IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Понеделник, 15.10.2018 || „Лакталис“ го купува „Нестле“ во Малезија за 40 милиони долари   |  Трговците избраа ТОП 100 производи  |  Милијардер купи удел во Starbucks  |  Перутнина Птуј“ ќе продава салами во САД   |  „Метро Бугарија“ воведува автентични млечни продукти  |  Сертификати за компаниите што се фер со потрошувачите  |  „Унилевер“ нема да се сели во Холандија   |  Трговците бираат топ 100 производи   |  Битола стана дел од големиот проект „Coca-Cola Активни зони“   |  Производителите на чоколадо се насочуваат кон Исток   |  Трошоците на живот на месечно ниво намалени, на годишно имаат раст   |  Расте добивката на „ПепсиКо“   |  „Нестле“ е заинтересиран да купи бренд за минерална вода  |  Германските трговци продаваат преку интернет   |  Нов „Стокомак“ во Тетово  |  Експресна услуга на нова локација во Струга  |   Увозот на храна расте побрзо од извозот   |  Во септември пад на светските цени на храната   |  „Фуд стар“ ќе извезува пилешко месо во Кина   |  „Цедевита“ доби концесија за вода   |   ||
   

Маалска продавница – претставуваме: „Капаел тобако“

28.06.2018
Цакум-пакум

Продавница што има два живота. Денски и ноќен. Свратилиште за минувачите што денот ќе ги однесе во околината на „Порта Буњаковец" и место во кое ќе најдат сè што ќе им затреба номадите во ноќниот живот во градот.

Разговараше:
Васко Марковски, vasko@instore.mk

„Капаел тобако" е една од најпрепознатливите компактни продавници во центарот на Скопје. Свратилиште за минувачите што денот ќе ги однесе во околината на „Порта Буњаковец" и место во кое ќе најдат сè што ќе им затреба номадите во ноќниот живот во градот.
Низ брзината на денот може и да го изумите, но секогаш кога ќе влезете повторно, ви се буди познат проблесок во срцата: Профи!

Најпрвиот шок - позитивен - е колку е сè спастрено. Неочекувано голем избор од производи, наместени, како под конец, хармонично, како надоврзани едни на други.

Со деловниот јазик набројано: тутун и производи од тутун, брендирани запалки, хартии за тутун, солени и благи кондиторски производи, средства за дезинфекција, козметика, парфеми и дезодоранси. Но, и прехранбени производи што знаат да ни затребаат во ниедно време: зејтин, шеќер, сол, млеко... Или, решенија за подарок за роденден што сте го изумиле: играчки, парфеми, ексклузивни алкохолни пијалаци. И најсекојдневни нешта:  дневен печат, списанија, оладени пијалаци, уплата на лото, дополнување кредит за мобилните оператори.

Со дуќанов сум од 2000 година. Најпрвин бев тука вработен, од 2011 година почнав сам, а од 2013 го презедов и објектот. Во бизнисот сум веќе 18 години. Идејата за „тобако"  од 2015 решив малку да ја премодулирам - од класично „тобако" кон „компактна продавница", слушаме од Панче Анастасов, сопственик и управител на „Капаел тобако".

Муштеријата треба десет пати да ти дојде во дуќанот, десет пати да му се насмееш, за единаесеттиот пат да заработиш од него. Континуитетот во работењето, долгорочното работење, мора да даде ефект.

Името на фирмата е составено од имињата на членовите на неговото семејство: Панче, Елена, Калина и Катина. Носечки производи во тргувањето се цигарите и производите од тутун, но посветени се да изградат препознатливост на продавница во која можеш да најдеш сè, во секое време.

Бидејќи е ограничена со простор, нема избор од пет артикли за еден производ - има избор од еден до два артикли - но буквално можеш да најдеш сè, до доцните часови, раскажува Панче.

Разговорот со него е инспиративен и динамичен. Слушаме за начелата што им се водилка во поглед на снабденоста и изгледот на дуќанот, за односите во тимот, за односот кон купувачите и за микрооколината како предност или хендикеп во работењето.

Работат на површина од 15 m2. Дел од истиот правен субјект од почетокот на годинава е и соседната книжарница-фотокопирница. Работат со шест вработени; тројца се членови на поблиското семејство. Но и со тие што не се, се стремат да го негуваат духот на семејност, сочувствителност и отвореност.

Има денови кога, како и во семејството, не е сè хармонично. Некогаш и јас грешам. Но, мора да прифатиме да преземаме одговорност. Тоа што е договорено, мора да се сработи - и од сопственикот и од вработениот. Муштеријата треба десет пати да ти дојде во дуќанот, десет пати да му се насмееш, за единаесеттиот пат да заработиш од него. Долгорочноста на работењето и нудењето квалитет на подолги патеки мора да дадат резултат, вели Анастасов.

Посветеноста може да се забележи и во неколку минути поминати во дуќанот, ако се погодило токму тогаш да дојдат неколку муштерии одеднаш. Но, размислуваат пошироко. Последните зборови во разгледницата му ги препуштаме на Панче. Иако е од помладата генерација, во неговите размислувања ги препознаваме старите еснафи:
Пијам кафе во локалите околу мене. Кога купувам гардероба, купувам во локал што е блиску до мене. На тој начин сакам да покажам дека сите од соседството се добредојдени и сакам моите пари, за сè што ќе ми затреба, да ги потрошам во блиската околина. Важно е тука, во нашата околина, да ни оди добро на сите. Тогаш ќе ни доаѓаат повеќе луѓе - и за другите и за нас. Тоа е тој еснафски живот што сакам да го имаме, секој со секого.



 
 
 
 
back to top