Маалска продавница

Претставуваме: „Наја цен-маркети“

21 апр 2017
Секогаш со насмевка!
 
Секогаш еден чекор пред конкуренцијата, константен квалитетет на производите, срдечност и насмевка кон потрошувачите, се главните начела на маркетите „Наја цен-маркети" од Скопје
 
Разговараше: Васко Марковски, vasko@instore.mk
 
Сопственичката Анета Грковска (десно) и Цветанка Велјановска (лево), раководител на маркетот бр.2
 
 Сопственичката Анета Грковска (десно) и Цветанка Велјановска (лево)
раководител на маркетот бр.2
 
Маркетите „Наја цен" четири години се дел од секојдневието на населбата Дексион (Борис Сарафов 136, Ѓорче Петров 2), а веќе две години и за жителите на населба Хром (Исаија Мажовски 31, Хром).
 
Станува збор за семеен бизнис, зад кој стојат Анета Грковска и нејзиниот сопруг, и надоворзување на семејниот бизнис кој бил основан пред 18 години од нејзината мајка, од која го наследила маркетот во Дексион.
 
Имав прилика да учам и да бидам дел од тимот што го водеше таа, како харизматичен лидер, кој умееше да те насочи и да те мотивира, ни рече Анета, со која разговаравме во маркетот во Хром.
 
Првите чекори во трговијата ги направила во Охрид, во сличен тип маркет. Искуството што го стекнала со нејзината мајка, го надградила со студии по бизнис и логистика. Тоа ѝ помогнало да ги согледа недостатоците и да ги подобри организацијата и ефикасноста.
 
Од секаде можеш да извлечеш нешто позитивно. Секој човек си има свое специфично знаење и свој метод на менаџирање, оценува Грковска.
 
Зад „Наја цен" стои тим од 10 вработени. Маркетите се на површина од 106 квадратни метри (Хром) и 120 квадратни метри (Ѓорче Петров). Маркетот во Ѓорче Петров е во непосредна на Геријатриската болница, што прави, покрај локалните, голем дел од потрошувачите да бидат минувачи, а маркетот во Хром главно работи со жителите од непосредната околина. И едниот и другиот маркет се во непосредна близина на супермаркети од големите синџири: „Жито", „Кам", „Тинекс" и „СП".
 
Се бориме со добра услуга, констатнтен квалитет на секој производ, љубезност и секогаш со насмевка кон потрошувачите. Ги проверуваме производите, ги враќаме производите со поминат рок за уптореба. Најважно е муштериите да бидат задоволни, вели Цветанка Велјановска, раководителка на маркетот бр.2 и десна рака на Анета, уште кога заедно го учеле занаетот.
 
Се бориме со добра услуга, констатнтен квалитет на секој производ, љубезност и секогаш со насмевка кон потрошувачите
 
Секогаш треба да бидете еден чекор пред конкуренцијата, рано да одговорите на потребите на купувачите, специфични за сезоната во годината. Наша предност е квалитетот на услугата, индивидуалниот пристап кон потрошувачите и можноста брзо да реагираме со асортиманот, се надоврзува Анета.
 
Асортиманот, како што велат, опфаќа речиси сè што имаат и маркетите на големите синџири, освен производи од свежата програма.
 
Ги следиме новите трендови и во тоа многу ни помагаат комерцјалистите со кои соработуваме. Тоа ни дава предност, секогаш да ги имаме новите производи. Секако, ги следиме и трговските списанија, што ни помага да се информираме и да бидеме во тек со трендовите, вели Анета.
 
Дали некој нов производ ќе влезе во асортиманот, велат, зависи од квалитетот на производот и од цената. Крајниот збор го имаат потрошувачите.
 
Првата средба со маркетите на „Наја цен" оддава впечаток на срдечна, семејна атмосфера. Тие што влегле првпат, знаат и да бидат изненадени. Пријатно.
 
Кога работевме во Ѓорче, имаше муштерии што доаѓаа во Геријатрија и патем навраќаа и кај нас, да пазарат што им е потребно. Се случуваше да бидат изненадени од услугата, од срдечноста. Велеа дека пазаруваат во големите маркети, каде што живеат, но дека никаде не виделе услуга како кај нас, таква услужливост, таква љубезност. Некои велеа дека сакаат да напишат за нас во весник, за да прочитаат и другите за пријатното искуство што го имале, се сеќава Цветанка.
 
На заминување, ги прашавме за идината на овој тип продавници. Продавниците од овој тип, вели Анета, секогаш ќе имаат иднина. Но, како трговци, треба секогаш да бидеме во акција, треба да бидеме свесни дека оваа работа е напорна. Добивка секогаш има, но бара голема жртва, персонал кој е насмеан, услужлив. Ако го има тоа, кој и да било маркет, не може да не работи добро.
 


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...