IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Четврток, 23.11.2017 || Просечната нето-плата во септември – 23.229 денари  |  Голем пораст за приватните трговски марки на „Теско“  |  Амазон оди „во шопинг“  |  „Попова кула“ со добивка од 4,8 милиони денари  |  Задолжителна квота за жени во управувањето со компаниите  |  „Дониа“ наградена со јубилејно признание  |  „Алибаба“ со нова инвестиција од 2,9 милијарди долари   |  Почнува втората потрага по „Добри брендови“  |  „Хол фудс“ со поголеми снижувања за премиум членовите на „Амазон“  |  „Тиквеш“ го претстави годинашното младо вино  |  Argeta веќе се произведува и во САД  |  Поповолна економска состојба во преработувачката индустрија во октомври   |  Зголемен прометот во индустријата во септември  |  Деловни средби за нови партнерства  |  Унапредување на трговските односи меѓу двете земји  |  „Нестле“ ќе го реорганизира бизнисот со храна за бебиња  |  „Нимрод“ е втор снабдувач со дивеч во Европа  |  Крањските колбаси собраа 1.200 посетители  |  „Кооп“ воведува свинско без антибиотици  |  Месото најскапо во Швајцарија  |   ||
   

Билјана Пеева-Ѓуриќ: Работиме на унапредување на деловниот амбиент во трговијата

17.08.2017

Билјана Пеева-Ѓуриќ, директор во Стопанската комора на Македонија

Разговараше: Наташа Атанасова, natasha@instore.mk

На почетокот на јули, претставници од Стопанската комора на Македонија на прес-конференција ја претставија иницијативата за измена на Законот за алкохолни пијалаци. Станува збор за прашања што се горливи подолго време, а што ги засегаат како производителите на алкохолни пијалаци, така и трговците на големо и на мало. За иницијативата, аргументацијата и за следните чекори во унапредување на деловниот амбиент во трговијата, разговаравме со Билјана Пеева-Ѓуриќ, директор во Стопанската комора на Македонија.

 

Стопанската комора на Македонија до Министерството за економија поднесе иницијатива за измена на Законот за алкохолни пијалаци. Кои се точно вашите барања?

Иницијативата за изменување на Законот за трговија која ја доставивме до Министерството за економија произлегува од барањата на компаниите-членки на Здружението на трговијата и Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија при Стопанската комора на Македонија. Основата на оваа иницијатива е предлогот за укинување на обврската за поседување лиценца за продажба на алкохолни пијалаци (која е со важност од две години и со можност за продолжување со високи износи на надоместоци за лиценците, особено за големите трговци) и за отстранување на ограничувањето во однос на работното време во кое може да се врши продажба на алкохолни пијалаци (по 19 часот, односно по 21 часот до 6 часот).

Според Светската здравствена организација, просечната потрошувачка на алкохол по жител во 2015 година во Македонија изнесувала 5,7 литри, што е значително помалку од европскиот просек од околу 10 литри по жител.

Кои се главните аргументи врз кои се базира иницијативата?

Во изминатите девет години од примената на овие ограничувања во трговијата, Стопанската комора на Македонија континуирано укажуваше на тоа дека со нивната примена се нанесува голема финансиска штета на трговците на големо и на мало, како и на компаниите од индустријата за производство на ваков вид пијалаци, што негативно се одрази на нивниот развој и предизвика намалување на бројот на работни места.

Еден од главните аргументи за воведување на овие рестрикции во продажбата на алкохолните пијалаци беше да се намали консумацијата на алкохол во земјата, особено кај младите. Но, напротив, во последниот извештај на Институтот за јавно здравје, објавен во 2016 година, се констатира: „Консумацијата на алкохол денес не е само појава кај возрасните лица, туку и кај младите луѓе, чиј број од ден на ден станува сèпоголем". Од ова произлегува дека единствена ефикасна мерка за намалување на достапноста на алкохолот кај младите е доследната и ригорозна примена на законските одредби за забрана на продажба и за точење на алкохол на лица помлади од 18 години, а не „прохибиција" за сите.

Во земјите-членки на ЕУ не постојат законски ограничувања за продажбата на алкохолни пијалаци, како што е случајот во Македонија, а од друга страна, многу од европските држави воопшто не предвидуваат обврска за поседување посебни лиценци за продажба на алкохолни пијалаци.

Трошоците за добивање лиценца за продажба на алкохолни пијалаци (а уште повеќе и трошоците за нејзиното продолжување), како и трошоците за исполнување на минималните технички услови за продажба на алкохолни пијалаци, во согласност со подзаконските акти од оваа област, создаваат уште поголеми проблеми за деловните субјекти, од причина што не секогаш се почитуваат роковите за издавање на лиценците од страна на надлежните органи, поради зголемен обем на активности или други објективни причини, со што барателите на лиценци честопати, и покрај поднесувањето на барањата во законскиот рок, сепак се соочуваат со проблемот на нивно ненавремено издавање, а со тоа и со прекини и со застои во продажбата на алкохолни пијалаци за одреден период до издавањето на лиценцата.

 Со ваквата регулатива губат малите трговски субјекти како резултат на високите трошоци за добивање и за продолжување на лиценците, а потрошувачката се прелеала во поголемите субјекти кои имаат дозвола.

Трговците долго време се жалеа и на ограниченото време за продажба на алкохолни пијалаци и на наметнатите обврски за лиценци за нивно продавање. Зошто досега се чекаше за оваа иницијатива?

Оваа иницијатива не е прво и ново барање на трговците и на производителите на алкохолни пијалаци во земјава. Здружението на трговијата уште во јануари 2012 година поднесе иницијатива со која реагираше на негативните ефекти што беа предизвикани врз продажбата и условите за продолжување на лиценците за продажба на алкохолни пијалаци. Имено, за добивање лиценца за продажба на алкохол, која е со важност од две години, трговецот е должен да плати надомест во износ од 20.000 денари на сметка на републичкиот буџет, а за продолжување на лиценцата, да плати надомест во износ од 5.000 денари за секој продажен објект, ако трговецот има до три продажни објекти, и 15.000 денари за секој продажен објект, ако има над три продажни објекти, како и 0,05% од вкупниот промет остварен во претходната година. Ова значи дека за да може да се добие продолжување на лиценцата за продажба на алкохолни пијалаци, потребно е да се плати 0,05% од вкупниот промет што се остварува на ниво на деловниот субјект, а јасно е дека од продажбата на алкохолни пијалаци се остварува само дел од вкупниот промет, кој во најголем дел се остварува од продажбата на останатиот широк асортиман на производи на деловниот субјект.

Како продолжение на ова, во ноември 2015 година, Здружението на трговијата и Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија повторно поднесоа иницијатива за измена на Законот за трговија во делот на отстранување на ограничувањата поврзани со продажбата на алкохолни пијалаци, кои се базираа на конкретни анкетни истражувања меѓу членките на комората. Тогаш се укажа и на потенцијалната можност за зголемување на сивата економија во оваа област, односно дека најголемиот дел од субјектите што се занимаваат со трговија на мало низ целата територија на земјата се мали, семејни бизниси, кои немаат финансиска моќ и кои, поради рестриктивните услови, воопшто и не поседуваат лиценца за продажба на алкохолни пијалаци.

Последната наша иницијатива, која ја поднесовме на 10 јули 2017 година, е само повторување на нашите барања, кои се базирани на податоци од нашите членки, но и од меѓународните организации кои редовно прибираат и обработуваат податоци за просечната и за вкупната потрошувачка на алкохолни пијалаци по жител, ограничувањата во секоја земја посебно во однос на работните часови за продажба, потребните лиценци и други ограничувања.

На прес-конференцијата кажавте дека од вкупно 13.000 трговски објекти во земјава, околу 5.500 се откажале од продавањето алкохол. Дали имате податоци за тоа колкав дел од затворените трговски објекти изминатите години (особено помалите маалски продавници) биле целосно затворени како резултат на непродавањето алкохолни производи?

Податоците што ги наведовме за трговските субјекти кои се откажале од продавање алкохол, се резултат на истражувања на пазарот, кои покажуваат дека со ваквата регулатива губат малите трговски субјекти како резултат на високите трошоци за добивање и за продолжување на лиценците, а потрошувачката се прелеала во поголемите субјекти кои имаат дозвола. Загубата од прометот кај овие објекти е голема затоа што дури 60% од прометот во овие објекти се остварувале токму со продажба на ваков вид производи – пиво, вино и сл. Има и случаи кои покажуваат дека со таквата регулатива се зголемила сивата економија преку продажба на алкохол во малите субјекти без поседување лиценца.

 На наше големо задоволство, Министерството за економија нè контактираше за реализирање на заедничка средба за разгледување и за аргументирање на нашите барања.

Кои се најголемите негативни ефекти што ги забележаа производителите на алкохолни пијалаци од ограничувањето на продажбата до 19 односно до 21 часот и, во согласност со тоа, загубите на производителите на пиво и на вино поради ограничувањето на продажбата и забраната во вечерните часови?

Негативните ефекти ги чувствуваат производителите на алкохолни пијалаци, пред сè производителите на вино и на пиво, како и субјектите кои се занимаваат со трговија на големо и на мало, а ефектот за намалена консумација кај младата популација не е постигнат. Само во првата година по воведувањето на забраната за продажба на алкохол по 19 часот, во 2008 година, падот на волуменот, само кај домашната индустрија за пиво изнесувал 16%. Кумулативно, во првите три години, домашната индустрија за пиво падна за цели 25%. Само во првите три години од примената на ригорозните законски одредби, вкупната загуба во буџетот на државата, од ненаплатени акцизи и од ДДВ, од регистрираниот пад во домашната пивска индустрија е поголема од 14 милиони евра. Оваа сума е добиена ако се знае дека вкупните давачки кон државата за 1HL пиво, со количество на алкохол од 5%, во тој момент изнeсувала 78,8 евра.

Дали сте во комуникација со Министерството за економија и, реално, дали гледате расположеност за спроведување на измените во Законот што ги предлагате?

На наше големо задоволство, Министерството за економија нè контактираше за реализирање на заедничка средба, на која ќе присуствуваат претставници од комората и, соодветно, од Здружението за трговија и од Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија. На средбата ќе се разгледаат нашите барања и аргументирано ќе се образложат, со што очекуваме дека во конструктивна дискусија ќе се најдат заемно прифатливи решенија.

Постои потреба од попрецизно дефинирање на термините акција, распродажба, сезонско намалување, трајно намалување, нов производ... кои се честопати причина за разни недоразбирања, па и за казнувања од инспекциските служби.

Здружението за трговија во рамки на СКМ најави иницијативи за измени и за дополнувања и на повеќе други закони кои позначајно влијаат врз работењето на компаниите во областа на трговијата, кои ќе се доставуваат до соодветните министерства, со соодветни аргументирани образложенија. Кои се „најитните" меѓу нив?

Комплексниот начин на работа на трговците, особено на маркетите, во делот на информирањето на купувачите и спроведувањето на маркетиншките активности за поттикнување на продажбата, ја наметнаа потребата од прецизирање на одредбите од Законот за заштита на потрошувачите, со опфаќање на можноста за намалување на одредени цени на одредени производи за определен период – за еден ден, викенд, недела, еден месец, како и за производи за определена намена. Поради наведените причини, трговците ќе иницираат и нови предлози за во законот да се предвидат повеќе различни облици на продажба, кои би ги опфатиле сите облици што и сега трговците во Македонија и во сите други земји ги применуваат, а се во согласност со искуствата од европските земји. Тоа се однесува на потребата од попрецизно дефинирање на термините акција, распродажба, сезонско намалување, трајно намалување, нов производ... кои се честопати причина за разни недоразбирања, па и за казнувања од инспекциските служби.

Потребно е и усогласување на времето и на местото за дотур на стока во локалите за продажба на мало и на големо со локалните власти, барањата околу Законот за извршување, каде што, секако, се засегнати и трговците, во функција на ефикасна постапка за извршување, која ќе овозможи брза наплата на побарувањата кои не можеле да се наплатат по доброволен пат, а за кои постои соодветна законска основа...

Постојат голем број барања и иницијативи кои тековно ќе бидат обработувани и ќе бидат спроведени анкети, истражувања на пазарот и врз основа на стручни анализи и аргументирани барања, ќе се доставуваат до надлежните институции...

Дали очекувате подобрување на бизнис-климата за трговските компании во земјава?

Секогаш кај деловната заедница постои оптимизам дека условите за водење бизнис ќе се подобрат. Ако појдеме и од последните податоци од оценката на раководителите на деловните субјекти, индикаторот на доверба во трговијата на мало во второто тримесечје од 2017 година е зголемен за 1% во однос на истото тримесечје од 2016 година. Eкономската состојба на деловните субјекти во овој период е поповолна, а се очекува така да продолжи и до крајот на годината. Притоа, охрабрува и податокот дека количеството на резервите се намалува.

Тоа што е од исклучителна важност за компаниите е редовна и навремена консултација за регулативата од значење за трговците, преземање мерки за намалување на сивата економија, како и информирање и едуцирање за регулативата поврзана со заштитата на потрошувачите. Не помалку значајно е и решавањето на прашањето за остварување на превентивната, наместо репресивната функција на инспекциските органи при вршење инспекциски надзор во компаниите, како и надминувањето на секојдневните проблеми и тешкотии со кои се соочуваат деловните субјекти како договорни органи при спроведувањето на постапките за јавни набавки. Ова се само дел од прашањата што ги има посочено Стопанската комора на Македонија пред Владата, како приоритети за постапување и за решавање со цел унапредување на деловниот амбиент во земјата.


 
 
 
 
back to top