Маалска продавница

Претставуваме: „Саде-С“

09 авг 2018
 

Приказната на „Саде-С" се раскажува на три места во Скопје, а во нејзината нарација се испреплетени речиси 15-годишното искуство, многубројните насмевки на постојани и случајни потрошувачи, брзите, но слатки разговори за секакви суштински и судбински теми.

Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk

И во летниот период кога нема голема фреквенција на луѓе во Скопје, во „Саде-С", на ул. Орце Николов, во близина на Општина Центар и Боемската улица, тоа правило како да не важи. Пред киоскот постојано застануваат луѓе и брзо заминуваат купувајќи го тоа што им треба.

Во пријатниот разговор со тимот на InStore, сопственикот Дејан Арсов ни раскажа како случајно се впуштил во натпреварот наречен трговија, како сите алки се споиле за синџирот од три киосци сега одлично да функционира.

Во трговија сум 20-ина години, прво работев во рибарница, семеен бизнис, а потоа решив да почнам со свој бизнис. Со жена ми, тогаш сè уште бевме во врска, одлучивме заедно да го почнеме бизнисот. Од никаде се појави идејата за отворање киоск мои пријатели веќе работеа, па ние ја презедовме работата. Почнавме во 2004 година и до ден-денес работиме, се присети Дејан.

Сите објекти се од 14 до 16 м². Едниот објект е на ул. Орце Николов, вториот е на ул. Партизански одреди, a третиот на ул. Мито Хаџивасилев-Јасмин. Во рамките на нивниот семеен бизнис функционира и рибарницата која се наоѓа во Сингелиќ.

Секој дуќан е добар ако ние сме добри со потрошувачите, ако се пристапни цените и ги има производите што тие ги бараат. Секој дуќан си има свои потрошувачи.

Локациите на сите три објекти се многу добри, но според Дејан, многу е важно да се има добра стратегија и тие добро да се разработат. Секој дуќан е добар ако ние сме добри со потрошувачите, ако се пристапни цените, ако ги има производите што тие ги бараат. Секој дуќан си има свои потрошувачи, објасни Дејан.

Со него отворивме многу теми за работењето на киосците, а една од нив беше и набавката на производите. Тој ја истакна добрата и долгогодишна соработка со дистрибутерите што му ги доставуваат производите. Никогаш не одел да ги набавува производите сам бидејќи смета дека тоа време може да го искористи за нешто друго. Иако просторот е многу мал, се обидува да биде во тек со новите трендови, па затоа новите производи ги пласира во помали количества.

Кога ги споменавме потрошувачите, ни остави впечаток дека има поминато многу време во разговори со нив, во пиење кафиња, надминување на недоразбирањата и сл. Понекогаш едноставно треба да премолчиш, да се насмееш и да продолжиш, ни ја откри тајната Дејан додавајќи дека со потрошувачите во киосците е интересно тоа што иако се задржуваат многу кратко, речиси десетина секунди, сепак може да се изгради посебен однос. Луѓето, воопшто, се робови на своите навики, а вработените во киосците ги препознаваат: Се обидуваме и со помалиот број производи да ги услужиме сите најдобро што можеме. Секој потрошувач ни е битен. Пред сите потрошувачи еднакво сме насмеани, услужливи, расположени... За некои од нив знаеме кои цигари ги пушат, кои весници ги читаат, на некои од нив им ги знаеме и проблемите.

Тимот што се грижи за добрата услуга брои десет луѓе. Дејан истакнува дека со нив функционира како семејство кое се обидува да ги преброди сите секојдневни перипетии.

Сепак, и оваа работа е напорна, некогаш работиме и по 17 часа, а понекогаш нема многу работа и по неколку дена. Кога има некој настан во паркот, тогаш има голема гужва и секогаш сум тука да помогнам. Работам со вработените, не сакам само да надгледувам, сакам да бидам дел од сите случувања, објасни Дејан.

Носечки производи во киосците се цигарите, весниците, гумите за џвакање, пијалаците, грицките... сето она што може набрзина да се побара и да се добие. Ако ги сметаме според бар-кодовите, според шифрарникот, тогаш во асортиманот на „Саде-С" има од 2.800 до 3.000 артикли, а престижни се 70 до 100 артикли. Бројот и видот на производи во сите три киосци се исти.

Како што се наближуваше крајот на разговорот, дојдоа на ред плановите за иднина. Ни откри: Стратегијата на работењето на киосците е блискоста до крајниот потрошувач, брзата услуга и убавиот кажан збор. Најави дека ќе продолжи да работи со трите киосци, според оваа стратегија, која е добро разработена и која му овозможува да помине време и со семејството, каде што да ги полни батериите за следните секојдневни битки.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...