Анализи

„ЛЗ ритеалитикс“: Малопродажните кооперативи го губат уделот на европскиот пазар

19 сеп 2019
Малопродажните кооперативи за прехранбени производи губат удел на пазарот во Европа. Во 2024 година тие ќе сочинуваат 27% од продажбата на мало, што е за 3% помалку во споредба со 2014 година.
 
Автор: Жилда Ајтаме, сениор аналитичар за малопродажба, „ЛЗ ритеалитикс“ 
 
Малопродажните кооперативи во анализава се разновидни, односно вклучуваат задруги на сопственици на продавници, организации во сопственост на вработените и потрошувачки кооперативи.
 
Во Централноисточна Европа (ЦИЕ) кооперативите се борат да продолжат во услови на силна конкуренција од дисконтерите и вложуваат големи напори за надградба на нивните концепти и за проширување на франшизата. Во Западна Европа консолидацијата на пазарот влијае врз малопродажните задруги со средна големина. Големите кооперативи гледаат на меѓународната експанзија како на голем предизвик, а тоа честопати резултира со излегување од пазарот. Премногу се потпираат на домашниот пазар и често, за да го одржат порастот, се диверзифицираат во непрехранбениот сектор.
 
Сепак, малопродажните кооперативи и нивната вкупна продажна површина ќе се зголемуваат во текот на следните пет години. Нивната надолна линија треба да се анализира од друга перспектива, а тоа е дека други видови организации се шират побргу. Трговците на мало во јавна или во приватна сопственост често се потпираат на скапи експанзии за да го поттикнат порастот.
 
Малопродажните кооперативи за прехранбени производи губат удел на пазарот во Европа. Според истражувањата на „ЛЗ ритеалитикс“, тие ќе сочинуваат 27% од продажбата на мало во 2024 година, што е за 3% помалку во споредба со 2014 година (графикон 1). Бројот на продавници (ќе) се намалува за 300 годишно во текот на деценијава.
 
 
Сепак, присуството на малопродажни кооперативи (графикон 2) во голема мера варира од пазар до пазар. Задругите се доминантни модели на малопродажба во Швајцарија и во Шведска, со пазарен удел од 61,9%, односно 51,3%. Тие, исто така, се рангираат и меѓу најдобрите трговци на големите европски пазари, како што се Германија, Франција и Италија.
Графикон 2
Европа: Пазарен удел на малопродажните кооперативи (во проценти) во различни земји*, 2019 година
 
 
 
Борба во ЦИЕ
 
Сепак, тоа не е случај во поголемиот дел од земјите од ЦИЕ. Брзата трансформација на поранешните социјалистички економии и големите инвестиции од западни трговци оставија ограничен простор за формирање големи кооперативи за малопродажба, покрај семејните и малите регионални мрежи.
 
Иако се значајни на некои пазари, како што е Унгарија, локалните задруги се борат да го продолжат чекорот во услови на силна конкуренција од дисконтерите, надградувајќи ги на своите концепти.
И покрај тоа што на некој начин е заштитена, задругата „Бекоопсојуз“ (7.500 продавници) во СССР-носталгичната Белорусија забележа колапс на приходите и во моментов ја рационализира својата продажна мрежа. Притисокот може да се забележи и во Западна Европа, иако во помала мера.
 
На западноевропскиот пазар се забележува засилено влијание од консолидацијата, при што малопродажните задруги се апсорбираат во поголеми мрежи. „Ниса“ ја купи „Кооператив груп“ во Велика Британија, а „Кооп“ – Германија, де факто, беше инкорпорирана во групацијата „Реве“.
 
Специфични пречки
 
Во споредба со другите типови организации, кооперациите се соочуваат со неколку специфични пречки. Регрутирањето и задржувањето на членовите е секојдневна борба на зрелите пазари. Задругите мора да бидат способни финансиски да им помогнат на членовите при инвестирањето или во тешките години на тргување.
 
Напредокот може да биде бавен и заморен, од лобирање во процесот на донесување одлуки до тешкотии при набавката на финансиски средства за капитални проекти... Освен тоа, кооперациите се соочуваат и со ограничување на порастот, поради што често се диверзифицираат во непрехранбениот сектор.
 
Поголемиот дел од задругите се потпираат на еден единствен пазар. Неколку кооперативи беа интернационализирани доволно рано, но голем дел од нив се соочија со ниски резултати, што резултира со излегување од пазарот. И покрај тоа што „Е. Леклер“ е присутен на пет европски пазари повеќе од една деценија, податоците од „ЛЗ ритеалитикс“ покажуваат дека само околу 4 отсто од неговата продажба се генерирани надвор од Франција.
 
Еден од исклучоците е групацијата „Реве“, поради нејзината радикално поинаква динамика. Нејзините меѓународни операции ги управува австриската подружница, која уште од аквизицијата, пред повеќе од 20 години, е централизирана операција. Филијалата тргува релативно независно од седиштето.
 
Зад надолната линија
 
И покрај актуелните текови, малопродажните кооперативи и нивната вкупна продажна површина ќе се зголемуваат во текот на следните пет години. Трендот на пад треба да се погледне од друг аспект, а тоа е дека други видови организации се шират побргу.
Трговците на мало во јавна или во приватна сопственост често се потпираат на скапи експанзии за да го поттикнат порастот. Тоа имплицира дека кооперативите се релативно ефикасни и добро се снаоѓаат во развојот на густината на продажбата, што е клучен услов за задржување на членовите. Некои кооперативи дури имаат и агресивни планови за проширување.
Во Велика Британија, „Кооп“ планира отворање на 100 нови продавници и реновирање на 200 годинава. „ЛЗ ритеалитикс“ очекува дека неколку малопродажни кооперативи ќе забележат пораст на продажбата за повеќе од 5% на годишно ниво од денес до 2024 година.


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...