Маркетинг

Синиша Гавриловиќ: Канали за интернет-маркетинг (3. дел)

29 мај 2018

Во третото и последно продолжение од кратката серија текстови за интернет-маркетингот ќе стане збор за партнерскиот и за маркетингот на социјалните медиуми.

Автор: Синиша Гавриловиќ, sinisa@trenutak.hr

Партнерски маркетинг (Affiliate Marketing)

Партнерскиот маркетинг, како еден од каналите за интернет-маркетинг, се состои од продажба на производи или услуги преку трети страни, кои за тоа добиваат одреден процент од продажбата. Тие трети страни обично се интернет-страници, иако може да бидат и фејсбук-страници, твитер-профили, њуслетери, па дури и AdWords-кампањи.

Овој вид интернет-маркетинг функционира така што продавачот на трети страни им нуди посебен код во линкот кон производите во веб-продавницата и секогаш кога купувачот преку тој линк ќе купи одреден производ, третата страна заработува однапред договорен процент од продажбата. Кодовите за следење на продажбата може да бидат поставени на различни начини. Може да биде временски код – на пример, ако промовирате нечија веб-продавница и ги доведувате потенцијалните купувачи на тоа веб-одредиште, може да се договорите да имате провизија за секој купувач што сте го довеле, во текот на следниот месец или подолго. Можно е исто така да имате и партнер, кај кој ќе се бележат само директните купувања на точно одреден производ преку точно одреден партнерски линк.

Овој начин на соработка при интернет-продажбата меѓу интернет-продавници и трети страни има предности за двете страни. Предностите за продавачот се големиот број соработници што не ги плаќа, освен ако нешто продадат. Тогаш, тој ги плаќа од заработката што веројатно не би ја остварил без нив. Партнерските соработници сами се грижат за промоцијата на производите и за пронаоѓање купувачи, а сопственикот на интернет-продавницата ја следи продажбата во рамките на партнерската програма и ги исплаќа. Недостаток на овој начин на продажба е сложената техничка поддршка. Неопходно е да се изгради и да се усовршува посебен партнерски систем, што најчесто можат да си го дозволат само поголемите играчи на пазарот.

Алтернатива на големите системи е употребата на кодови за попуст. Во тој случај, секој партнер има свој код и купувачот купува внесувајќи посебен код, преку кој се следи трансакцијата. Купувачот е мотивиран да го внесе кодот бидејќи тоа му овозможува одреден попуст, а сопственикот на интернет-продавницата тогаш му ја исплаќа дополнителната сума на сопственикот на кодот.

Партнерскиот маркетинг има предности за двете страни 
– за продавачот, тоа се големиот број соработници што не ги плаќа, 
освен ако нешто продадат. 
Тогаш, тој ги плаќа од заработката што веројатно не би ја остварил без нив.

Секако, првиот систем и многу подобро решение – подобро е само да се исплати соработникот што придонел за продажбата, без да му се дава дополнителен попуст на купувачот. На регионалниот пазар не постојат позабележителни партнерски програми, а на светско ниво, меѓу најпознатите се eBay Affiliate и Amazon.com Associates, иако постојат и многу други.

Маркетинг на социјални медиуми (фејсбук-маркетинг)

Темата за огласување на социјалните медиуми е многу сложена и тешко може да биде прикажана во еден текст, па затоа ќе ги изнесам само основните работи.

Главната тајна за успешното огласување на социјалните мрежи е фактот што преку нив се поврзуваме со пријателите и со луѓето со кои делиме исти или слични интереси. А, најсилниот аргумент за купување некој производ е – препораката од пријателот. Дури и денес, во добата на интернет-маркетингот, личните препораки се основа за поголемиот дел од бизнисите. „Фејсбук" ни го овозможува токму тоа – препораки од пријателите, во вид на лајкови, на голем број производи, услуги или идеи.

Размислуваме за купување во некоја интернет-продавница... Ако притоа видиме дека неколку наши пријатели стиснале лајк, автоматски и нашиот став за таа веб-продавница или производ ќе се усогласи со ставовите на луѓето на кои им веруваме најмногу – на нашите пријатели. Се случува и спротивното, ако видиме дека некој од нашите пријатели имал проблем со одреден продавач, и самите ќе заземеме одбранбен став. Ставовите на нашите пријатели влијаат врз нас, тие се нашите приватни инфлуенсери.

Втората голема предност што ја има „Фејсбук" е сегментацијата. Нашата таргет-група за огласување не треба да бидат сите, туку само тие за кои знаеме дека би можеле да имаат интерес за нашите производи. Корисниците преку лајковите откриваат толку многу за себе, што одредени експерти велат дека „Фејсбук" нè познава подобро од нашите пријатели, па дури и од нас самите.

Главната тајна за успешното огласување 
на социјалните мрежи е фактот што преку нив се поврзуваме 
со пријателите и со луѓето со кои делиме исти или слични интереси. 
А, најсилниот аргумент за купување некој производ е – препораката од пријателот.

Еден од најсвежите примери е кампањата за американските претседателски избори на кои победи Доналд Трамп. Неговата кампања целеше на неопределените гласачи, односно на тие што немаат цврсто дефиниран став за кого ќе гласаат. Во текот на кампањата за нив беа креирани 5,9 милиони различни верзии на огласи. Другата страна во својата кампања имаше само 60.000 огласи. Според одредени експерти за кампањата, следните избори ќе бидат значително полесни. Сега, кога ја дефинирале публиката и кога имаат реални податоци од претходната кампања, ќе биде релативно едноставно да се повтори истото.

Сепак, огласувањето на социјалните мрежи не е резервирано само за големите играчи. Со користењето на алатките на „Фејсбук" сите имаат можност да создадат свои „неодлучни купувачи" и да се насочат кон нив.

Првото нешто што треба да го направите е секако – да отворите фејсбук-страница. Кога ќе ја уредите и ќе смислите план за објава на содржини, треба да тргнете во собирање лајкови. „Фејсбук" функционира на тој начин што објавите на вашата страница може бесплатно да допрат до луѓето што ја лајкнале вашата страница преку досегот (reach) или да допрат до поголем број луѓе преку различни облици на платени огласи.

Вашата цел е што поголем број лајкови, со што и публиката се зголемува. Но, не наседнувајте на лажните лајкови, од кои нема да имате корист. Како и со речиси сите работи на интернет, и тука е можно да се лажира бројот на обожаватели. Постојат сервиси што може да ви продадат лажни профили од сите земји на светот за релативно смешни пари. Но, тоа не е вашата публика.

Обидете се до лајковите да стигнете на природен начин. За почеток, искористете го тоа што го имате. На својата веб-страница поставете ја ознаката „Придружете ни се на Facebook" и постојната веб-публика обидете се да ја претворите во своја фејсбук-публика. Покрај текстовите или производите во интернет-продавницата поставете ознаки за споделување и за лајкување. Во потписите на мејловите, покрај основните информации – име и презиме, веб-адреса, улица и телефон, ставете и линк од својата фејсбук-страница.

Откако ќе ја отворите фејсбук-страницата, испратете им њуслетер на своите корисници со известување дека отсега може да ве најдат и на „Фејсбук". Ако имате физичка продавница, ставете известување и за фејсбук-страницата. Дури постојат и физички бројачи на виртуелните лајкови, кои се многу ефектни и луѓето со задоволство ги користат. Адресата на фејсбук-страницата може да ја ставите и на визит-картите, летоците, на излогот од физичката продавница, на ѕидовите, како и на пакувањата на производите.

Ако сакате квалитетни резултати, мора да вложувате во огласување на „Фејсбук". Првата група на која треба да ѝ се обратите се пријателите на вашите пријатели. Пријателите обично се поврзани со исти или слични интереси и голема е можноста меѓу публиката на вашите пријатели да ги пронајдете тие што го имаат или сакаат да го имаат производот што го промовирате.

Стандардните опции за огласување на „Фејсбук" што треба да ги користите се:

  • Facebook Page Engagement – огласи што го прошируваат досегот на вашите објави и го зголемуваат бројот на лајкови, коментари, споделувања и прегледи на фотографии или видеа.
  • Facebook Page Likes – огласи што ја градат и ја зголемуваат вашата публика на „Фејсбук".
  • Clicks to Website – огласи што од „Фејсбук" луѓето директно ги водат на вашата веб-страница.
  • Во третото и последно продолжение од кратката серија текстови за интернет-маркетингот ќе стане збор за партнерскиот и за маркетингот на социјалните медиуми.


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...