Локално

Зоран Китанов: Годината ќе ја завршиме со 700 километри рехабилитирани патишта

13 мај 2019

Aко зборувам за тоа што го затекнав кога дојдов, нема да бидам многу критичен и ќе кажам дека патиштата се тројка. Ако зборувам како возач, би им дал оцена двојка 

Разговараше: Сунчица Стојановска Зоксимовска, sunchica@instore.mk

Без добра инфраструктура нема бизнис, често велат бизнисмените кога сакаат да илустрираат колку поврзаноста низ земјава, но и надвор од неа е важна за стопанството.  Нови патишта и пруги би ја подобриле трговската размена особено со Бугарија и со Албанија. Зоран Китанов, директор на Јавното претпријатие за државни патишта, вели дека оваа година голем дел од проблемите на бизнисмените ќе бидат решени, а значителен напредок ќе се види во следните 2-3 години

Патната инфраструктура во државава е област каде што се најавуваа големи инвестиции и од претходната, но и од актуелната Влада. Која би била Вашата оцена, во каква состојба се во моментов патиштата во државава, на скала од 1 до одличен 5?

Ако зборувам за тоа што го затекнав кога дојдов, нема да бидам многу критичен и ќе кажам тројка, иако, ако зборувам како возач, би дал оцена 2. Најголемиот проблем е што да се доведат патиштата до оцена 4, на пример, требаше да се решат многу затекнати проблеми, од бирократски до практични. Некои патишта требаше да „се исправат“ за да можат да се средат. На пример: постоеше опасност од одземање на кредитната линија за патот Крива Паланка – Ранковце (преку Светска банка) затоа што експропријацијата беше завршена во неполни 15 отсто и во таква ситуација Светска банка не дозволува да се почне со работа. Побарав од Банката рок од 5 месеци за да дојдам до 90 отсто завршена експропријација. Ни дадоа шанса и во моментов експропријацијата е 99 отсто. Како е тоа можно? Ангажирав пет правници да работат само на овој проблем со земјиштето. Затекнав само двајца правници за експропријација во оваа институција, а имаме годишна бројка од 1000-2000 експропријации. Како тие луѓе да го сработат тоа?

Дали и стратешки важни проекти чекаа да се средат проблемите со сопственоста врз земјиштето?

Сите стратешки важни проекти чекаа експропријација. За патот Кичево - Охрид експропријацијата беше завршена само 15 отсто. На Миладиновци – Штип, 24 далноводи беа оставени среде пат. По договор, патот требало да биде готов на 2 мај 2017 година. Тогаш беше завршен 50 отсто, а требало да биде 100 отсто. Потоа критикуваат, завршен бил патот, ние сме кочеле. На Градско - Прилеп, иста ситуација - нерешена археологија, нерешена експропријација. Некој донел закон во 2012 година кој регулира дека нерешена експропријација не го спречува издавањето договор за градба. Но, од друга страна, за да направиш технички прием, експропријацијата треба да е завршена работа. Според техничкиот проект, и Демир Капија – Смоквица беше готов. Но, таму имаше 400 - киловолтен далновод среде пат, и тоа со конекција од Европа за Грција. Тој не можеш да го исклучиш како сакаш, треба да се јавиш во Виена за да бараш дозвола. За тој далновод немаше имотен лист. Тоа се свесно оставени замки.

Автопатот Миладиновци - Штип по проект е завршен. Не се вози по него оти некој не ги третирал населените места наоколу што немаат пристап до автопатот. Останува само тоа да го поправиме. Да завршат претседателските избори, ќе се пушти за возење.

Колку од она што Вие го ветивте е реализирано во последните две години, процентуално? Кои се приоритетите за тековната година?

Во последните две години се реализирани проектите околу 90 отсто, освен изградбата на автопатската делница Кичево – Охрид. Таму се доцни со динамиката на градежните работи поради неквалитетна документација, нерешени дислокации и нерешени имотно-правни односи. Покрај  Кичево – Охрид, со истите проблеми се соочуваме и на експресниот  пат Градско – Прилеп, делница Фариш - Дреново. Во текот на 2019 година со средства од Буџетот на ЈП за државни патишта е предвидено да се заврши со рехабилитација и изградба на 31 државен пат на цела територија на Република Северна Македонија, со должина од 217 км и вкупна инвестиција од 28,6 милиони евра. Со средства финансирани од Светска банка со вкупна вредност од 14,3 милиони денари ќе се рехабилитираат 12 патишта кои се поделени во 4 лота, со вкупна должина од 125 км. Исто така, во тековната година ќе започне рехабилитација на 7 патишта што се финансирани преку Европска банка за обнова и развој (регионални и магистрални во должина од 115 км) во вредност од 14,8 милиони евра. Во рамките на истиот заем се обезбедени средства и за рехабилитација на уште 19 патишта.

Во 2017 и 2018 година беа изградени и рехабилитирани 32 државни патишта (автопатишта, експресни, магистрални и регионални патишта) со должина од 367 км и вкупна инвестиција од 508 милиони евра.

Кој ќе биде проектот што ќе ја одбележи годинава?

Ако гледаме од наша гледна точка, ќе се отпочне со Скопје – Блаце. Но на тој што живее во Делчево или Берово му е важно што неодамна почнаа да се рехабилитираат сите патишта во Малешевијата: Делчево - Звегор, Делчево - Пехчево, Берово - Пехчево, Пехчево - Виница, Берово - Клепало, Берово - Струмица. Таму нема друг пат, тие се патиштата. Минатата година ја завршивме скапата реконструкција од Кочани до Делчево. Во ист момент е почната рехабилитација на патиштата околу Куманово: Куманово – Пелинце, Куманово – Опае, Куманово - Свети Николе, Куманово - Никуштак, Куманово - Ранковце, Ранковце - Крива Паланка.

Колку патиштата, вакви какви што се, можат да ги следат потребите на компаниите и на бизнисот?

Оваа година голем дел од проблемите ќе им бидат решени. Уште повеќе напредок ќе се види во следните 2-3 години, кога ќе завршат работите на патиштата и на автопатиштата. Секогаш има потреба од уште и уште работа. Главен проблем е проектирањето. Тоа е правено многу неквалитетно, избрзано, нетемелно, и тоа на сите патишта. Проектантите кажуваат дека имале притисок побрзо да завршат за некој побрзо да пресече лента. Ако државата работи паметно, може да дозволи некој да проектира пат 2 години, наместо 6 месеци. Ама потоа ќе го изгради за една година. На пример, Кичево – Охрид е пат нацртан врз резервоарот за вода на Кичево! Тоа сега значи нов инфраструктурен проект, нова дозвола за градба, нова експропријација...

Во првата половина од минатата година најавивте дека приоритет на ЈПДП се патишта кои најоддалечените точки во Македонија ќе ги поврзат за 90 минути. До каде сте?

Оваа година ќе се максимира работата на сите почнати експресни патишта и автопатишта. Експресните патишта што ги почнавме минатата година беа во делот на земјените работи. Сега ќе се дојде до бетонот, мостовите, до таму каде што се гледаат капиталните инвестиции. Овој месец почнаа рехабилитации во должина од 400 километри, кои ќе бидат завршени до крајот на јуни. Треба да има не знам какви временски неприлики за да не може да се работи. Во моментов тече и тендер за рехабилитација на други 15 патишта во должина од 200 километри, кои ќе почнат во јуни. Следуваат уште 14 до декември. Очекувам годинава да ја завршиме со 600-700 километри рехабилитирани патишта во Македонија и сите експресни патишта што се градат да бидат во завршна фаза. Првпат ќе се чистат сите канали и цевките за проток на вода под патиштата бидејќи водата му прави најголема штета на патот. Минатата година почна, а оваа година уште повеќе ќе се интензивира сечење на гранките и чистење на ѓубрето од патиштата.

Оваа година ќе имаме изградба и на четири нови моста и реконструкција на 12 моста. Меѓу нив е и големиот мост од Куманово до Свети Николе. Мостови во Македонија, освен во рамките на нов пат, 30 години наназад не се градени.

До каде се работите на автопатот Скопје - Блаце?

Изградбата на автопатот А4, делница Граничен премин (ГП) „Блаце“ - Скопје (клучка „Стенковец“) во вкупна должина од околу 12,5 км, е еден од најзначајните приоритети за инфраструктурни проекти на Владата на Република Северна Македонија. Изградбата на автопатот е поделена во две подделници. Првата подделница е од ГП „Блаце“ до клучка „Блаце“ (спој со локален пат кон с. Блаце) во должина од околу 2 км. Проектот за инфраструктура и Основниот проект за оваа подделница се во поодмината фаза на проектирање и се очекува да бидат готови до крајот на април 2019 година. Тендерот за надзор над градежните работи за првата подделница беше објавен во февруари 2019 година, при што отворањето на понудите ќе биде кон крајот на април 2019 година. Доколку понудите бидат во ред, очекуваме кон крајот на мај 2019 година да потпишеме договор за надзор на градбата за првата подделница, во должина од околу 2 км. Во меѓувреме ќе заврши проектирањето и ќе се отпочне тендерска постапка за избор на изведувач на градежните работи. Очекуваме градежните работи да започнат кон крајот на вториот квартал на 2019 година. Времето за завршување на градежните работи е предвидено на 18 месеци, односно се очекува градбата да заврши до крајот на 2020 година. Проектот за инфраструктура и Основниот проект за подделница 2, од клучка „Блаце“ до Скопје (клучка „Стенковец“), во должина од околу 10,5 км, исто така се изработува во рамки на ВБИФ грантот од ИПФ7 консултанти, кои проектирањето треба да го завршат до март 2020 година. Градбата на оваа подделница се очекува да заврши до крајот на 2023 година.

Дали се гледа финале на фазата за електронска наплата на патарините?

Во моментов се врши тестирање на патарините на Коридор 10 и таму ќе бидат готови за 20 дена, а на Коридор 8 ќе бидат готови до крајот на годинава.

Сега системот за електронска наплата се имплементира на 7 наплатни станици по должината на Коридорот 10 (Романовце, Петровец, Сопот, Отовица, Градско, Демир Капија и Гевгелија) и се очекува да заврши до септември 2019 година.

Со ваквата модернизација на наплатните станици поставени по должината на Коридорот 10  се воспоставува нов современ интегриран електронски систем за наплата на патарина, при што патарината ќе се плаќа готовински, со бесконтактни смарт-картички и со микробранови транспондери.

Овој систем има одредени предности кои треба да се потенцираат, како што се  зголемување на проток на возила и соодветно зголемување на приходите од патарини,  зголемен комфор на крајните корисници на патиштата, значително намалување на можноста за манипулации, воспоставување систем за електронска наплата со врвна технологија.

Имајќи ги предвид динамиката и активностите што ги спроведува Јавното претпријатие за државни патишта на патните делници по должината на Коридорот VIII и автопатот Миладиновци – Штип, во втората половина на 2019 година ќе се започне со изградба и инсталација на електронски систем за наплата на патарини и на овие делници, со што ќе се постигне целта за единствен систем за наплата на патарини на цела територија на Република Северна Македонија.