Регион

„Орбико“ воведува автономни мобилни роботи

12 сеп 2019

Компанијата „Орбико“ почна пилот-проект за воведување автономни мобилни роботи во својот дистрибуциски центар во Иваниќ Град во Хрватска. 

Роботите се на „Гидеон Брадрс“, хрватска компанија за роботика.  

Како дел од проектот, „Орбико“ имплементираше два роботи на кои тестира различни барања, односни наредби од вработените во компанијата. 

Бранко Роглиќ, претседател на надзорниот одбор на „Орбико“, посочи дека предноста на автономните роботи на „Гидеон Брадрс“ е во тоа што тие можат самостојно да дејствуваат внатре во објектите на „Орбико“, а и се поевтини од слични што се нудат на странски пазари. 

Во синџирот на дистрибуција има многу операции кои непрекинато се повторуваат и тука ја гледаме најголемата помош од оваа технологија - за која не очекувам дека ќе ги загрози нашите вработени. Работниците ни се неопходни за оние активности каде технологијата не може да помогне, а со воведувањето на роботи би ја зголемиле продуктивноста и ќе ги намалиме трошоците,  вели Роглиќ во соопштението.  

Претходно „Гидеон Брадрс“ го претстави својот прв комерцијален производ, автономен робот за транспорт на товар на палети, со носивост од 800 килограми. Тој се тестира во компаниите „Токич“, „Атлантик  група“ и „Орбико“. 

„Орбико Хрватска“ има повеќе од 920 вработени, два дистрибутивни центри, 8 магацини и 12 депо локации со вкупна складишна површина од 54.000 квадратни метри. Групацијата „Орбико“ дистрибуира повеќе од 500 брендови до 80.000 потрошувачи на 20 пазари. „Гидеон Брадрс“, пак, беше основана во 2017 година, а веќе следната година инвеститори од Хрватска и од странство во неа вложија 2,2 милиони евра.