Македонија

Комората на медијатори пристапи кон Сојузот на стопански комори

05 јул 2019

Комората на медијатори денеска потпиша договор за пристапување кон Сојузот на стопански комори на Македонија, како 34-та членка.

Според Данела Арсовска, претседателката на Сојузот на стопански комори, компаниите во медијацијата гледаат еден начин како би можеле да ги решат своите спорови на краток рок, без голем број на трошоци со кои сега во овој момент се решаваат споровите.

Веруваме дека институциите треба да преземат малку поголема одговорност во тоа да ја подигнат свесноста, не само во деловната заедница туку воопшто кај сите дека треба да се анимира пошироката јавност за кое е значењето на медијацијата и зошто таа треба да се користи, не само во секојдневното работење на компаниите, туку и на граѓаните, вели Аровска.

Како што појасни Славе Младеновски, претседател на Комората на медијатори постапката за решавање на споровите со медијација според закон може да трае максимум 60 дена.Тој вели дека основното што ги мотивира страните што се во спор да го решат во постапка на медијација е интересот.

Тие точно знаат кој е нивниот интерес и секогаш ќе се водат од него. Во интерес на сопствениот интерес ќе гледаат постапката да биде куса, да биде евтина и притоа двете страни да дојдат до решение од кое ќе бидат задоволни, рече Младеновски.

На прашањето за колку би се намалиле трошоците на бизнисите доколку користат медијација, Аровска вели дека тие се зголемуваат многукратно доколку се оди по редовна постапка. Разликата меѓу медијацијата и редовните спорови е долготрајноста на постапката. Времето во бизнисот и економијата, како што рече, е еден од најважните фактори и не секој го има тој луксуз на располагање да може да решава должничко доверителски односи со години.

Според списокот објавен на сајтот на Комората и на Министерството за правда, официјално 43 медијатори се со лиценца.