Актуелно

Се готви закон за вишоците храна: Бизнисот бара јасни правила

20 авг 2019

Со законот (Собранието би требало да го усвои до крајот на годинава) ќе се стимулираат, но на некој начин и ќе се обврзуваат компаниите да не го фрлаат вишокот храна што е безбеден за употреба. Во работните групи што го подготвуваа законското решение немало претставници на компаниите

Пишува: Сунчица Стојановска-Зоксимовска, sunchica@instore.mk

Државата ќе ги стимулира компаниите да го донираат вишокот храна за оние на кои им е неопходна наместо да ја фрлаат на депониите. За таа цел, ќе се донесе закон, првпат во Македонија, кој ќе регулира каква храна може да се донира и кому, како ќе оди целата процедура и какви се олеснувањата за компаниите што ќе влезат во тој синџир.

Информацијата за изготвување на законот помина на владината седница на 4 јули. Агенцијата за храна и ветеринарство во рокот до 5 август до Владата го достави нацрт-законот за донирање на вишокот храна. Очекувањата се дека Собранието ќе го усвои законското решение до крајот на годинава.

Дел од компаниите бараа да има регулирање на оваа област, како еден вид нивна правна заштита. Овој закон би го дал тоа и ќе им олесни на сите вклучени во процесот да ги знаат нивните права и одговорности. Со оглед на тоа што законот во делот на даночни поттикнувања ќе се повикува на Законот за даноци и спонзорства, кој се планира да претрпи подобрувања, очекуваме ефикасна административна процедура која ќе ги поттикнува компаниите, смета Блаже Јосифовски од мрежата „Сите сити“.

Работната група за изработка на законот беше составена од претставници од 15-ина институции и 4 граѓански организации. Работеа од крајот на март до крајот на јули. Според нашите информации, во неа немало претставници од бизнис-секторот.

Јосифовски: Oчекуваме ефикасна административна процедура која ќе ги поттикнува компаниите.

Што ќе донесе новиот закон? Учесници во работните групи велат дека најважно е што се установува термин „вишок храна“, кој досега го немало во ниеден закон, ниту правилник во актите што ја уредуваа оваа материја. Предлозите во работната верзија се компаниите што ќе донираат храна да имаат даночни олеснувања, а во донациите ќе може да биде опфатена храна која е ставена во промет, а не е продадена, храна на која ѝ се приближува истек на рокот на употреба, неискористена храна од угостителски објекти и судски конфискувана храна која е безбедна да се јаде. Биле разгледани и прашањата за начинот на избор на дистрибутерите на храната, како и кои би биле крајни корисници - дали храна би добивале само оние што примаат социјална помош или и граѓаните со ниски примања. Во тој контекст се најавува и целосно прочистување на списоците во социјалните центри. Предвидени се и казнени одредби, но што од тоа ќе прифати Владата, ќе се знае кога законот ќе биде ставен на јавен увид на интернет-страницата на Националниот регистар на електронски прописи - ЕНЕР.

Донираат помалку од 3 отсто од компаниите

Поразувачки се податоците за количината храна што може, а не се употребува – во Македонија годишно се фрлаат околу 12.000 тони храна, со која може да се нахранат 26.000 граѓани. Државава е во високите 10 места во светот по фрлање храна, во услови кога околу 460.000 илјади граѓани живеат под прагот на сиромаштијата и не можат да обезбедат по три оброци дневно. Процените се дека вкупните вишоци храна кај нас надминуваат 100.000 тони годишно.

Сега повеќе граѓански организации прибираат донирана храна од компании и понатаму ја распределуваат. Една од нив, со најдолг стаж зад себе (девет години) е „Банка за храна - Македонија“. Станува збор за групација од 18 организации, со поддршка од компании што им се постојани соработници и со активности во 15 града. Нејзиниот претседател Душко Христов вели дека од нивното досегашно искуство, храна донираат помалку од 3 отсто од компаниите во Македонија.

Бизнис-заедницата се буди, но си бара сериозни партнери во пристапот, во преземањето на храната и во нејзината дистрибуција, ни изјави Христов.

Мрежата „Сите сити“ има повеќе од 30 донатори, кои во најголем дел се редовни. Најголеми донатори се „Виталиа“ и „Жито леб“. „Виталиа“ досега има донирано 15 тони, а „Жито леб“ околу седум тони храна. Мрежата соработува и  со „Витаминка“, „Евромак“, „Кола“, „Еуротабак“, „Гермина“, „Јоми Фуд“, „Грандекс“, Здружение на овоштари „Благој Котларовски“ - „Добра Земја“, „Микс Фрут“, „Канас“, „Пекарница Шишкови“ и други компании.

Лани кај нас се фрлија 50.000 тони само јаболка. Така што, просторот за развој на дејноста кај нас е огромен. Веруваме како организација дека доколку ја добиеме поддршката од компаниите, може да задоволуваме дневни потреби со по три оброци на повеќе од 11.000 граѓани, вели Јосифовски од „Сите сити“.

 Во Македонија годишно се фрлаат околу 12.000 тони храна, со која може да се нахранат 26.000 граѓани. Државава е во високите 10 места во светот по фрлање храна, во услови кога околу 460.000 илјади граѓани живеат под прагот на сиромаштијата и не можат да обезбедат по три оброци дневно. Процените се дека вкупните вишоци храна кај нас надминуваат 100.000 тони годишно.

Како да се убедат менаџерите?

Сега компаниите кога донираат храна, имаат право на одбиток од 5 отсто ДДВ од вредноста на донацијата. Со новиот закон ќе се стимулираат, но на некој начин и ќе се обврзуваат компаниите да не ги фрлаат вишоците храна што се безбедни да се дистрибуираат до гладните сограѓани. На пример, ако фирмата досега плаќала по 100 евра за да остави храна на депонијата „Дрисла“, во иднина да плаќа повеќе, па така да ѝ биде поисплатливо да ја донира употребливата храна отколку да ја фрли.

Зошто е тешко да се убедат менаџерите да се вклучат во мрежите за донации храна?  Според Христов, причини има повеќе.

Кај бизнис-заедницата има свест за проблемот. Тие најдобро знаат колку храна фрлаат. Но, бизнис-заедницата во моментов е во „ровови“ и не верува ниту во граѓански организации ниту во институции. Бизнисмените бараат сигурен партнер. И тие секако треба да бидат консултирани околу тоа што мислат за даночните олеснувања, дециден е тој.

Според Јосифовски, пак, има голем потенцијал во работата директно со менаџерските тимови, кои сфаќаат дека донирањето на вишоците храна може многу да им помогне да ги намалат трошоците, да промовираат општествена одговорност и да го поддржат општеството во кое и тие работат.

На почетокот од месецов и ЕУ почна да презема поконкретни мерки во борбата против фрлањето храна. Европската комисија усвои методологија со која ќе се мери колку храна фрлаат државите, што треба да овозможи полесно да се следи и полесно да се реши проблемот.

Фрлањето храна е неприфатливо во свет во кој гладуваат милиони луѓе и во кој се намалуваат природните ресурси што овозможуваат живот. Поради тоа, дефиниравме превенција за фрлање на храната, изјави Франс Тимерманс, потпретседател на Комисијата.

Секоја година околу 20 отсто од храната произведена во ЕУ се губи или завршува на отпад. Методологијата на мерење се темели на заедничка дефиниција за фрлање на храната, што ќе им овозможи на земјите-членки да го мерат вишокот храна на секој степен во синџирот на дистрибуција.

Искра Ветеџакоска-Муцунска, „Виталиа“ 

Поедноставна постапка на трошок на државата

Кога „Виталиа“ ги направи првите донации на храна и за кого беа наменети? Колку храна досега дониравте?  

 Да им се помогне на социјално загрозените категории граѓани е хуман чин, но и морална обврска за секоја општествено одговорна компанија. Од своето основање „Виталиа“ го прифати тој предизвик и не е случајно што денес сме најголемиот партнер-донор на проектот „Сите сити”, преку чија мрежа во последната година „Виталиа“ има донирано над 15 тони здрава храна. Се погриживме здравата храна да ја вкусат и да ги уживаат нејзините бенефити и оние што немаат можност за тоа, најранливата категорија граѓани на нашето општество.

Државата подготвува Закон за распределба на вишоците храна. Што е она што сметате дека треба попрецизно да се регулира околу донациите со храна, а од што би имале придобивка како компанија?

Постапката на дистрибуција и преземање на донираната храна да биде поедноставена и без надомест за производителите на храна, со што дополнително ќе се стимулираат храната да ја донираат наместо да ја фрлаат.

Соодветна алатка за исполнување би била законската обврска за донација и едноставна процедура на трошок на државата, односно институциите.

Придобивката за „Виталиа“ би била олеснет процес на пакување и дистрибуција на храната, а истовремено задржување на квалитетот и безбедноста на производот.

Според Вас, зошто бизнис-средината сè уште е скептична да се вклучи во вакви иницијативи?

Мора да се потенцира дека на голем дел од бизнис-средината ѝ е потребно подигнување на општествената свест и одговорност. Главен фактор претставува ниското ниво на едукација и информираност за тоа колкава количина храна се фрла и завршува како отпад, како и последиците врз животната средина. Со цел да се инспирираат поголем број производители, потребна е агресивна едукативна кампања со примарна цел – информирање и едукација, како и  презентирање на системот за донирање храна.

 Стефан Шишовски, „Перутнина Птуј“ дооел Скопје

Наслов: Прашањата за општествена одговорност се важни за потрошувачите

„Перутнина Птуј“ сега се вклучува во мрежата за донирање храна „Сите сити“. Зошто се одлучивте на ваков чекор? Колку храна би донирале и дали Вашата поддршка ќе биде еднократна или континуирана?

Во мај 2018 потпишавме меморандум за соработка со СОС Детско село – Македонија. Оттогаш се трудиме да донираме храна што е можно повеќе. Исто така, имаме годишен план за донации не само за оваа НВО, туку и за други организации и лица што бараат одредени донации. Согласно ова, планираме да донираме почесто, согласно нашиот план за донации.

Што е она што сметате дека треба попрецизно да се регулира околу донациите со храна, а од што би имале придобивка како компанија во текот на Вашето работење на македонскиот пазар?

Ние силно ја поддржуваме и ја поздравуваме секоја законска измена што може да донесе поголем број донации на храна, како и поттикнување на хуманитарната работа. Кога ние почнавме со донации на храна, тоа не го правевме поради некаква промоција и најголем дел од нашите донации не се јавни. Искрено веруваме дека секоја успешна компанија што работи на нашиот пазар, особено во FMCG-индустријата, треба да биде дел од некоја ваква мрежа за донации.

Од Вашето искуство на повеќе пазари, колку бизнис-секторот е мотивиран да се вклучува во вакви иницијативи? 

Во групацијата „Перутнина Птуј“ ги слушаме потребите на разните организации, како и разните општествени барања во нашите локални опкружувања и пошироко.

Ние соработуваме со разни организации и здруженија во областа на културата, спортот, образованието, поддржуваме хуманитарни и општествено одговорни проекти. Во оваа насока дејствуваме во различни улоги: или како иницијатори и промотори на проекти на кои покануваме партнери, или како еден од партнерите што учествуваат, а честопати и како спонзор, бидејќи даваме финансиска или материјална поддршка за многу проекти.

Поддршката и развојот на заедницата во која работи секоја компанија е еден од важните показатели за зрелоста и одговорноста на компанијата. Веруваме дека компаниите - глобално имаат слух за вакви хуманитарни иницијативи и се обидуваат да помогнат колку што можат повеќе. Среќни сме дека со текот на времето прашањата за општествена одговорност се сè поважни за потрошувачите и нивната перцепција при вреднување на одредени брендови.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...