IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Недела, 24.06.2018 || „Крафт-Хајнц“ го продава Complan?  |  Отворена е 100. „Бипа“  |  „Кока-кола“ го проширува погонот во Унгарија  |  „Прилепска пиварница“ донира за Центрите за аутизам  |  „Збербанк“ ќе биде сопственик на 39,2% од „Агрокор“  |  „НТ Болеро“ отвори погон за преработка на овошје во Топола  |  „Шпар“ го отвори првиот супермаркет во Малта  |  Нови можности за квалитетните македонските вина   |  „Мегле“ почнува со дигитален процес на откуп  |  „Млекара Здравје“ се закити со 5 златни ѕвезди   |  „Нектар“ со линија за иновативни пакувања  |  „Слатка куќа“ на улица Македонија  |  „Тинекс“ со поддршка за ранливите групи  |  Tip of the Week® на англиски јазик  |  „Барила“ ќе вложи милијарда евра за одржливо работење  |  „Теско“ ја објави добивката од приватните марки  |  Успешно одржан првиот FMCG-самит во Љубљана  |  Најдобар HR менаџер e Eлизабета Мирчевска  |  „Генеза“ отвори нов погон  |  Попусти за корисниците на „Амазон прајм“ во „Хол фудс“  |   ||
   

InStory: Развојниот пат на „Зоралек-Маринковиќ“

19.02.2018
Уметност, пчеларење и бизнис

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Во недопрената природа на Мариовската Котлина лежи Вепрчани, село чие име потекнува од зборот вепар (дива свиња). Според преданието, поради чести напади и несигурност од диви животни, жителите од седум околни населби се собрале и се населиле во долот, каде што пронашле чешма. Така, на околу 40 километри од Прилеп настанало селото Вепрчани, родното место на дедото и бабата на нашиот соговорник Зоран Маринковиќ. Покрај братот Александар (лево на фотографијата), Зоран (десно) е еден од сопствениците и директор на ,,Зоралек-Маринковиќ", компанијата што го произведува органскиот мед Флорео. Приказната за тоа како семејното хоби постепено преминало во бизнис ја слушнавме од Зоран.
Сѐ почна од Вепрчани...

Пред околу половина век, почна да раскажува тој, дедо ми и баба ми, родителите на мојата мајка, заедно со неа, од Вепрчани се преселуваат во Градско, каде што во тоа време наоѓаат подобри услови за работа и за егзистенција. Во 1968 година почнуваат со пчеларење како дополнителна дејност и хоби, покрај државната работа. Почнале со одгледување на триесетина пчелни семејства, а со текот на годините бројот се зголемувал. Во 90-тите години од минатиот век знаењето и умешноста во пчеларството како хоби ги прифаќа и татко ми, кој во тоа време се занимавал со рударство. Заеднички со мајка ми и со нејзините родители успеале да стигнат до околу 150 пчелни семејства, сместени на две локации – напролет на атарот меѓу селата Фариш и Ракле, а зиме во градината на куќата во Градско.

Уште од најмала возраст (3-4 години) Зоран се запознава со животот на пчелите и со љубовта кон нив, за што, како што истакнува, најзаслужни биле дедото и бабата: Тогаш тие веќе беа пензионери и целото време го посветуваа поучувајќи нѐ мене и брат ми за усовршување на пчеларството. Дедо ми има прочитано многу литература за пчеларството како наука и го применува тоа. По подолго размислување, за да произведе квалитет, семејството решило да ги пресели пчелните семејства на терен каде што ќе нема никакво загадување, а вистинското место било токму Вепрчани.

Уште додека бил во основно, нашиот соговорник решил да го спои убавото со корисното, односно талентот за уметност да го искористи за изработка на материјали од дрво што се потребни за пчелите (сандаци, опрема и сл.). Целта ми беше јасна: пчеларството го споив со уметноста и направив нашите пчелни семејства да се разликуваат од сите други по надворешниот изглед и по функционалноста, истакнува тој.

Од хоби до семеен бизнис

Фирмата „Зоралек-Маринковиќ", чие име е спој од имињата на двајцата браќа, е основана во 2005 година како претпријатие за ископ на руда и трговија. Откако првичната дејност не успеала, фирмата не била затворена, иако единствениот вработен била мајката на Зоран и на Александар. Во меѓувреме, додека бев 5-6 одделение првпат во земјава се појави темата органско пчеларство. Почнавме да се занимаваме со термините органско и да го применуваме врз нашите пчелни семејства. На 13-14 години со проектот „Органско пчеларење" го освоив првото место на државен натпревар, кој тогаш се одржа првпат во земјава, со гордост се сеќава Зоран.

Следувал еден од пресудните моменти, кој ќе биде од големо значење за идниот развој на семејниот бизнис. Во второто полугодие од прва година општа гимназија се префрлив на економска насока во истото средно училиште во Кавадарци. Откако почнав да слушам предмети по економија и бизнис, ми дојде идеја да го употребам талентот во уметноста на парче хартија и нацртав објект за пакување и производство на мед. Локацијата веќе ми беше замислена – градината на куќата во Градско, каде што зиме ни стоеја пчелите. Не го одбрав Кавадарци, иако сум роден и живеам таму.

Веднаш откако се вратил дома, му го покажал нацртот на семејството, од кое добил поддршка за идејата. По потврдата дека е возможно да се изгради објектот со дозволи и со законски процедури, за неколку дена Зоран направил макета со сегашниот изглед на компјутер. Како што беше нацртан објектот, исто изгледа сега. Иако дедо ми и татко ми се обидуваа да направат некакви промени во планот, не попуштив. Бев прва година средно, сега би го направил многу поусовршено, со насмевка вели тој.

Сите од шестчленото семејство, сложно, со сопствени средства, напор и физички труд, ги почнале плановите за изградба на објектот уште пролетта 2010 година. Тогаш не размислував за продажба, производи и создавање бренд, имав само една јасна цел – да се изгради објектот по секоја цена, вели Зоран. По неколку години макотрпна работа и преземени ризици, прифаќање на проектот од програмата ИПАРД, па негово поништување, по многу демотивирачки моменти, конечно, во 2013 година, по неколку месеци откако се изградил делот за пакување на медот, добиле дозвола за пуштање на објектот во употреба и дозвола за извоз. Кога вербата во себе ќе ја добие поддршката од семејството, никој не може да ве победи, нагласува нашиот соговорник.

Пресвртот во „Зоралек" доаѓа во 2015 година кога раководството на компанијата го презема подмладокот – Зоран и Александар. Тоа е и годината на создавањето на брендот Флорео.

Додека траела изградбата на објектот, Маринковиќ активно ги проширувале пчелните семејства. Производството на мед и на пчелни производи го зголемиле двојно и до 2015 година достигнале до околу 400 пчелни семејства на четири локации. Трите се во Вепрчани, на растојание од околу 4 км – едниот е меѓу Вепрчани и Дуње, вториот е во селото Вепрчани, а третиот накај планината Никулица. Четвртата локација е во Ракле.

Флорео стапува на сцена

Го произведувавме најквалитетниот органски мед, имавме објект, но продажбата сѐ уште ја вршевме на локално ниво и на пазари. Трошоците ни беа речиси двојно од приходите. Мораше нешто да се смени, вели Зоран.

Промената доаѓа во 2015 година кога раководството на компанијата го презема подмладокот. Тоа е и годината на создавањето на брендот Флорео, со неговите подбрендови: Ливадски мед, Планински мед, Имуно мед, Вита мед, Дигесто мед, Релакса мед, Чоко мед, Ѓумбир мед, Цимето мед, Мед со пита и сирупот Пергастарт. Сирупот, кој содржи ферментиран поленов прав (перга), прополис, мед и јаболкова киселина, е со мариовско потекло, го имаат откриено дедо и тато. Другите нови производи беа моја идеја, а за дизајнот ни помогна маркетинг-агенцијата „Нова солушнс" од Битола.

Со новиот модерен дизајн, производите биле подготвени за потрошувачите. Најпрвин, „Зоралек" почнала соработка со фармацевтскиот синџир „Зегин" и со неколку специјализирани продажни места за здрава храна низ целата земја, како и со локалните синџири маркети. Од почетокот на минатата година фирмата почнала и со директна достава до домашна адреса преку карго. Тоа се покажа како добар начин на продажба, на кој потрошувачите постепено се навикнуваат. Предноста е што кога луѓето ќе ни се јават, детално им објаснуваме за секој производ и подобро ги запознаваме со придобивките. За производот дознаваат од прва рака. Тие не велат дека медот е скап, веќе знаат дека за да се добие една лажичка, 20-30 пчели го посветуваат целиот свој живот.

Зоран открива дека веќе имаат воспоставено контакти за влез и на косовскиот пазар, а во преговори се и со германска компанија која работи преку интернет.
Младите Зоран (23) и Александар (19) секојдневно го надградуваат знаењето и ги следат светските трендови, а за промоција на брендот Флорео, најчесто ги користат социјалните медиуми, на кои постојано се активни и достапни.

Од насмевката на нашиот соговорник можевме да заклучиме колку е горд и задоволен од постигнатиот успех. Пчеларството мора да се работи како семеен бизнис, не може никој сам. Ние сме 100% посветенина тоа и не работиме ништо друго. Успеав во целта уште на млади години во сопствената земја да си обезбедам себеси, на брат ми и на целото семејство долгорочна работа и егзистенција, а иднината ја гледам во сопствената држава. Секако, ќе настојуваме да го прошириме производството, производствените капацитети и да отвориме нови работни места. Иако сѐ уште немаме директни вработувања за долгорочно, веќе соработуваме со неколку пчеларски фамилии, кои активно и индиректно работат за производство на квалитетен мед и пчелни производи, вели Зоран и додава дека би сакал да придонесе и за проширување на целокупното одгледување на пчелни семејства во Македонија, контролирано и квалитетно производство на мед и на пчелни производи – Само здружени ќе може да понудиме сигурен извоз, порачува тој.





 
 
 
 
back to top