите држави се погодени, речиси истовремено. Тоа е како да ресетирате програма или игра на фабричка поставка и да градите сè од почеток, но со искуството од претходните игри – сè е отворено. Какви ќе бидат побарувачката и понудата е една голема лотарија. По ваквите глобални пореметувања се менуваат навиките на луѓето, начинот на работа и на живеење, технологијата и методите на работење. Единствено е сигурно дека нема да биде исто како порано. Секако, некои работи ќе останат битни, како што се основните намирници, но можеби ќе се смени начинот на кој тие се нарачуваат, дистрибуцијата или начинот како се трошат. Во секоја криза побарувачката за основните намирници е стабилна како и за луксузните производи, бидејќи некои луѓе нема да бидат погодени на истиот начин. Меѓутоа, побарувачката за стока како што е мебел, градежен материја или електорника, веројатно нема да биде преголрма во прво време, сигурно не како пред оваа криза. Следните промени кои веорјатно ќе се случат ќе бидат од страна на понудата. Имено, трендовите на глобализација веќе беа спречени со претходната рецесија и со појавата на огромната средна класа во Кина, која ја зголеми побарувачката за стока која се произведува во оваа земја и на тој начин се намали капацитетот за извоз. Од друга страна оваа криза покажа ранливост во концептот на глобална набавка, бидејќи набавката на стока од Кина беше речиси оневозможена. Мислам дека ќе стане силен трендот за back-sourcing производство на Запад. Комбинацијата со јакнење на локалниот патриотизам со зголемен број на расположлива работна сила која поради кризата ќе  остане без работа може да биде клучна за враќање на некои стратешки и помалку стратешки стоки во Европа и Америка.

Ваш совет до компаниите во регионот.

Мојот совет е пред сè да се избегнува паника, што е најважно, бидејќи паниката и стравот ги парализираат луѓето. Другиот чекор е да се направи проценка на ситуацијата и на влијанието на одредена компанија со ладна глава. Следното е да се дефинираат сите можни сценарија (од најдоброто до најцрното) и тука треба да се биде што е можно пореален. Потоа треба да се дефинираат мерките за секое поединечно сценарио и двигателите кои ќе го придвижат сценариото. На крајот, треба да се задржи одредено ниво на активности, бидејќи на тој начин се избегнува апатија и размислувањата за најцрните ситуации кај вработените.




Слична содржина

@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.