Instory

Бурса кестане: Храната на султаните преточена во врвен деликатес

14 дек 2018

Бурса. Град во Мраморниот Регион во Турција и главен град на истоимената провинција, кој се наоѓа во северозападниот дел на Анадолија. Не случајно Бурса се нарекува бисер на Блискиот Исток – одзади го крие високата планина Улудаг, а брегот на Мраморното Море ја држи отворена вратата кон светот. Во отоманскиот период градот бил познат како Худавендигар или „Божји дар“, додека поновиот прекар Јесил Бурса или Зелена Бурса градот го добил поради парковите и градините во него, како и поради големата и разновидна шума околу него. Бурса е дом и на некои од најпознатите турски јадења. За гастрономите тука се ќетен-алвата, различните бонбони, слаткиот и пржен костен, како и слаткото од костени – деликатес што е специфичен за овој град.

Токму овој турски град и неговиот специјалитет се инспирација за создавањето на брендот Bursa Kestane, единственото слатко од костени што се произведува на македонскиот пазар. Приказната за инспирацијата и за почетоците, развојот на брендот, патот до полиците и за идните планови, ја слушнавме од менаџерот Бурим Мустафа и од мајсторот Бекир Шабани (на фотографијата), кој го прави овој сладок и единствен деликатес.

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Костенот од Бурса

Компанијата „Бурса Кестане“ е основана пред две години, во декември 2016 година во Скопје. Како што ни открива Бурим, во основа производството на слаткото од костени се сведува на семеен бизнис бидејќи во работата се вклучени луѓе од семејството. Претходно, семејството Мустафа немало искуство во производство или во трговија.

Како чин на
благодарност и почит кон инспиративниот
град, и брендот го носи името Bursa Kestane,
што во превод значи
„костенот од Бурса“.

Идејата да почнеме со производство на слатко од костени потекнува од пред повеќе од седум години. Слаткото од костени е заштитен знак на турскиот град Бурса и претежно се произведува таму. Имаме роднински врски, односно тетка која живее во Бурса и често ја посетувавме. Токму овој град нè инспирира и ни ја даде идејата да почнеме со производство на слаткото и во Скопје, се сеќава Бурим.

Почетокот, како што вели тој, не бил воопшто лесен. Долг бил патот до откривањето на вистинскиот рецепт, а исто така била потребна и опрема за производство на ова слатко. Роднините од Бурса многу ни помогнаа да најдеме луѓе, кои ни овозможија да го научиме занаетот и да го почнеме производството на слаткото во Скопје.

Како чин на благодарност и почит кон инспиративниот град, и брендот го носи името Bursa Kestane, што во превод значи „костенот од Бурса“. Ова слатко е познато и како храна на султаните бидејќи се смета за врвен деликатес и нешто многу вкусно. Секој што го пробал не може да му одолее на оригиналниот вкус на костенот, кој се чувствува при дегустацијата на ова слатко, со гордост истакнува Бурим.

Од ноември минатата година работи и продавницата
„Балкан свит шоп“ во Старата скопска чаршија
која е своевиден „базамент“, односно основа на
работењето на „Бурса кестане“.

Мајсторот кој е најзаслужен за неодоливиот вкус на Bursa Kestane е Бекир Шабани, братучед на Бурим. Тој признава дека процесот на производство на слаткото од костени е тежок и е различен од производството на другите видови слатка. Беше потребен огромен труд да научам како се прави слаткото од костени. Мајсторството го „испеков“ во градот каде што единствено можеше да се научи занаетот – во Бурса. Одредено време престојував таму и полека, полека, го усовршував занаетот, вели Бекир. Тој додава дека од неодамна почнале и со производство на слатко од вишна и од слива, производи што деновиве ќе бидат пуштени во продажба.

Вкусот на Бурса на полица

Погонот за производство на Bursa Kestane, на површина од 200 квадратни метри, е лоциран во скопската населба Бутел 1. Како што истакнуваат нашите соговорници, производството е стандардизирано со сертификат ХАССР и особено внимание се посветува на хигиената и на квалитетот на производите. Освен главниот мајстор Бекир, во производство се вклучени уште тројца од семејството.

Суровините за работа се набавуваат од домашниот пазар, од Турција или од Грција, во зависност од цената и годишното време, со оглед на тоа што во Грција костенот се собира 3 месеци пред собирањето во Турција.

Следните деликатеси
на „Бурса кестане“
ќе бидат колачите и
сладоледот од костени.

Разговорот со Бурим го продолжуваме за патот на Bursa Kestane до полиците во маркетите: Во малопродажба сме вклучени откако е направен првиот производ. Тоа беше некаде во јануари минатата година. Мора да признаам дека процесот на преговори течеше со многу препреки, кои успешно ги поминавме. Генерално, задоволни сме од поголемите синџири маркети, како што се „Веро“, „Тинекс“ и „Монтенегро“, кои ја препознаа нашата професионалност и нè прифатија како мала фирма. Бурим открива дека во план е проширување на соработката и со други трговци, како и со неколку бензински пумпи што се поатрактивни. Преговорите се во тек...

Со оглед на тоа што „Бурса кестане“ досега нема склучено партнерство за дистрибуција на производите, дистрибуцијата е организирана од страна на вработените во фирмата.

Бидејќи станува збор за нов производ на македонскиот пазар, Бурим вели дека поголемиот дел од потрошувачите досега не го ни пробале овој вид слатко: Секако, кога веќе еднаш ќе го вкусат, стануваат наши редовни потрошувачи. За да го заскокоткаме љубопитството на новите потрошувачи и да ги привлечеме, посветуваме големо внимание и на амбалажата – пакувањата на нашите производи претежно се во тегли во ексклузивна картонска кутија. Мислиме дека успеваме во тоа. И Бурим и мајсторот Беким се многу задоволни од тоа како потрошувачите го прифаќаат производот, а потврда за тоа се големиот интерес и позитивните коментари на дегустациите што ги организираат во маркетите.

Од ноември минатата година работи и продавницата „Балкан свит шоп“ (Balkan Sweet Shop) во Старата скопска чаршија која, според нашите соговорници, станала своевиден „базамент“, односно основа на работењето на „Бурса кестане“. Покрај слаткото од сопствено производство, кое освен што може да се купи, може и да се дегустира, во продавницата може да се најдат и слатка од повеќе балкански земји, како и чоколада, десерти и деликатеси од други производители, рачно изработени сувенири итн.

За крај, Бурим вели дека брендот Bursa Kestane е веќе застапен и надвор од земјава, односно на пазарите во Косово, Босна и Херцеговина, Белгија и во Швајцарија, а во тек се преговорите за пласман и во соседна Албанија. Тој открива дека е во план проширување на асортиманот на производи, а следните деликатеси на „Бурса кестане“ ќе бидат колачите и сладоледот од костени.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...