Свет

Цените во април на 10-месечен максимум

10 мај 2019

Извор: www.fao.org

Индексот на цените на храната* во април годинава во просек изнесуваше 170 поени, за 1,5% повисок во споредба со претходниот месец, со што ја достигна највисока вредност од јуни 2018 година.

На ова ниво, индексот е сепак за 2,3% понизок во споредба со април 2018 година. Освен  намалувањето на цените на житните култури, сите други подиндекси минатиот месец се зацврстија.

  • Индексот на цените на житните култури во просек изнесуваше 160 поени во април годинава, што е намалување за 2,8% во споредба со март. Априлскиот индекс во 2019 година е понизок за 5% од неговата вредност во истиот месец минатата година.
  • Во април годинава индексот на цените на растителните масла во просек изнесуваше 128,7  поени, што е зголемување за 0,9% во споредба со претходниот месец. Порастот е одраз на малите зголемувања на вредностите на палминото и на соиното масло.
  • Минатиот месец индексот на цените на млекото и на млечните производи во просек изнесуваше 215 поени, што е пораст за 5,2% во споредба со март 2019 година. Ова претставува четврто последователно зголемување на цените на млекото и на млечните производи.
  • Индексот на цените на месото* во просек изнесуваше нешто повеќе од 169 поени во март годинава, за 3% повеќе во споредба со ревидираната вредност за март. Порастот се должи на зголемувањето на цените на свинското и на говедското месо, како и на поумереното зголемување на овчото и на месото од живина.
  • Априлскиот индекс на цените на шеќерот во просек изнесуваше 181,7 поени, за 0,8% повисок од март 2019 година и за 3,2% повисок од минатогодишниот април. Последниот пораст на глобалните цени на шеќерот во голема мера беше поттикнат од поцврсти цени на суровата нафта.

* За разлика од другите групи, поголемиот дел од цените што се користат за пресметка на индексот на цените на месото не се достапни кога се пресметува и се објавува овој извештај. Вредноста на индексот на цените на месото е изведена од комбинација на проектираните и на забележаните цени.

Индексот на цените на храната на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) ја мери месечната промена на меѓународните цени на потрошувачката кошница. Тој се состои од просекот на индексите на цените на петте групи прехранбени производи, пондерирани со просечните извозни удели на секоја од групите.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...