Актуелно

Дали бизнисот ќе ги прибере вишокот административци?

24 окт 2019

Министерот Дамјан Манчевски за InStore појаснува како се планира реформата што јавноста ја дочека „на нож“. Бизнисмените кажуваат што сè е потребно за процесот да успее, покрај  најавените субвенции и преквалификации

Пишува: Сунчица Стојановска Зоксимовска, sunchica@instore.mk

Институционален став

Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација

Реорганизацијата на јавната администрација значи дека конечно ќе се воспостави ред во хаосот создаден минатите години. Станува збор за обемен процес што го почнавме на почетокот на нашиот мандат. Ги мапиравме постојните институции, спроведовме анализа на правната рамка со која се регулираат институциите од јавниот сектор, и институциите од јавниот сектор ги групиравме по статус и вид, линии на одговорност и други релевантни информации. Дополнително беше спроведена хоризонтална функционална анализа на инспекциските служби.

Со реорганизацијата ќе се воспостават рамки за институционална организација, ќе се адресира проблемот со преклопување на надлежностите на институциите, ќе се реши и проблемот со институции со еден човек и ќе имаме јасни критериуми за тоа кои институции од кого можат да бидат основани, која институција пред кого одговара. Целта е институциите да се групираат по области на дејствување и да се дефинира нивниот профил.  Министерствата да се профилираат како креатори на политики, агенциите да спроведуваат политики, а функцијата на надзор ќе биде во надлежност на инспекторатите. Да се поедностави работата.

Не станува збор за никакво непромислено префрлање на вработени од јавен во приватен сектор, туку за сериозна стратегија за реорганизација на дел од вработените во државниот сектор.

За оваа цел, во моментот се имплементира и ИПА-проект. До крајот на годината би го имале новиот Закон за организација и работа на органите на државна управа. Потоа ќе следува усогласување на стотици закони. Тоа значи дека првите резултати ќе се видливи на крајот на годината и почетокот на 2020, но целиот процес ќе трае со месеци. Крајната цел е да се подобри работата на институциите, а со тоа и квалитетот на услугите што им ги нудат на граѓаните.

Дали реорганизацијата ќе влијае врз приватните компании, одговорот е секако да. Професионализацијата на јавната администрација и зголемувањето на ефикасноста позитивно ќе се одразат врз сите наши граѓани и врз бизнисите кои се во секојдневна комуникација со институциите. Трансферот на вработените од јавната администрација во приватниот сектор  е дел од стратегијата чија цел е да ја намали превработеноста во јавниот сектор, а притоа да обезбеди вработувања во приватниот, каде што сè повеќе фалат работници. Во моментов се изработува темелна анализа преку која ќе се дефинира стратегијата како ова да се направи, за корист да имаат и приватниот сектор и самите вработени што ќе преминат таму.

Субвенциите за приватниците се едни од темите за кои разговараме со нив. Пакетот поддршка што Владата ќе го обезбеди за приватните компании што ќе преземат дел од вработените во јавната администрација ќе се утврди во координација токму со приватниот сектор. Целта е тие да добијат субвенции кои им се најсоодветни, а притоа крајниот износ од буџетот на државата што се одвојува за плати за вработените во јавниот сектор да биде помал. Многу внимателно ќе се избираат кандидатите за соодветните позиции согласно функционалните анализи на институциите, нивните квалификации и искуство и потребите на потенцијалниот работодавец. Кога анализите и нацрт-стратегијата ќе бидат готови, ќе излеземе во јавноста и ќе одржиме јавна дебата со цел да се дефинира конечен план кој ќе биде добар и во интерес на сите.

Став од секторот

Перица Вичишки, генерален директор на „Атлантик трејд“

Претстојната година ќе ја одбележат значајни промени во работењето на компаниите, но и во начинот на работа и функционирањето на човечките ресурси, главно поради влијанието на новите технологии и промените што ги очекуваме на пазарот на трудот. Се соочуваме со одлив на работна сила и можеби оваа иницијатива на државата е еден вид превенција на одливот на луѓе во странство, а од друга страна е можност компаниите да ги обезбедат потребните кадри. Верувам дека постои потенцијал помеѓу вработените во јавниот сектор кои би можеле да одговорат на барањата на приватните компании преку правилна селекција и регрутација. Но, за овој процес да биде успешен, потребно е и потенцијалните кандидати и компаниите да покажат подготвеност за промени.  Работењето во „Атлантик Група“ и нејзините успеси ги гледаме преку луѓето, целосно свесни дека без вистинските кадри и меѓусебна поддршка не постојат врвни резултати, затоа сме отворени и за секој вид иницијативи кои на луѓето би им отвориле нови перспективи на нашите простори. Потребно е да се земат предвид потребите на компаниите и слободните работни места на пазарот на трудот во приватниот сектор, од една страна, а од друга страна, подготвеноста за промени и мотивацијата кај вработените од јавниот сектор за нови кариерни предизвици.

Поголем акцент би ставил на успешно профилирање, регрутација и селекција на нови вработени отколку на субвенционирани придонеси.

Кога зборуваме за преквалификација на вработените од јавниот сектор, мислам дека во основа тоа треба да биде некој вид психолошка подготовка и соочување со новите технологии и принципи на работа во корпоративниот сектор, кој е многу поподложен на брзи промени.  Можеби и преку некој вид работилници организирани во конкретни компании на луѓето треба да им се помогне да се приспособат, подготват и да се соочат со промените. Не е проблем флуктуацијата на високообразованите кадри, туку се соочуваме со сè поголема потреба за профили за кои се потребни стручни знаења за кои не е потребно високо образование. Како што споменав погоре, за овој процес да биде успешен, најважно е да се посвети внимание на квалитетен, добро структуриран, методолошки пристап и подготовка на вработените од јавниот сектор, но и подготвеност и отвореност на приватниот сектор за успешна селекција и регрутација. Сега, повеќе од кога било, на вработените најмногу им значат сигурноста и довербата, а ние како компанија настојуваме нашата единствена корпоративна култура да ја гледаме како фактор на конкурентска предност, а довербата како формула за долгорочен успех и одржлив развој.

Став од секторот  

Дриљон Исени, извршен директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија

Оваа тема првпат ја презентира премиерот Заев во 2017 година на состанок со нашата комора. Како комора не сме против, но сме резервирани бидејќи не знаеме за каков кадар станува збор. Ние сме за професионална администрација која треба да биде сервис за бизнисите.

При ваква мерка треба да се внимава за да не се злоупотреби за партиски реваншизам. Имајќи предвид дека и онака добрите кадри во администрацијата се во мал број, а ѝ требаат на државата во процесот на преговорите со ЕУ, секоја злоупотреба ќе има контраефект. Како ќе се спроведе оваа мерка, останува да се анализира и дебатира и се надеваме дека ќе ни биде презентирана пред да се примени. Начелниот став на комората е дека без анализа не може да прифатиме или да одбиеме. Од страна на надлежното министерство ни беше презентирана актуелната состојба на администрацијата со бројки, но без да ни се дадат детали по однос на профили. Стимулативните мерки секогаш се добредојдени за бизнис-заедницата доколку се применуваат неселективно, со елиминирање на човечкиот фактор при одлучување и да се добро испланирани. Но клучно е да се има кадар кој ќе ги исполни очекувањата на бизнис-заедницата, и ако тие кадри имаат квалификации и мотивација да работат во приватниот сектор, бизнисите се спремни и сами да ги покриваат трошоците. 

Ако постои детална анализа, спремни сме да разговараме со власта со цел да се види реално дали постои кадар корисен за бизнисот.

 

Недостигот на работната сила е факт и предизвик за целата економија и тоа се одразува и врз нашето членство, особено сега кога растат и присвојуваат нови пазари во странство. Освен дефицитарните профили потребни во градежништвото и производството, сега постои и недостиг на кадри на високо раководни места, како менаџери за операции, продажба, човечки ресурси и слично. Дали можат овој недостиг на профили да го пополнат лица од јавната и државната администрација, не можеме да кажеме без да имаме длабинска анализа. Ако ги има и ако сакаат да работат во подинамична средина, сигурно дека бизнисите се спремни да бидат дел од еден вин-вин резултат.

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...