Talk in Business

Talk IN Business: Козметика и средства за лична хигиена

16 мар 2016
 
Доаѓаат ли подобри времиња и нови трендови?
 
                      Козметика и средства за лична хигиена                               
 
 

Козметиката е категорија што нуди многу можности за унапредување на работењето, а постојаните трендови овозможуваат ширење на категоријата и понуда на нови производи. Во глобалната слика за категоријата, потрошувачот е во фокусот со сите негови секојдневни навики поврзани со традицијата, културата итн. Потрошувачите во Македонија земаат мали делови од неа и создаваат своја поинаква слика, која производителите, дистрибутерите и трговците треба ја разберат за да создадат одржливо работење со многу брендови, на толку мал пазар.

За можните механизми за надминување на предизвиците и за новите деловни идеи разговаравме со учесниците на втората интерактивна конференција Talk IN Business, одржана на 27 ноември 2015 година. Ова е втората од вкупно 10 интерактивни конференции, чија цел е зајакнување на трговијата и наоѓање заеднички одговор како да се доближиме до купувачите.

Меѓусебната размена на знаењата и флексибилноста може да создадат поквалитетна понуда за крајните потрошувачи. Трговците во своите продажни места овозможуваат поинаков начин на позиционирање на производите со кои ги привлекуваат купувачите. Тоа може да биде дополнителен импулс за наоѓање начини за подобрување на видливоста на нивните брендови и за истакнување на нивните специфичности. Сепак, за порастот на категоријата можат да придонесат повеќе фактори: заедничка едукација на трговците и на производителите наменета за купувачите со цел поголема продажба на одреден вид козметика, фокус на иновации, продлабочување на комуникацијата меѓу производителите, односно дистрибутерите и трговците итн.

Повеќе од 30 најзначајни претставници од компаниите и од маркетите, кои се задолжени за категоријата козметика и средства за лична хигиена, имаа можност да се дружат, да дискутираат и да споделуваат искуства за предизвиците и за развојот на секторот. Меѓу присутните беа: „Унилевер" – Македонија, „Кола", „Колид С тим", „Рептил", „Рамстор", „Нелт СТ", „СП маркет", „Орбико", „Атлантик трејд", „Евростил трејд", „Харбини козметика", „СТ компани", „АВТ-интернатионал", „Тинекс", „Тим поинт" и „Хеар компани".

Настанот беше поддржан од „Дуна" и во соработка со Амбасадата на Хрватска во Македонија, ГфК и со ИПСОС.

Интерактивните конференции Talk IN Business се одржуваат еднаш месечно и на секоја ќе се обработува одредена категорија производи од FMCG-секторот. Ќе бидат презентирани вредни информации од фокусирани истражувања на пазарот, анализи на актуелни трендови и проблематики но, пред сè, ќе се споделуваат искуствата за категориите.

Очекувајте покана за следната во јануари 2016 година! 

                                           Фото-извештај                                                    
 
 
 
                                 Заклучоци од групните дискусии                                      
 

Канали за продажба на козметичките производи и на производите за лична хигиена и познавањето на потрошувачот

  • Од каналите за дистрибуција на категоријата, супермаркетите и ТТ-каналот зафаќаат високо место и според резултатите на истражувањата и според практиките и искуствата на дистрибутерите;
  • Уредувањето на просторот предвиден за козметика и за средства за лична хигиена е од заеднички интерес и за трговците и за дистрибутерите;
  • За да се зголеми продажбата на категоријата, неопходни се зголемена интеракција, размена на информации и сугестии, зголемена активност и креативност;
  • Начини за најдобро искористување на вложените средства на дистрибутерите;
  • Зголемена флексибилност на трговците, особено во делот со спецификите на просторот за категоријата;
  • Специфичности на категоријата по кои таа се разликува од другите категории;
  • Брендот има огромно влијание врз продажбата, кое дополнително треба да се развива со различни акции, презентации, летоци...;
  • Лојалноста кон брендот е многу силна, особено од женската популација.
 

Специфики во позиционирањето на категоријата и соработка меѓу маркетите и производителите, односно дистрибутерите

 

  • Одделот козметика во поголемите маркети се разликува од другите оддели, односно од под до плафон гозадржува вниманието напотрошувачот;
  • Во однос на позиционирањето, позиција која најмногу продава е 160 сантиметри;
  • Она што ја стимулира продажбата на козметика е поставувањето на ПОС-материјали и брендирањето на позициите. Инстор-промоциите, исто така, се од особено значење бидејќи на тој начин купувачите подетално се запознаваат со производите;
  • Козметичките производи што се на акција, слично како и кој било друг производ, особено се видливи кога се означуваaт во црвена боја и со зборот специјална" (понуда, цена, итн..);
  • Продажбата на импулсивни производи за оваа категорија е ограничена поради малиот простор на каса;
  • Постоењето на тестери за оваа категорија на производи е од огромно значење и нивниот недостиг во маркетите се смета за голем недостаток;
  • Зголемувањето на продажбата може да се постигне со организирање на денови на козметиката, настани за разубавување на потрошувачите, итн. Долгорочно гледано, вработувањето на т.н. консултанти кои би биле присутни со полно работно време во поголемите продажни места, е нешто за што сериозно би можеле да размислат компаниите.
 

Рефлектирање на трендовите од светот во Македонија

  • Пласирањето и позиционирањето на органската козметика во Македонија е отежнато поради тоа што кај потрошувачите сè уште не е развиена свеста за придобивките од нејзиното користење. Проблемот кај компаниите е што рокот на овие производи е многу краток, а цената висока за македонскиот стандард;
  • Едукација на потрошувачите за овој тип козметика е од големо значење, а производителите, односно дистрибутерите, заедно со маркетите можат да организираа едукации, во вид на саеми, манифестации и сл.;
  • Тренд во Македонија се козметичките производи против стареење (anti age) за кои македонските потрошувачи се добро запознаени;  
  • Голем предизвик за компаниите се декларациите и пишувањето на сите состојки со кирилично писмо, особено кога станува збор за помали производи каде што реално нема простор за големи декларации. Можеби е потребна и помош на консултанти, кои на местото на продажбата ќе ги појаснуваат придобивките на производите, но законските обврски наложуваат печатени декларации;
  • Трендот на ХАЛАЛ-козметиката во светот зема сè поголем замав, а во Македонија има потенцијал за тоа, но допрва треба да се развива. 
 
                                 Изјави од учесниците                                             
 

Марија Давитковска, бренд-менаџер и асистент за логистика, „АВТ-интернатионал"

За нас, како дистрибутери, оваа конференција има големо значење, пред сè, поради можноста за добивање позитивни повратни информации за проширување на нашите видици за понатамошниот развој и за дистрибуција на козметиката на македонскиот пазар. Компанијата „АВТ-интернатионал" е една од водечките за дистрибуција во Македонија и имаме одлична соработка со целиот малопродажен пазар, како претпочитан партнер со 20-годишно искуство во дистрибуцијата на многу важни категории, меѓу кои и козметиката. Информациите што ги добивме од презентациите ќе бидат повеќе од корисни.

Највпечатлива беше презентацијата на Мери Каталиниќ, која беше со интересни податоци што можат да се искористат во понатамошното наше проширување и истражување на пазарот на категоријата.

Елена Јаков, одговорна за детергенти, хартија и козметика, „Рамстор"

Интерактивните средби се одлична можност за размена на искуства во однос на секојдневните проблеми и предизвици со кои се среќаваме, како и за потенцијални решенија. Нашата заедничка цел е да се доближиме до македонскиот потрошувач, бидејќи сегментацијата на пазарот и дефинирањето на вистинските целни групи е голем предизвик на денешниот успешен продавач.

Презентациите на истражувањата од македонскиот и од странските пазари за одделни козметички категории, само ни ја потврдуваат потребата од постоење на официјални истражувања и податоци за современите навики на потрошувачот.

Благица Ангелковиќ, менаџер за истражување, „Ипсос пулс"

Конференцијата Talk IN Business е убава идеја за воспоставување спонтана комуникација меѓу учесниците, каде што можат да се слушнат интересни и корисни информации, да се разменат идеи и контакти.  

Сметам дека на оваа конференција недостигаа претставници од секторот на производство, кој е клучен дел од целосната слика на  FMCG-секторот. Само со соработка меѓу трговците и дистрибутерите, производителите и истражувачките агенции, односно маркетинг-агенциите, може да зборуваме за градење план и стратегија во менаџирањето со брендовите и за успешно одржување на пазарот, кој секојдневно се развива и нуди сè поголема конкуренција.

Љундрим Ологу, супервизор на продажба, „Харбини козметика"

Конференцијата Talk IN Busines и средбата Б2Б на тема козметика е една од ретките конференции од тој тип, која се грижи за интерактивноста и за соработката меѓу конкурентите, постојните и идните потенцијални соработници во козметичката индустрија. Претставувајќи ја „Харбини козметика", задоволен сум од учеството и од организацијата, со надеж за постојано подобрување и за поголемо внимание кон декоративната козметика, како водечки дел од индустријата, како и внесување на повеќе брендови (шампони, медицинско-козметички средства и сл.).

Покрај сите други добро организирани делови, последниот дел од конференцијата, односно групните дискусии на тркалезните маси, ми оставија впечаток со тоа како интерактивноста може да се издигне на повисоко ниво, како помош и поддршка за соработка меѓу учесниците во индустријата.

Марија Арсовска, бренд-менаџер, „Тим поинт"

Ги поддржувам интерактивните средби и сметам дека тие секогаш имаат голем потенцијал, се разбира, во зависност од потенцијалот на учесниците во дискусијата.

Истражувањата и анализите на пазарот се основните алатки во секој сериозен пристап во светот на бизнисот.

На конференцијата Talk IN Busines, најмногу ми се допаднаа „работните маси", односно интерактивната дискусија, на која се зборуваше за многу конкретни и практични проблеми што сите нèзасегаат, а ретко имаме можност да ги споделиме искуствата.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...