Актуелно

Посетивме: Успешно заврши 2. Sarajevo Halal Fair 2019

28 окт 2019

Со прогласувањето на победникот на натпреварот за иновации „Transformers Roadshow“ на Исламската развојна банка, во Сараево заврши 2. Меѓународен саем за халал-индустрија - Sarajevo Halal Fair 2019

Приреди: Редакцијата на InStore

Годинава на Sarajevo Halal Fair 2019 се претставија 108 изложувачи од 36 земји, од кои 52 се од Босна и Херцеговина, а 56 се странски изложувачи. За следење на саемот беа акредитирани повеќе од 130 новинари.

Sarajevo Halal Fair 2019 го отворија Амер Буквиќ, претседател на управата на „Босна бенк интернешнл“ (BBI), Шефик Џаферовиќ, член на Претседателството на Босна и Херцеговина, ЈБ Датук Сери Саидудин Насутион Исмаил, министер за внатрешна трговија и прашања за потрошувачите на Малезија, Ајман Амин Сејини, директор на Исламската корпорација за развој на приватниот сектор (ICD) при исламската развојна банка (IsDB), Исрафил Куралај, заменик на претседателот на Стопанската комора во Истанбул, Един Форто, премиер на Кантонот Сараево, Хусеин еф. Кавазовиќ, реис-ул-улема на исламската заедница во БиХ.

Непосредно по свеченото отворање на Sarajevo Halal Fair 2019 беа потпишани два значајни договора меѓу босанскохерцеговските и малезиските компании. Русмир Хрвиќ, претседател на Управата на „АС груп“, и директорот Абд Азиз Бин Абд Рахим од малезиската компанија „Перак хала корпорејшн Сдн Бхд“ потпишаа меморандум за разбирање. Со неговото потпишување се договара дека во рок од 60 дена ќе биде потпишан договор за почетна инвестиција од 20 милиони евра во производство на пилешко и јајца во погоните на „Агрокомерц“. Интенцијата е во наредната фаза да се реализираат многу поголеми инвестиции со кои ќе се создадат предуслови за воспоставување на една од технолошки водечките компании во прехранбената индустрија на принципите на халал-производството, со производство на производи наменети за пазарите БиХ, регион, ЕУ и Блискиот Исток.

Sarajevo Halal Fair 2019 е меѓународен саем кој ги поврзува претставниците од сите делови од синџирот на халал-индустријата, вклучувајќи ги приватните компании, јавните корпорации, акредитациските органи, владините претставници и други претставници од халал-пазарот.

Претставниците на компаниите веќе ги објавија почетните консултации, а со потпишувањето на Меморандумот за разбирање се трасира патот за наредните чекори и се обврзува дека реализација ќе почне во многу краток рок, во наредните 60 дена. Значењето на оваа инвестиција е поголема ако се има предвид дека партнерот е еден од водечките производители во Малезија, кој е лидер во халал-индустријата, со исклучително технолошки напредни активности кои планира да ги имплементира во инвестицијата во БиХ.

Вториот меморандум за разбирање вреден пет милиони долари го потпишаа Енвер Авдиќ, директор на компанијата ЕСОФ од БиХ, и Каирул Азман, генерален менаџер на малезиската компанија „Мерибраун“, синџир на халал-сертифицирани фаст-фуд ресторани со 138 локации во Малезија.

Доделување на наградите Sarajevo Halal Fair 2019

На третиот ден од саемот наменет за халал-индустријата најдобрите компании и поединци беа наградени за придонесот за развој на халалот, а наградите им ги врачија Салих Пуришевиќ од „Босна бенк интернешнл“ и Дамир Алихоџиќ, директор на Агенцијата за сертифицирање на халал-квалитетот во БиХ.

Организаторите на саемот „Босна бенк интернешнл“ (BBI), Исламската развојна банка (IsDB) и „ИсДБ груп бизнис-форум“ (THIQAH) ги доделија наградите за исклучителен придонес во развојот на глобалната халал-индустрија на малезиската компанија „ГИСБ холдинг“.

Наградата за исклучителен придонес за развој на европската халал-индустрија ѝ е доделена на компанијата „АС холдинг“ од БиХ, додека наградата за исклучителен придонес на европскиот халал-пазар на германската компанија „Мегле“. Специјална награда од организаторите за придонес на европската халал-индустрија ѝ е доделена на Стопанската комора на Истанбул.

Заменик-градоначалникот на Загреб, Оливера Мајиќ, е добитничка на Специјална награда за придонес во халал-индустријата во Југоисточна Европа. Специјална награда за придонес на халал-индустријата во БиХ му е врачена и на Валдет Пешталиќ, шеф на одделот за образование при Агенцијата за сертификација на халал-квалитетот во БиХ, а на хрватската компанија „Краш“ ѝ е доделена награда за развој на халал-производи. Наградата од посетителите на Sarajevo Halal Fair 2019 за најдобар штанд ѝ е доделен на компанијата „МБА центар“ од БиХ.

Transformers Roadshow

Со прогласувањето на победникот на натпреварувањето во иновации Transformers Roadshow од Исламската развојна банка (Islamic Development Bank - IsDB) е завршен 2. Меѓународен саем за халал-индустријата.

Иноватори, научници и претприемачи од БиХ и од Западен Балкан првпат годинава имаа можност да учествуваат во натпреварот Transformers Roadshow. Со оценувањето од стручно жири беа прогласени најдобрите проекти.

Целта на натпреварот е да се препознаат иноваторите, научниците и претприемачите кои со нивните идеи можат да поддржат една или повеќе цели за одржлив развој во Обединетите нации, да се поврзат со оние што можат да пренесат релевантно знаење и поддршка, вклучувајќи и финансирање, и кои можат да понудат нови деловни можности или едноставно да добијат стратешки совети.

Sarajevo Halal Fair 2019 е меѓународен саем кој ги поврзува претставниците од сите делови од синџирот на халал-индустријата, вклучувајќи ги приватните компании, јавните корпорации, акредитациските органи, владините претставници и други претставници од халал-пазарот.

Побарувачката за халал-производите и услугите во светот бележи забрзан пораст, така што овој саем е можност за производителите на стоки и нудителите на услуги кои се халал-сертифицирани да се претстават пред дистрибутерите и увозниците од целиот свет, но и на локалниот пазар, кој сè повеќе бара производи со халал-сертификат.

Sarajevo Halal Fair 2019 се одржа во Центарот Скендерија во Сараево од 26 до 28 септември 2019 година, а организатори беа „Босна бенк интернешнл“ (BBI), Исламската развојна банка (IsDB) и „ИсДБ груп бизнис-форум“ (THIQAH), со поддршка од Исламската заедница во БиХ, Агенцијата за сертифицирање на халал-квалитетот во БиХ и Здружението за халал-индустријата, при Стопанската комора на ФБиХ, а под покровителство на Шефик Џаферовиќ, член на Претседателството на БиХ.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...