Анализи

С. Зафироски: COVID-19 предизвик за македонската економија

20 мар 2020

Автор: Сергеј Зафироски – Извршен Менаџер на агенцијата за истражување и консалтинг Инсајдер ИД

Моментално глобалната, а директно и македонската економија се соочуваат со сериозен потенцијал и висока веројатност за влегување во рецесија како последица на корона (COVID – 19) вирусот. Всушност, моменталните мерки кои ги преземаат владите на Италија, Македонија, Германија, Кина и сите држави во кои е сериозно проширен вирусот како затворање на училиштата, факултетите, избегнување на групни собири, забрана за работа на трговски центри и поттикнување на работењето од дома, директно влијаат на намалување и на продуктивноста на компаниите, трговската размена односно на целата економската активност.

Италија која е една од најголемите светски економии, целосно ја затвори територијата и приближно ја прекина целата економска активност. Според определени проценки Италија само од туризам како последица на корона вирусот ќе „изгуби” 8,3 милијарди долари. Берзата во САД е во слободен пад и загубите се споредуваат со тие за време на финансиската криза во 2008 година. Какви ќе бидат последиците за економија како македонската, која и без ваква глобална криза има проблеми во нормалното функционирање? Кои се сценаријата кои би можеле да се реализираат, и кои се опциите за македонските компании?

ЗНАЧЕЊЕТО НА КРИТИЧНИОТ НАСТАН И ВЛИЈАНИЕТО ВРЗ ЕКОНОМИЈАТА

За поедноставно појаснување на „критичниот настан” и за влијанието кое се очекува да го има COVID-19 врз економиите, вклучувајќи ја и македонската треба да се појасни терминот „хистереза” во економијата. Oд макроекономска перспектива „хистерезата“ се однесува на краткорочен настан во економијата чии ефекти опстојуваат во иднина, дури и кога факторите кои го предизвикале тој настан се отстраните. Таа може да се појави по рецесија кога невработеноста продолжува да се зголемува без оглед на зголемувањето на економијата.

Критичниот настан (краткорочен настан) е соочувањето со кризата за сузбивање на болеста предизвикана од вирусот COVID-19 (корона), кој предизвика значајно намалување на економската активност и во зависност од времетраењето висок потенцијал за зголемување на невработеноста во државата. Според проценките, не е прашање дали светската економија ќе забави, туку дали забавувањето ќе биде до степен каде ќе влезе во рецесија.  Последиците за определени индустриски гранки ќе бидат сериозни односно ќе се соочат со загуби што ќе ги финансираат неколку години за да се вратат во состојбата пред кризата.

Доколку економијата во Македонија „забави“ само еден квартал, сè уште до крајот на годината постои потенцијал за остварување на позитивен резултат (моменталната проекција за пораст на БДП за 2020 е 4.2%), доколку се има во предвид дека уште еден квартал ќе биде потребен за стабилизација на работењето за дури потоа компаниите да продолжат со нормално водење на бизнисите.

Во моментот на анализата, во Македонија поголем дел од компаниите кај кои постои можност имаат донесено одлуки за работење од дома, скратено работно време или дел носат подрастични одлуки како намалување на бројот на вработени. Сите претходни мерки директно ќе влијаат и на целата економија, но едно од круцијалните прашања на кое треба да се даде одговор за да се проектираат последиците е колкав ќе биде периодот на борба со вирусот и периодот во кој ќе важат сериозните мерки?

Според проценките на аналитичарите, доколку мерките и кризната состојба се со траење подолго од 3 месеци, значителен број домашни компании ќе бидат приморани да го намалат бројот на вработени, додека со траење од 6 месеци поголем дел од компаниите ќе бидат приморани да ги затворат своите бизниси. Мал број од компаниите, располагаат со капитал кој би го финансирал бизнисот без соодветни приходи подолго од 6 месеци, додека и тие кои располагаат ќе ја разгледуваат можноста за зачувување на средствата за рестартирање на бизнисот. Моментално светските компании веќе ги намалуваат значително активностите или пак ги ставаат во мирување бизнис-активностите и секторите кои не се основниот бизнис или пак не се дел од главните сегменти кои носат пари.

Домашните компании и економија, досега се немаат соочено со криза од ваков тип, што посочува дека ќе бараат оптимални практики во другите држави кои најчесто се темелат на претходно посочените практики. При преминувањето на вториот месец, поголем број од компаниите ќе започнат со размислување за вработените, додека по третиот месец голема е веројатноста за значајно намалување на кадарот, за да се  „добие на време” преку заштеда на средства. И по официјалното завршување на  кризата, компаниите ќе бидат скептични за  враќање на претходниот број на вработени, што на краток рок може да доведе до зголемување на невработеноста и покрај зголемување на економските активности и раст на економијата. Доколку се преземат соодветни мерки за компаниите, последиците од ваквото сценарио може да се ублажат, но не и комплетно да се спречат, бидејќи повторно ќе има компании кои нема да го издржат периодот или пак нема да имаат можност да го повратат брзо истиот интензитет на работење како и пред кризата и како и претходно напоменато домашниот БДП има веројатност да биде во позитива на крајот од 2020 година.

Први на удар ќе бидат секторите кои имаат директна комуникација (клиенти, соработници и партнери) надвор од матичната економија односно вршат увоз/извоз на производи и услуги, транспорт како и секторот туризам. Бидејќи на Македонија главни трговски партнери ѝ се државите од ЕУ, особено Германија каде Македонија извезува приближно 47% од вкупниот извоз (2017 година, Извор: Државен завод за статистика), Италија каде болеста зема сè поголеми размери и воведуваат целосно затворање на територијата и земјите од Балканот Србија, Бугарија и Грција кои допрва ќе воведуваат мерки и ќе почне нивниот кризен период, се потврдува дека економската криза со непознато времетраење е неминовна за македонската економија.

Позитивниот аспект е дека банкарскиот сектор според НБРМ е високо ликвиден и е подготвен да го поддржи бизнис-секторот во комбинација со поддршката од државата, што може на краток рок да ги намали последиците од самата криза.

Доколку кризата има пократко времетраење од 3 месеци, може да се очекува брзо закрепнување на поголемиот дел од стопанските сегменти пред сè поради зголемената побарувачка која би се појавила по завршување на краткиот кризен период. Сепак, анализирајќи ја моменталната состојба и проекциите дека кризата ќе биде со подолго траење од еден квартал, нормализацијата за краток временски интервал нема да биде остварливо и повторно е потребна стратегија за поедноставно надминување.

ПЕРИОДОТ НА СПРАВУВАЊЕ СО БОЛЕСТА

COVID-19 со сигурност може да се смета за критичен настан поради кој постои висока веројатност македонската економија да падне во рецесија. Според консултантите, критични точки се неколку настани кои ќе ја продлабочат кризата и ќе го зголемат јавното мислење дека периодот во кој донесените мерки треба да се пролонгираат со цел сузбивање на ширењето, чие што моментално траење е од 14 дена, но можно е продолжување.

Проблематично е и што по официјалното завршување на кризата (настанот), потребно е време на стабилизација и доведување на компаниите на нормална „работна температура“. Таквиот период е особено потребен кај услужните дејности, кои поради загубата на проектите и договорите, по завршување на кризата приближно од почеток ќе ги работат и склучуваат нови договори, пред сè поради тоа што и фирмите кои што соработуваат ќе бидат во период на стабилизација на нивните бизниси.

Според анализите, времетраењето на кризата во најдоброто сценарио каде освен во Македонија и во останатите Европски држави би било 3-4 месеци додека критично би било времетраење кое надминува 6 месечен период. Во алтернатива над 6 месеци, компаниите ќе бидат приморани за многу подрастични мерки како намалување на бројот на вработени, намалување на капацитетите или во крајност затворање на бизнисите.

Во продолжение Табела 1 се прикажани мерките кои можат да дадат соодветни резултати за намалување на влијанието на кризата врз македонските компании.

Табела 1 – Предлози за намалување на ефектите од кризата врз компаниите

Нефинансиска помош за продолжување на нормалното работење

Помош на компаниите при интерната организација на работењето и спречување на ширењето на болеста, без прекин на работењето на компаниите.

За конкретната мерка се претпоставува дека компаниите ќе продолжат со нормалните секојдневни активности, но државата преку физичко присуство на своите служби ќе обезбеди висока безбедност на вработените, насоки за соодветно управување и едукација за избегнување на ширење на болеста.

 

Компензација или пролонгирање на годишниот одмор на вработените

Доколку кризната ситуација е во времетраење подолг од 1 но не подолг од 1,5 месеци, да се скрати годишниот одмор за вработените, со што би се компензирала загубата во време и средства за компанијата или одложување на искористувањето 6 месеци по официјалното завршување на кризата.

 

Можност за исплаќање на 50% од платата на вработените

Доколку кризната ситуација е со времетраење подолгo од 1 месец, овозможување да се исплати 50% од вкупната исплатена бруто-плата во последните 3 месеци. Државата во вакво сценарио нема да има потреба да интервенира дополнително со сопствени средства за доплаќање на разликата на нето-износот, но ќе се откаже од наплатата на 50% од придонесите на плата и персоналниот данок.

Ваков тип на мерка ќе биде особено поволна за компаниите од производниот и преработувачкиот сектор каде просечните плати го надминуваат законскиот минимум за мал процент, со што со ваквата мерка ќе можат да исплаќаат 2ца вработени за претходна плата од 1 и да ги задржат подолг временски период на работа без разлика на траењето на кризата;

 

Намалување на цената на режиските трошоци

Намалување на електричната енергија, горивата и други енергенси на цена на чинење, односно обврзување на компаниите кои работат во посочениот сегмент да изработат крајна цена која ги покрива сите нивни трошоци, без остварување на добивка. Втората опција е нивелирање на цената на “индустриската струја” со таа на домаќинствата со што би се намалил вкупниот трошок;

 

Поддршка од банките за исплата на ануитети и други банкарски обврски

 

Пролонгирање на роковите за исплата на ануитети за кредити до официјалниот крај на кризата. Една од мерките кои е потребно да се добие поддршка од банките кои ќе ја одложат наплатата се до официјалното прекинување на кризата или неколку месеци по него за да се овозможи соодветно закрепнување на економијата. Посочената мерка, доколку кризниот период е со поголемо времетраење од аспект на комерцијалните банки може да биде неатрактивна, пред се поради фактот што постои веројатност за затворање на дел од правните субјекти со што се губи можноста да се наплатат и дел од средствата.

 

Исплата на дел од јавниот долг кон поголемите претпријатија

Исплата на делот од јавниот долг кон компании кои вработуваат поголем број на лица и се критични за целиот економски систем. Како целни се за исплата на долговите примарно се компании кои вработуваат повеќе од 100 лица и чии што приливи би овозможиле одржување на подолг временски период и поголем број на семејства со константен приход;

 

Простор

Микро и Мали компании кои не можат да ги сервисираат трошоците за рента и режиските трошоци, а во претходната година остварувале позитивни финансиски резултати, овозможување на простории без надомест за определен временски период.

Наведените предлози ќе го намалат влијанието кое што го има кризата врз македонската економија, но со сигурност нема да ги отстранат. Пред се потребно е детално калкулирање на времетраењето за секој стадиум од кризата што во најголем степен ќе го дефинира и типот и времетраењето на марките и во кој период и зашто ќе бидат понудени.

Дел од претходно посочените мерки, можат да бидат имплементирани со помали финансиски средства што и при само обид за подобрување на ситуацијата нема да предизвика дополнителна штета. За останатите како намалување на режиски трошоци или плати под дозволениот минимум, потребно е големо планирање и инволвирање на поголем број интересенти во нивната реализација.




Слична содржина

@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.