Анализи

InSight: Македонија и пазарувањето преку електронски продавници

20 дек 2017
 

Идејата за купувањето преку интернет, како можност да си го олесниме животот, веќе одамна не е нешто ново за македонските потрошувачи. Но, колку се во тоа присутни македонските трговци со стоки за широка потрошувачка, колкав е пазарот и колку се потрошувачите подготвени за тоа?

Пишува: Васко Марковски, vasko@instore.mk

Веќе секому му е јасно дека секојдневниот живот на луѓето од градовите се сведува на трка со времето, од тековната до следната точка во личната агенда за денот, на мечтата да можеме да се клонираме себеси, па да си олесниме некако, делегирајќи ги обврските на нашите клонови, кои на крајот би ги почестиле по едно пиво за успешно и навремено завршената работа.

Но, новогодишната шега настрана.

Ако се обидеме накусо да резимираме кои беа најчестиот тип вести и кои вести ни приредија најголеми изненадувања на светската сцена во трговијата со стоки за широка потрошувачка, во годината што ја оставаме зад нас, впечатокот бргу ќе се сведе на неколку. Потреси на светските малопродажни пазари што ги предизвикуваат трговските и логистичките гиганти со изненадувачки стратегиски одлуки за преземање на навидум несродни компании на сопствениот, на соседниот или на некој од подалечните континенти. Се поедноставуваат платформите за пазарување, се намалуваат или се укинуваат надоместоците за испорака, се унапредуваат перформансите на испораката.

Во поширокиот Балкански Регион, според истражувањето на компанијата „Мастеркард" од септември годинава, се менува перцепцијата за тоа колку купувањето преку интернет е сигурно. Податоците за Србија, покажале дека 70,7% од купувачите се уверени оти купувањето преку интернет е безбедно, наспроти минатогодишните 28%.

Активните трговци на е-пазарот на стоки за широка потрошувачка во моментов можат да се избројат на едната рака. Од трговските синџири, уште помалку. Вкупно два.

Еден од поинтересните примери на трговската практика е проектот eLakolije на трговската компанија „Универекспорт" од Нови Сад, која на крајот од 2015 година постави виртуелни продавници на станиците од градскиот превоз во Белград и во Нови Сад. Купувачите имаат можност да ги купуваат производите прикажани на постер-полица со скенирање на нивните QR-кодови преку апликацијата за мобилни уреди eLakolije и да им бидат испорачани на адресата што ќе ја назначат – модел што се покажал како многу успешен во Кина и во Јужна Кореја, земји со најголем пораст на е-трговијата во светот.

Какви ќе бидат последиците од сево ова кај нас? Дали тоа тектонски ќе ги измести и позициите на моќта на локалните и регионалните трговски играчи? Дали трговските структури градени оддолу нагоре ќе успеат да им се спротивстават и да ги надмудрат, познавајќи ги подобро теренските прилики и навиките на потрошувачите?

Големо игралиште, малку играчи

Активните трговци на е-пазарот на стоки за широка потрошувачка во моментов можат да се избројат на едната рака. Од трговските синџири, уште помалку. Вкупно два.

Пионерската улога ја има „Скопски пазар", кој во 2009 го претстави првиот е-супермаркет во Македонија, doma.mk. Сервисот на пазарот понуди можност за купување 24 часа на ден. На купувачите им е достапен асортиман од 10.000 артикли, со минимална нарачка во износ од 500 денари и надоместок за испорака од 80 ден. Купувачите имаат можност да платат со платежни картички – преку интернет или при испорака на нарачката, во готово – при испораката на нарачката, а на правните лица им се дава можност за плаќање со фактура.

Втор трговски синџир што се отвори кон електронскиот пазар беше „Рептил", кој во ноември минатата година ја лансираше електронската продавница marketonline.mk.

Со продавницата е опфатена целата територија на Македонија, а асортиманот ги вклучува речиси сите производи, со исклучок на замрзнатите и свежите. Предвидените очекувања за првата година од работењето ги надминавме и сме задоволни. Типични корисници ни се луѓе што се позафатени и немаат доволно време за пазарување, или луѓе со отежнато движење, или што не можат да носат тешко – жени со мали деца, пензионери, луѓе што живеат на повисоките катови во згради што немаат лифт и фирми, вели Даница Личанин-Блажеска, сопственик и генерален менаџер на „Рептил".

Скептичноста за плаќање преку интернет се намалува, корисниците се сè подобро едуцирани – дури и повозрасните, но тргувањето со прехранбени производи, како што велат, е специфична дејност и за очекување е таа последна да забележи пораст како дел од на е-трговијата.

Се работи за храна. Aко ја земеме предвид општата состојба на пазарот и во општеството и личниот стандард на граѓаните – единственото шопинг-доживување е кога одиме во продавница, по основните секојдневни продукти. Кога би имале повеќе пари, луѓето ќе одат на викенд, на патувања, ќе одат во ресторани, а тоа што може друг да го направи, ќе остават друг да го направи. Затоа, сметам дека нашиот сектор е последниот што ќе забележи пораст во е-трговијата, смета Личанин-Блажеска.

Во текот на годинава, компанијата имаше едномесечна маркетиншка кампања, чија цел беше да им ги приближи на купувачите предностите на пазарувањето преку интернет, а имплементира и тековни кампањи преку социјалните мрежи и електронските медиуми.

Од тогаш наваму имаме континуиран пораст. Купувачите се благодарни, велат дека „сме ги спасиле", сме им заштедиле време и дека „сме ги спасиле да не носат тешко по скали". Развиваме алатки за да го чуеме нивното мислење, за да можеме уште поефикасно да ги дизајнираме услугите, вели сопственичката на „Рептил".

Новост на пазарот е веста од трговската компанија „Тинекс", која најави дека од почетокот на 2018 година ќе лансира интернет-продавници за трговскиот синџир „Тинекс" и за синџирот дрогерии „Космо", каде што ќе понудат асортиман од повеќе од 6.000 производи.

Според сознанијата на InStore, влегување на електронскиот пазар во претстојната година би можело да се очекува и од „Гранап". Без да открива детали, во изјава за InStore таквата можност jа потврди и сопственикот на „Гранап", Ристо Петков.

Колкав е, всушност, пазарот?

Според податоците на Народната банка на Македонија, во јануари 2016 биле реализирани 296.245 трансакции на виртуелни места на продажба во земјата и во странство со  платежни картички издадени во Македонија. Пораст бележи и плаќањето преку мобилен телефон.

Колку овие податоци можат да им бидат од полза на македонските трговски компании кои размислуваат дел од своето работење да насочат кон тргување преку интернет?

Тоа што досега се покажува во Македонија како број на купувачи, тоа се историски податоци, односно според трансакциите што луѓето ги направиле во период од 12 месеци или 12 години, вели Сергеј Зафировски од агенцијата „Инсајдер ИД", која неодамна објави истражување за потенцијалот на електронската трговија во Македонија.

Истражувањето опфаќа проценка на пазарот, финансиски проекции и потенцијал за интернет-продавниците во Македонија, со предвидувања и сценарија за периодот од 2017 до 2013 година.

Според оптимистичката проекција, годишната вредност на пазарот со стоки за секојдневна потрошувачка преку електронска трговија има потенцијал да достигне вредност од појдовни 40,17 милиони евра во 2017, до максимални 92,96 милиони евра во 2022 година. Песимистички гледано, финансискиот потенцијал во периодот 2017-2022 се проценува на 35,2 милиони евра во 2017, до 61,59 милиони евра во 2022 година.

Практиката покажува дека купувачите стануваат сè помалку скептични за плаќањето преку интернет, атрактивноста на понудата може да биде адут за пресврт, а обидите на трговците да ги едуцираат за придобивките, даваат резултати.

 Каде одиме?

Колку оваа шанса ќе биде искористена, останува да видиме во годината што претстои. Главните предуслови се создадени: довербата се зголемува, сè повеќе се тргува виртуелно, и со домашни и со светски сервиси за електронска трговија. Примерот со сервисот за групно купување „Групер" покажува дека скептичноста може да биде надмината со атрактивност на понудата, а и искуството на веќе присутните трговски синџири во е-трговијата вели дека секогаш е добро на купувачите да им се даде избор од повеќе начини за плаќање, поткрепени со транспарентност, „опипливост" на трговецот и чувство дека зад мониторот има живи луѓе. Шансата е отворена.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...