Актуелно

Горан Теменугов: Популизам на најјако

25 сеп 2019

Поразително е што по којзнае кој пат се покажува дека незаконското работење се исплати, само треба да си факман за да не те фатат, a ако те фатат, веројатно ќе те амнестираат

Пишува: Горан Теменугов, новинар 

Борбата против криминалот на Балканот, особено во Македонија личи на спортски риболов. Го фаќаш криминалецот, го сликаш, па го пушташ. Ова го позајмив од Фејсбук, каде што некој народен мудрец сурово ја опиша нашата реалност. Но, нема да пишувам повторно за аферата „Рекет“, која очекувано прерасна во сапунска серија во која во обвинителство на распит се редат споредни ликови, а не и крупните риби кои веројатно пливаат во политички води. 

Поразително е дека и оваа Влада, како и сите претходни, по којзнае кој пат ни кажува дека незаконското работење се исплати. Дека треба само да си факман за да не те фатат, па по одредено време веројатно ќе те амнестираат. 

Најнова идеја на Владата предводена од СДСМ - ДУИ е да се субвенционира покачувањето на платите. Убаво звучи, како што е убава и обландата, но често нешто крие во себе. Така и оваа мерка, која вели дека ако работодавецот ја зголеми платата од 600 до 6.000 денари, државата ќе ги покрие придонесите за пензиско и за здравствено осигурување за покачувањето. Работодавецот за оваа сума ќе треба да плати само 10% за персонален данок, а придонесите за пензиско и за здравствено осигурување ќе ги плати државата. 

Ако покачувањето на платата е максимални 6.000 денари, тогаш за еден работник фирмите месечно ќе плаќаат по 667 денари персоналец, додека државата ќе покрие по 2.529 денари за здравствено и за пензиско осигурување. Оваа мерка засега не е ограничена. Премиерот Зоран Заев најави дека секој работодавец што ќе ја зголеми платата до 6.000 денари ќе може да побара субвенции. И тоа за следните три години. Ова значи дека теоретски мерката важи за сите 610.000 вработени во приватниот сектор и за сите компании. Од буџетот на државата ќе се одвојуваат по 40 милиони евра годишно за оваа намена или за трите години колку што ќе важи, вкупно 120 милиони. А, ќе се приберат само 10% од оваа сума, или по четири милиони годишно, односно вкупно 12 милиони за три години.   

Со оваа мерка Владата тврди дека ем ќе се зголеми платата на работниците ем ќе се натераат газдите да не плаќаат дел преку трансакциска сметка, а дел во плик, директно на рака. Значи, од Владата ќе фрлат кит, читајте 2.500 денари, за да фатат рипче, читајте 660 денари. Каде е овде логиката? Тешко е да се најде, но од Владата велат дека вака ќе се мотивираат квалитетните работници да не заминат од земјава и дека ова е вложување во човечкиот потенцијал. Иако негираат, сепак, јасно е дека со ваквата мерка добар дел од фирмите што досега работеле незаконски, односно исплаќале плати на рака, ќе бидат наградени. Добар дел од 120 милиони евра ќе завршат кај нив. Ова е мека фискална амнестија на неплаќачите на придонеси. А само десетина дена пред прецизирање на оваа владина мерка стопанските комори во државава побараа владеење на правото и неселективна правда.

Втора популистичка мерка е најавата за зголемувањето на минималната плата. Министерот за економија Крешник Бектеши прво ја кажа сумата, од 15.500 денари за минималец, по што самиот се демантираше дека не е донесена одука. Потоа демантираа сите од власта, иако извесно време се зборува дека зголемувањето ќе се движи околу оваа сума. И ова ќе се финансира од буџетот. Поточно, придонесите за дополнителните пари што ќе ги исплаќаат работодавците ќе бидат од државата. Засега не се знае колку ќе чини тоа, но првичните, груби пресметки се дека ќе биде минимум околу 20 милиони евра годишно. Значи, за две мерки Владата планира да дава по 60 милиони евра годишно, пари на граѓаните. За возврат, пак, министерствата за седум месеци успеаја да изградат патишта, болници, училишта, енергетски објекти од само 100 милиони евра или скромни 25% од предвидените капитални инвестиции за 2019 година. 

Но, за последново треба сериозно планирање, работа и капацитет на институциите за реализирање на проектите. Но, многу е полесно една година пред избори да се истресат пари од буџетот за субвенционирање на плати, иако со тоа се потпомагаат тие што работеле незаконски. Фати, сликај, пушти... 

Борбата против криминалот на Балканот, особено во Македонија, личи на спортски риболов. Го фаќаш криминалецот, го сликаш, па го пушташ. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...