Локално

Стефан Шишовски: Континуиран квалитет и следливост

28 јун 2018
Стефан Шишовски, генерален менаџер на „Перутнина Птуј" - Скопје
 
Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk
 
Не постои желба, односно граница којa со доволен труд и континуитет во извршувањето не може да ве направи задоволна индивидуа. Постојат само луѓе што на овој пат ги забораваат овие две работи. Ова е мотото што го води Стефан Шишовски низ приватниот и деловниот живот. Ако ова го поврземе со вложениот труд за соодветно позиционирање на производите на „Перутнина Птуј" во Македонија и со нивниот континуитет во квалитетот, може да заклучиме дека неговото мото соодветствува и со вредностите на групацијата во која работи. Шишовски е на позицијата генерален менаџер на „Перутнина Птуј" - Скопје од 2013 година. Според податоците, со тимот во Македонија успеа да достигне годишна продажба од околу 4.200 тони производи, односно повеќе од 10 милиони евра, што, како што истакнува тој, ги сместува на врвот во регионот, на групациско ниво, според консумацијата по глава на жител. 
 
Групацијата „Перутнина Птуј" зад себе има 110-годишно искуство и многу успеси, но и падови. Кои се клучните вредности што придонесоа да ја задржи позицијата на еден од најголемите производители во регионот?
 
Групацијата „Перутнина Птуј" е една од ретките компании со вертикално организирано производство, која, како што кажавте и сами, своите почетоци на работењето ги има во далечната 1905 година во регионот на денешен Птуј, Словенија. Основна дејност на компанијата е производство на живинско месо и производи од живинско месо. Денес, групацијата „Перутнина Птуј" е компанија со повеќе од 3.650 вработени, со производствени погони во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и во Србија, како и три трговски компании во Австрија, Македонија и во Романија. Основни постулати, односно клучни вредности во секојдневното наше работење се квалитетот, безбедноста и следливоста на нашите производи. „Перутнина Птуј" веќе години наназад, како пионер во својата дејност, успеа да воведе целосна следливост на своите производи до крајниот потрошувач.
 
„Перутнина Птуј" - Скопје во Македонија работи од 2010 година. Накратко опишете го развојот на компанијата. Колку искуството на матичната компанија ви помогна во одржувањето на позицијата на македонскиот пазар?
 
Нашата компанија во Македонија, согласно нашата стратегија за интернационализација, е основана во 2010 година, меѓутоа, производите на „Перутнина Птуј" имаат успешна продажна приказна на македонскиот пазар повеќе од четири децении. Тоа за нас претставува исклучителна чест и задоволство, особено од односот и довербата што македонските потрошувачи ги имаат кон нашиот квалитет. Компанијата во Македонија, по основањето во 2010 година и првите неколку години на консолидација, почнувајќи од 2013 година, почнува со директна деловна соработка со поголемите синџири на маркети на нашиот пазар, додека со другите купувачи, согласно стратегијата за настап, ја вршиме преку нашиот дистрибутер. Морам да признаам дека искуството, односот и поддршката од матичната компанија беа едни од клучните фактори за успешната приказна на најмалата компанија во групацијата „Перутнина Птуј", компанијата во Македонија, според бројот на вработени.
 
Ако знаеме дека стратешките одлуки се важни, а секоја грешка се плаќа скапо, можете ли да ни ја издвоите Вашата деловна одлука што го одбележала Вашето работење во компанијата?

Морам да признаам дека сум прилично задоволен од стратешката одлука за изборот на мојот млад тим, еден од најмладите во нашата групација, одлука од која сè уште црпиме сериозна позитивна енергија, која е исто така една од причините за успешната приказна на „Перутнина Птуј" во Македонија.
 
Гледано ретроспективно, колку се смениле македонскиот потрошувач и условите за работа на овој пазар? Кој ги диктира правилата во FMCG-секторот: трговските синџири, производителите или потрошувачите?
 
Гледано ретроспективно и компаративно со другите пазари во регионот, македонскиот потрошувач е во принцип традиционален консумент на исклучително квалитетна храна. Поаѓајќи од нашата богата домашна кујна, која понатаму се прелева во изборот на производи на малопродажните полици, морам да признаам дека местото на македонските потрошувачи е во самиот регионален врв. Нормално, процесот на концентрација на малопродажбата е присутен и кај нас, меѓутоа, се одвива со малку позабавено темпо од она во регионот. Околу правилата на игра во FMCG-секторот, мислам дека зборот диктира е на некој начин престрог бидејќи се работи за една трипартитна игра помеѓу трговските синџири, производителите и потрошувачите, во која на крајот на денот победници се сите. Потрошувачите, со изборот на најквалитетни производи за најприфатливи цени, производителите, чија секојдневна цел е производство на квалитетни производи, и секако синџирите маркети, кои преку продажба на производи со поголема додадена вредност акумулираат поголема добивка.
 
Македонија е мала држава со уште помала куповна моќ. Колку е тешко да се позиционираат производи од повисока ценовна група на еден таков пазар? Кои се вашите купувачи?
 
Како што кажав и претходно, македонскиот потрошувач сака да консумира квалитетна храна. Од тие причини, доколку се најде вистинскиот баланс меѓу цената и квалитетот, мислам дека проблемот за позиционирање и продажба на такви производи станува минорен. Впрочем, и нашиот пример за македонскиот пазар, односно македонскиот потрошувач го потврдува тој факт. Во Македонија соработуваме со речиси сите купувачи што имаат соодветна инфраструктура за чување на нашите производи, кои, како што знаете, бараат посебен температурен режим. Нивната бројка во 2017 беше околу 1.450 купувачи со нумеричка дистрибуција од околу 2.375 објекти.
 
Доколку се најде вистинскиот баланс меѓу цената и квалитетот, проблемот со позиционирањето и продажбата на производите од повисоката ценовна група станува минорен. 
 
Проблемот со небезбедната, но ценовно посоодветна храна и понатаму е актуелен, поради што во април организиравте прес-конференција чија цел беше подигнување на свеста за важноста на изборот на квалитетна храна. Во поглед на ова, каква е ситуацијата во Македонија? Кој е најчестиот виновник поради кој потрошувачот купува небезбедна храна? 
 
Како што знаете и сами, домашното производство на храна, за жал, од година на година е сè помало, односно увозот на храна станува сè поголем. Македонија, како мал и отворен пазар, увезува храна од речиси сите поголеми држави. Големите производители на храна, кои најголем дел од своето производство го пласираат или на домашниот пазар или на европскиот пазар по многу повисоки цени, за жал, дел од своите производи по многу пониски цени ги пласираат и на нашиот, македонскиот пазар. „Перутнина Птуј", за разлика од големите производители (пред сè во Источна Европа, како Полска, Украина, Бугарија, па и Германија), кои отидоа во насока на интензивно производство, што ги намалува производствените трошоци, за сметка на зголемено учество на адитиви и антибиотици, успеа да го задржи традиционалниот начин на производство, во мали, расфрлани во природа фарми, каде што одгледувањето се одвива во многу попријатни услови. Дел од тоа производство е сопствено, а соработуваме и со повеќе од 240 кооперанти, чие производство и крма за исхрана на пилињата се комплетно контролирани од наша страна, односно производството на крма е наше сопствено.
 
Токму во таа насока беше и организацијата на последната прес-конференција, каде што, меѓу другото, потенциравме и дека најголемиот увоз на пилешко месо во Македонија доаѓа од државите кои во своето производство користат најголемо количество на антибиотици (Бугарија, Полска, Германија).
 
Меѓу другото, на конференцијата беше најавено и лансирањето на линијата Натур премиум. Каде сè се пласирани производите од оваа линија и какви се досегашните резултати од продажбата?
 
Така е, како пионер во многу работи од своето досегашно работење, пред околу еден месец на нашиот пазар беше пласирана линијата Натур Премиум, како повисок стандард во начинот на одгледување на пилињата. Станува збор за сертифициран стандард за одгледување, каде што одгледувањето се одвива во мали фарми, пилињата имаат поголема можност за слободно движење, излегување надвор од фармата и на тој начин и квалитетот на финалниот производ е подобар. Производите ги има во речиси сите поголеми синџири кај нас, а резултатите од продажбата во моментот се задоволувачки. Морам да признаам дека сме особено горди што овој стандард и начин на одгледување беше многу добро прифатен од страна на консументите во Швајцарија и во Австрија.
 
Годишно во Македонија „Перутнина Птуј" продава околу 4.200 тони производи, односно повеќе од 10 милиони евра вредносна продажба.
Ненавремената наплата на побарувањата е еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат компаниите во Македонија. Дали тоа е мака што ја мачи и „Перутнина Птуј"?
 
Проблемот со ненавремена наплата на побарувањата е периодичен, во најголем дел наплатата се одвива согласно договорените валутни рокови, така што во таа насока немаме некои посериозни проблеми.
 
Дистрибуцијата ѝ ја доверивте на „Колид Фудс". Зошто се одлучивте на тој чекор?
 
Од почетокот на 2017 година дистрибуцијата на нашите производи ѝ ја доверивме на компанијата „Колид фудс", за која сметаме дека го има соодветниот професионализам и квалитет за извршување ваков тип услуги. Фактот што во 2017 година ја имавме најуспешната година во работењето на „Перутнина Птуј" во Македонија, доволно говори за оправданоста на оваа наша одлука. 
 
Колкава е продажбата на производи на „Перутнина Птуј" во Македонија, волуменски и вредносно? 
 
Продажбата на наши производи на македонскиот пазар во последните неколку години е во континуиран пораст. Ова е само уште еден индикатор дека работиме добро и дека квалитетот на нашите производи ги задоволува потребите на просечниот македонски потрошувач. Годишно во Македонија продаваме околу 4.200 тони наши производи, односно над 10 милиони евра вредносна продажба, што нè држи на врвот според консумацијата на наши производи во регионот, по глава на жител.
 
Во преостанатите земји од регионот групацијата има и свои производствени погони. Дали во Македонија се планира инвестирање во еден таков погон? Кои се идните планови за македонскиот пазар?
 
Како што кажав и претходно, нашата групација, надвор од словенечкиот пазар, има свои производствени погони во Србија, Босна и Херцеговина и во Хрватска, така што на краток рок не се планираат инвестиции во Македонија. Целокупното портфолио на увезени производи за македонскиот пазар го организираме преку нашето производство во Словенија (Птуј и Љубљана).
 

Плановите за пораст и развој на бизнисот во Македонија се амбициозни, па во таа насока би сакал да им порачам на македонските купувачи, на ист начин како и досега, и во иднина да бидат бескомпромисни кога е во прашање продажбата на квалитетна и безбедна храна.
 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...