IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Сабота, 21.04.2018 || „Млин и пекара Љубаче“ со нова инвестиција  |  Natur Premium пристигнува на македонскиот пазар  |  „Монделез“ вложува 90 милиони евра во „фабрика на иднината“  |  „Рамстор“ го отвори 25.маркет  |  „Хенкел“ отвори нова фабрика Somat во Крушевац  |  „Сан Пелегрино“ со приход од 895 милиони евра  |  „Карфур“ ги отвори првите пунктови испорака за пешаци  |  „Персу“ ги повика локалните производители да соработуваат  |  „Кимберли Кларк“ ќе го проширува капацитетот во Алабама  |  „Витамин“ на саемот во Мостар  |  Владимир Косијер нов генерален директор на „Пивара Скопје“  |  „Амазон“ е во преговори со авио-превозникот „Азул“  |  „Домаќа трговина“ со ново место за пазарење  |  Клучно одобрување на „Бајер“ за „Монсанто“  |  „Витаминка“ го рестартира производството на Брилијант  |  Во Сплит отворен првиот супермаркет „Шпар гурмет“  |  Розовиот Kit Kat пристигнува и во Европа  |  „Млекарнa Целеиа“ забележа пораст од 9%  |  „Ошан“ лансира нов формат во Украина  |  „Мирана“ ја купи „Аронија здрава храна“  |   ||
   

Горан Теменугов: Почна...

11.04.2018
Наместо да се фокусираме на „не даваме", дали не е момент во јавната расправа сите ние што ја движиме економијата да го вметнеме прашањето што ќе добиеме за парите кои екстра ќе ѝ ги дадеме на државата?


Пишува: Горан Теменугов, новинар

Почна. Отстрелот на министерот за финансии Драган Тевдовски е во полн ек. Во него стрелаат од повеќе страни. Првата е јавноста. Тој предизвика бура со најавата дека секој месечен приход над 1.000 евра ќе се даночи со нова, повисока стапка од 18 отсто персонален данок од јануари 2019 година. Ова значи дека ако имате приходи од 1.500 евра месечно, за илјада ќе плаќате 10 отсто, а за остатокот 18. Математиката вели дека државата ќе ви земе дополнителни 40 евра. Како сумата расте, така и зафаќањето во апсолутна бројка ќе биде поголемо. 

Од Министерството за финансии велат дека ова ќе засегне само два отсто од најбогатите. Се прават пресметки. Поради ова, во моментов циркулира една бројка од 39 милиони евра што ќе се соберат по оваа основа. Но, ова не е прецизно бидејќи кој сè ќе плаќа ќе се знае во втората половина на април.

Нели е време на Тевдовски јавно да му го поставиме прашањето и да чекаме одговор каде ќе се потрошат овие пари, како ќе овозможи за платеното конечно да добиеме пристојна услуга. Како и кога?

И ова страшно боли. Боли кога државата толку ќе брцне во џебот на оној што со својот труд и ум спечалил нешто. И затоа е оправдан бунтот на јавноста. На оној дел што заработува над илјада евра месечно.

Отстрелот на Тевдовски не е само од овие луѓе. Му се навртија медиумите, но и дел од колегите во владата, кои сметаат дека прагот од каде што треба да важи  новата стапка треба да е повисок. 

И за овие, третиве што тргнаа во отстрел имам донекаде разбирање. Навистина е логично прашањето дали илјада евра е границата дека некој е богат. И затоа да треба да плати повеќе. 

Да расчистиме. Во држава која има 139.009 вработени во администрација, распоредени во 1.300 институции, државни претпријатија и органи, а од кои 15 постојат, немаат ниту еден, внимавајте, ниту еден вработен! Има и 1.600 луѓе, вработени во 2008 година, кои дури годинава, секако ако сакаат и единствено ако сакаат, првпат ќе бидат распоредени на работни задачи и ќе мора да се појават на работа. Затоа, да одвоиш од свој џеб екстра пари за да ги финансираш, едноставно боли до коска. Како да ти прават лоботомија без анестезија и да ти велат дека тоа е за твое здравје, оти ќе ти влезел свеж воздух.

Да, токму ова претходново, како и лошото здравство, лошото образование, лошите патишта и желбата на сите што се во политика на ангро да ги трошат буџетските пари, секако преку огромна наплата на патарини и сметки по кафеани, се силните аргументи на оние што треба повисоко да се даночат дека не треба да ги дадат своите пари.

Со ова и јас целосно се согласувам. Не треба Владата дополнително да ја става раката во нашите џебови, во услови кога парите истекуваат од Буџетот во непознат правец. Навистина е спорно зошто оние што заработуваат од својот ум, од своите вештини, од својата волја да бидат на пазарот на трудот, во приватниот сектор, да финансираат 140.000 административци кои кога ќе нè видат на шалтерите нè дочекуваат со погледот дека тие се врховните битија, а ние малите и ништожни нивни поданици.

Сепак, наместо да се фокусираме на „не даваме", дали не е момент во јавната расправа сите ние што работиме приватно, работници, менаџери и сопственици, сите што ја движиме економијата и ги финансираме административците и политичарите, да го вметнеме прашањето што ќе добиеме за парите кои екстра ќе ѝ ги дадеме на државата.

Нели е време на Тевдовски, кој можеби незаслужено е на отстрел, јавно да му го поставиме прашањето и да чекаме одговор каде ќе се потрошат овие пари и јасно да ни каже како ќе овозможи за платеното конечно да добиеме пристојна услуга. Како и кога.

Ова е важно бидејќи премиерот Зоран Заев одговори дека овој пат ќе има политичка волја да се спроведе овој дел од програмата на Владата и на СДСМ.

П.С. Сите што се против поголемите давачки и како аргумент посочуваат дека ништо не добиваат од државата, нека го намалат доживувањето. Сепак, во болница во оваа земја се родиле, се школувале и ги направиле парите. Тоа го направиле благодарение на сите оние што од своите скромни примања, кои кај мнозинството се далеку од илјада евра месечно, одвојувале за таквото школство, здравство, инфраструктура и друго.


 
 
 
 
back to top